Македонскиот центар за фотографија доби вредни колекции од Петернек и Велтерс, а во САД прв пат изложи стари македонски фотографии изработени од оригинални негативи
Македонскиот центар за фотографија во рамки на одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес доби од мајсторот на фотографијата, Томислав Петернек, важен подарок, дел од неговите фотографии снимени неколку дена по земјотресот што ги презентираше на изложба во МАНУ, но и комплимент за својата досегашната работа во визуелното меморирање на историјата.
Директорот на Центарот, Роберт Јанкуловски, посочува дека станува збор за вредна колекција од 35 фотографии изработени од оригинални негативи.
„Фотографиите на Петернек се доста значајни од два аспекти, како уметнички дела со извонреден квалитет, а истовремено претставуваат и вреден документ кој сведочи за страшната катастрофа што го погоди Скопје пред 50 години. Тие се потврда дека новинската фотографија претставува уметност. Со подарената колекција се збогати збирката на современа фотографија во архивот на Македонскиот центар за фотографија која е малубројна во однос на збирката стари фотографии, односно фотографии и негативи снимени до средината на 20 век“, рече тој.
Во ова пригода потсети и дека во рамките на проектот „Фотографијата- сведок или жртва“, кој го изработи Центарот како дел од платформата „Скопје се сеќава“ каде што главен финансиер беше Амбасадата на Кралството Холандија, Центарот организираше и изложба во Кинотеката на Македонија на „не помалку вредни фотографии“ на холандскиот автор Франс Велтерс. „Господинот Велтерс исто така ни ги подари дваесетте фотографии од изложбата, сведоци на времето за време на земјотресот. При отворањето на двете изложби разговаравме со граѓани кои ни рекоа дека имаат фотографии од земјотресот и беа заинтересирани за нивна заштита и презентација“.
Запрашан дали е задоволен од досегашниот процес на прибирање стари македонски фотографии, од бројот на досега собраните примероци и дали во процесот на прибирање и нивно проучување се откриени и нови, досега непознати автори, Јанкулоски потенцира:
„Нашата колекција брои нешто повеќе од 80.000 единици (стаклени плочи, негативи на пластика со различни формати, стари фотографии), а со оваа бројка се опфатени исклучиво само оригиналните материјали. Оваа колекција е создавана петнаесетина години и претставува само мал дел од фотографската историја на Македонија.
Не сакам да звучи нескромно, но повеќето автори беа непознати додека не почнавме да ги изложуваме нивните фотографии. Сега овие имиња се цитираат од наши историчари во текстови посветени на старата македонска фотографија, а нивните дела биле изложени само на изложби во организација на Македонскиот центар за фотографија. Ова ме радува затоа што е дел од основните цели на Центарот: промоција на македонската фотографија и македонските фотографи“.
Прв пат минатиот месец дел од својата збирка од стари фотографии, Центарот изложи во САД, во Македонскиот центар во Њујорк, а Јанкулоски смета дека тоа беше и прво изложување на стари македонски фотографии на американскиот континент воопшто. „На изложбата беа презентирани 50 фотографии изработени од оригинални негативи. Посетеноста беше добра, а и реакциите од публиката на која освен за фотографиите и' зборувавме и за македонската историја и култура. Изложбата ја посетија и неколку еминентни уметници и фотографи, па како резултат на тоа сега работиме еден проект со фотографии эа еден њујоршки издавач. Самата процедура е на почеток, но според реакцијата на фотографот кој не' препорача, се надевам дека за година или две ќе имаме промоција на фотографска книга во Њујорк“.
Сегашниот третман на колекцијата на стара македонска фотографија и на Македонскиот центар за фотографија (чиј досегашен развој и постоење во голем дел беа овозможени од поддршката добиена и од странство), од страна на надлежните домашни институции, за Роберт Јанкуловски е се' уште е болно прашање, затоа што како што вели, „амбициите се големи, но верувам остварливи“.
„Наша крајна цел е формирање Музеј на фотографија со сопствен изложбен простор, депо за чување на материјалите и лабораторија за конзервација и реставрација на фотографии. Досега имаме одлична соработка со Министерството за култура, Националната галерија и Кинотеката на Македонија. Но, кога станува збор за финансиите, тие навистина се мали затоа што Македонскиот центар за фотографија е една од многубројните установи кои се финансираат исклучиво од проекти. „Минатата година во соработка со Кинотеката на Македонија направивме елаборат за валоризација на нашата збирка кој беше позитивно оценет од Управата за заштита на културното наследство и сега чекаме решение од Владата со кое се потврдува дека станува збор за збирка од национален интерес што ќе биде чекор понапред кон нашата цел“, рече тој. Најави дека во рамки на проектот „Фотографијата - сведок или жртва“ покрај двете реализирани изложби на Петернек и Велтерс и предавањата во ЕУ Инфо- центарот, заедно со Моника Мотеска ќе работат на изработка на документарен видеофилм и фотоинсталација во врска со земјотресот, но и на меѓународна конференција на тема „Заштита на фотографското наследство за време на природни катастрофи“. Двата настани се планирани за месец ноември.
Извор: Утрински весник- Катерина Богоева