Дел од Универзитетската библиотека наменет за визуелно хендикепираните
Отворена библиотека за слепи
Слепите лица добија библиотека адаптирана според нивните потреби. Се простира на 200 метри квадратни и е дел од комплексот на Универзитетската библиотека "Св. Климент Охридски". Новиот библиотечен центар својата функција ќе ја врши во естетски обликувана средина, квалитетен, модерно адаптиран и функционален простор. Центарот е опремен со машина за печатење книги со Брајово писмо, вклучително и просторија за подготовка на книгите за печат, комплетно опремено студио за снимање на звучни книги и читална за реализација на програма за поширока културна анимација.
Новото одделение е прво во државава и е отворено со поддршка на Владата на РМ, Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика.
- Ова ќе значи доближување до книгата печатена во специјални техники за слепите до широк круг на визуелно хендикепираните читатели во Македонија. Ние веќе се договоривме 10 од насловите на нобеловците, кои ќе ги изберат членовите на Сојузот на слепи, да добијат и аудиоверзија, изјави премиерот Груевски на отворањето. На свечената церемонија присуствуваа и министрите од ресорните министерства како и десетина лица со оштетен вид.
- Ова за нас е голем ден. Се надеваме дека наскоро со Брајово писмо ќе бидат отпечатени делата на сите македонски автори, изјавија од Сојузот на слепи.
Во државава се регистрирани 2500 слепи и лица со оштетен вид.
(Е.А.)