Јанино, јанино, Конец, Плочка, Џамија, Челик, Кибритче, Мижи баба- ова се некои од игрите кои ги играле нашите баби. Иако игрите навидум се обични, преку секоја од нив децата можат да научат нешто - логика, математика, да развиваат креативно мислење, да решаваат проблеми. Преку играта Конец,на пример,децата учеле од што е направен конецот.
Основци од 5 училишта од државава заедно со своите наставници со проектот Бабини игри го освоија прво место на европскиот натпревар на Мајкрософт за иновативни наставници. Децата истражувале на интернет за игрите кои ги играле нивните баби. Секоја нова информација преку конференциска врска се пренесувала до сите учесници во проектот. Целта била да се поврзе традицијата со најновите достигнувања во информатичката технологија.
“Секоја игра е според наставните програми, прилагодена на возраста на децата”, вели Марина Василева координатор на проектот.
“Во Москва успеавме да покажеме дека и наставниците во Македонија работат и ја користат технологијата за да ги оспособат учениците за 21 век, да им покажат вештини како да ја користат технологијата во секојдневниот живот”, вели Добри Јовевски координатор на проектот.
Учениците кои учествуваа во овој проект, побараа од министрите да покажат колку знаат да ги играат подзаборавените игри.
“Мене за ова ми треба интернет”, вели Иво Ивановски министер за информатичка технологија.
“Повеќе нема да се ословуваме со “Македонче”, ние сме горди Македонци, покажавме дека одиме кон највисоките достигнувања”, вели Никола Тодоров министер за образование и наука.
На натпреварот во Москва учествувале 44 земји од Европа со повеќе од 80 проекти. Бабините игри во ноември одат во Вашингтон, каде ќе се одржи светскиот натпревар.
Емилија Јовановска - Канал 5
Друго:
МАКЕДОНСКИ „БАБИНИ ИГРИ“ ОСВОИЈА ПРВО МЕСТО ВО МОСКВА