Скопје, 28 октомври 2012 (МИА) - Авторот на „Нишан“ - романот кој ги освои книжевните награди во Македонија и кој наскоро ќе има четврто издание на македонски јазик, покрај преводите на српски и на англиски, одново ги заинтересира читателите со најновата книга - „Црна лисица“, објавена од „Матица“. Новинарот и писател Блаже Миневски овојпат напиша потресна приказна за македонската политичка емиграција во Европа, за што зборува во интервјуто за МИА.
Вашиот најнов роман, „Црна лисица“, и го посветивте на македонската политичка емиграција. Кои се ликовите низ 500-ината страници и од кого и кога биле прогонувани?
Да, романот „Црна лисица“ е посветен на македонската политичка емиграција, но притоа, веднаш би сакал да кажам дека не само што е посветен, туку е и напишан за неа, всушност тоа е роман за македонската политичка емиграција. Се разбира, претходно, пред да се почне со испишување на приказната, за да се сфати суштината на македонското дисидентство, за кое со децении учевме дека всушност не постои, требаше да се соберат доволно факти, документи, сведоштва, да се истражува во архивите, да се разговара со сведоци и учесници, да се анализираат настани, да се живее малку во кожата на македонските политички емигранти како во кожата на црна лисица која за да не ја фатат ќе ја одгризи својата скршена нога и ќе продолжи да живее со три нозе. Инаку, како новинар, во деведесеттите години на минатиот век објавував текстови кои го третираа македонскиот потиснат патриотизам, анкетирав бивши политички затвореници, осудени за идејата за независна Македонија, така што генерално не ми беше туѓа темата за македонската политичка емиграција. Доколку се тргне настрана новинарското професионално љубопитство, тогаш конкретното истражување за романот траеше околу една година, а притоа поминав илјадници страници документи, сведоштва, извештаи, доушнички доставки, снимени разговори во приватни станови и телефонски контакти симнати на хартија, запленети преписки и многу оперативни фотографии од следења и документирање на активностите на емиграцијата. Станува збор за огромен полициско-доушнички материјал, документи на УДБ-а и СДБ, кои, секако, претходно внимателно мораше да бидат селектирани и анализирани, а потоа авторски обработени како граѓа за роман, односно вградени во приказната која не е сосема вистинита, но не е ни сосема измислена, а тоа значи дека документите беа трансформирани во фикција, а фикцијата засилена со документи. Само на тој начин можеше да се „сублимира“ материјалот кој, во документите што ги имав на увид, содржи стотици вистински личности, а во романот сето тоа како „своја“ биографија го преземаат педесетина ликови. Дали е тоа добро, дали е потресно, дали функционира како уметничка вистина, дали е успешно изведено како роман, можат да кажат само читателите. А фактот што за десетина дена, како што ме информира издавачот на романот, се продале речиси две третини од тиражот, секако зборува за огромниот интерес што го предизвика темата што ја третира „Црна лисица“. А темата за македонската политичка емиграција ја сочинуваат стотици Македонци протерани или заминати од Македонија по Втората светска војна. Затоа „Црна лисица“ не е и не може да биде роман за еден човек, не е роман за Драган Богдановски, најпознатиот македонски политички емигрант, како што можеше да се прочита во некои гласила, но истовремено, се разбира, тој е роман и за Драган Богдановски. Сакам да кажам, „Црна лисица“ не е биографија на еден човек; „Црна лисица“ е биографија на македонското дисидентство, односно биографија на сите оние што ја сакале Македонија повеќе одошто било дозволено.
Според рецензијата, книгата нема дневно-политички паралели, но темата потсетува на тековната верификација на фактите т.е. лустрирање соработници на тајните служби. Што Ве поттикна да пишувате за политичките жртви?
Самите политички жртви. Знаете, македонскиот дисидент како личност содржи повеќе историски, политички, психолошки и социолошки слоеви. Имало периоди кога да се биде Македонец значело да се биде дисидент. Самата Македонија била дисидент, протерана од својата територија како име, како чувство, како јазик, како факт. Но, тоа е многу поширока тема од просторот предвиден за ваков разговор. Трагичноста на најновата македонската политичка емиграција беше во тоа што партиско- полициско-политичката македонска структура мислеше дека ја брани Македонија со тоа што не дозволува да се мисли поинаку од неа, а секаква идеја за назависна или обединета Македонија е кривично дело за долгогодишна затворска казна. И не само што ги затвораа, туку и ги киднапираа, ги убиваа, ги присилуваа да бидат кодоши и слично. Читајќи ги документите не можев да поверувам дека сето тоа навистина се случувало до пред десетина години. А се случувало со живи луѓе и со вистински личности. Затоа мене во голем дел потоа ми остана само да го направам уверливо, реалноста да ја пренесам така како што била, а читателите да веруваат дека тоа навистина се случило. Еден од нив деновиве ми кажа дека читајќи го романот имал впечаток дека станува збор за роман за македонските политички доушници. Веројатно има право, зашто за секој македонски патриот во странство, неговата татковина Македонија испраќала барем по пет кодоши на државна сметка. Сите што одвојувале од своите плати за разните даноци ги плаќале нивните авионски карти, хонорари, специјализации, усовршувања, ручеци и вечери, фотографски апарати за службена употреба, подароци за подмитување и слично. Сега, за среќа, мислам дека таквите состојби никогаш веќе нема да се повторат, зашто таквата идеолошка машинерија што произведувала непријатели од сите што не мислеле како неа, според нејзините идеолошки стандарди, мислам дека веќе никогаш нема да стане доминантна државна опција во Македонија. Македонија сега е независна држава, а плурализмот дозволува слобода на говорот и мислењето. Сега е дозволено Македонија да се сака толку колку што секој може достоинствено да издржи. Мислам дека сега веќе нема никакви причини за дисидентство, но сметам дека докрај треба да се заврши процесот на лустрација за да може општеството да се ослободи од траумите на минатото, да расчисти со кодошлакот и да го преболи таканаречениот синдром на самоуништување. Паралелно со тоа можеби треба да се рехабилитираат или, уште повеќе, да се афирмираат и реафирмираат затемнетите делови и личности од нашата историја за да се тргне кон иднината, зашто без минато, без чисто минато, нема ни чиста иднина. Затоа мислам дека е добро да се обелоденат сите кодоши, но да се соопшти вистината и за сите што биле кодошени, зашто и меѓу нив не се сите „јунак до јунака“, има и таму „плевел“ и „полжави“. Од разни причини, се разбира.
Вакви опсежни трудови, базирани на веродостојност, документарност и автентичност, бараат одговорен пристап и многу истражување. Колку време траеше собирањето податоци и дали наидовте на бариери во тој процес?
Самиот процес на физичко, конкретно истражување, значи самиот преглед и претрес околу десетина илјади документи за македонската политичка емиграција, траеше нешто повеќе од една година. Се разбира, освен документите, мораше да се патува, да се види просторот, да се одреди топографијата на приказната според документите, а истовремено да се соберат и стотина изјави на директни учесници или сведоци на некои од настаните третирани во романот. Немаше никакви бариери, но сето тоа бараше посветеност, бараше трпение за да се состави уверлива слика на едно време и на една состојба. Секако, бидејќи романот е фикција, односно не е вистина, не е реалност надвор од себе, не морав да имам „одговорен“ пристап кон документите, но морав да бидам одговорен кон „вистината“ на романот, зашто секој роман има своја вистина и од таа вистина зависи неговата уверливост, неговата автентичност, неговата судбина. Знаете, секој роман се пишува тешко, и добар и лош. Разликата е само во талентот.
Зошто насловот „Црна лисица“?
Заради лисицата. И сето она што е поврзано со неа. Само, знаете, и кога би сакал, не би можел да ги откријам сите значења на насловот, зашто авторот не знае сè однапред, не знае што ќе открие читателот. Затоа, секој обид писателот да го толкува насловот е само обид, и ништо повеќе. Сепак, нешто треба да се каже. Еве, на пример, ќе ви кажам едно сведоштво што го слушнав од еден мој пријател, аматер-зоолог. Според него, само лисицата, меѓу сите живи суштества на планетата, доколку ја скрши ногата и таа не може да зарасне, со свои заби ја одгризува за да не и пречи во движењето. Продолжува да живее со три нозе, но не се откажува од движењето, од смислата на животот, а смислата на нејзиниот живот е упорноста, лукавоста, потрагата и движењето. Ако се знае тоа, и ако се знае дека нашата лисица е црна, останува само уште прашањето – дали постои црна лисица, и, доколку постои, дали е црна затоа што така сака Бог, или затоа што така сака Ѓаволот; црна затоа што е црна или црна од црнилото низ кое минува. Макар и на три нозе, се разбира. Како и да е, вистинската смисла на секое дело ја дава читателот, а читателите на „Црна лисица“ го знаат крајот на романот со сите дополнителни асоцијации поврзани со насловот. хс/паг/11:20