Европскиот универзитет е единствена високообразовна институција во Македонија која вовела предмет за дизајнирање на плакати и амбалажа
Многу свежи и оригинални идејни решенија на филмски плакати виде публиката прексиноќа во Мултимедијалниот центар "Мала станица" на изложбата што ја подготвија студентите на Првиот приватен универзитет Европски универзитет РМ. Видовме плакати за македонските филмови "Црно семе", "Превртено", "Пред дождот", потоа странските оскаровци "Прекрасен ум", "Мемоарите на една гејша", Хичкоковиот "Птици", "Убиј го Бил", "Хостел 2", "Животот е убав", "Танчар во ноќта", "Другите".
Изложбата, која е дел од годинашниот 11-ти Скопје филмски фестивал, ја организираа студентите од Факултетот за арт и дизајн на Европски универзитет, Студентскиот сојуз при ЕУРМ, во соработка со "Наше Маало" и Националната галерија на Македонија. Студентите се претставуваат со 22 плакати, а меѓу идните академци има студенти од прва и втора студиска година. Најголем дел од делата се изработени во состав на предметот Дизајн на плакат и амбалажа, кој се следи во насоката Графички дизајн.
Изложбата ја отвори деканот на Факултетот, доц. д-р Донка Барџиева Трајковска, а селекцијата на делата ја направија доц. Игор Сековски и доц. Гордана Вренцоска.
-Воодушевен бев од идејните решенија на плакатите што ги изработија студентите и слободно можам да кажам дека во 95 проценти се подобри и од оригиналите, вели доц. Игор Сековски, кој на Европскиот универзитет го предава предметот Дизајнирање на плакати и амбалажа. Овој прв приватен универзитет е единствена високообразовна институција во Македонија која вовела предмет за дизајнирање на плакати и амбалажа, иако делумно овие насоки се изучуваат на Факултетот за ликовна уметност.
- Дизајнирање на плакат како посебна дисциплина досега не се третираше посебно. Европски универзитет сега веќе има предмет на Факултетот за арт и дизајн и мислам дека работите веќе се приближуваат во позитивна насока. Одлично е што студентите сами ја дадоа идејата дизајнираните плакати да ги изложат пред јавноста, вели Сековски. Доцент Гордана Вренцовска, која годинава го изработи и плакатот за Скопски филмски фестивал вели дека студентите веќе покажале знаци на зрелост и во креативноста.
-Се надевам дека соработката со СФФ ќе стане традиционална и следната година повторно ќе имаме изложба со нови плакати, вели Вренцовска и додава дека студентот од Европски универзитет Апостол Тноковски, годинава работеше на дизајнирањето на веб страницата на Скопски филмски фестивал.
Анита ЈОВАНОСКА
Фото: Д. АНДОНОВСКИ