Фестивал на театар на сенки во Скопје
Московскиот „Практика театар“ со претставата „Ненапишаната приказна“ вечерва во 19.30 часот ќе го отвори првото издание на интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ во киното „Фросина“ во Скопје. Фестивалот што ќе трае три дена, а го организира здружението „Сенки и облаци“.
- „Сонот на облачето“ е фестивал што ќе им овозможи на децата и на младите од нашата земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности, со различни начини на раскажување и игра. Фестивалот има и хуманитарен карактер зашто ќе бидат вклучени и општествено-маргинализирани групи, деца без родители од СОС Детското село, а и други малцински групи за кои се обезбедени бесплатен билет и превоз за фестивалот. Очекуваме дека ќе го зголемиме интересот за театарот кај децата – велат организаторите.
Ќе гостува и театарот „Kараѓоз театар“ од Истанбул, а скопскиот театар на сенки „Сенки и облаци“ ќе ја изведе „Малиот принц“.
Ќе биде отворена и изложба на фигури од театар на сенки, а од 18 часот ќе се одржуваат работилници за деца каде што ќе може да учат различни техники за изработка на кукли (фигури за театар на сенки).
Извор: http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=24FFAB68C7A8BB46AA9008CA8EE6D03B