Отворена ретроспективата на Серафимовски во Загреб
"Чувствувам огромно задоволство. Чувството е како да не се враќам во Загреб по 50 години туку по пет дена. Имаше овации на отворањето на споменикот на Гај што се одржа во присуство на претседателите на Македонската и на на Хрватската академија на науките и уметностите Старделов и Магуш, како и на ненадминатиот градоначалник на Загреб Милан Бандиќ. По овие настани овде, убеден сум дека за секој автор што е суштински поврзан со своите дела, каде што се тие таму е и неговата татковина. Се чувствувам како дома и можам да кажам дека Хрватска е мојата духовна крстилница", ни рече вчера академик Серафимовски.
Изложбата е реализирана како соработката на МАНУ и ХАЗУ и содржи 73 скулптури, 73 цртежи, 33 постери. Дела од Серафимовски, поставени во Македонија и низ светот. Академик Серафимовски важи за продолжувач на школата на големиот хрватски и европски скулптор Иван Мештровиќ. Тој во 1953 година заминува за Сплит каде што сакал да се запише во Средното уметничко училиште. Неговиот професор Петар Ружиќ, директен соработник на Мештровиќ, го премислува, и Томе, живеејќи девет години во Сплит, завршува во одделот за скулптура. Потоа тој се запишува на Хрватската ликовна академија во Загреб каде што дипломира во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Неговиот професор, заедно со професорот и европски познат сликар Крсто Хегедушиќ го препорачуваат Серафимовски за стипендија во Париз. Тие рани години од кариерата на Серафимовски, со светски заокружено образование како хрватски ученик, се пресудни во развојот на македонскиот уметник, за што тој и денес искажува искрена благодарност.