Монаси ќе ја оживуваат духовноста на Плаошник
Обновата на некогашниот Светиклиментов универзитет на Плаошник во Охрид ќе почне летово, на површина од 6.000 квадратни метри, во близина на сегашната црква „Св. Климент и Пантелејмон“. Во рамки на комплексот ќе бидат изградени девет објекти, меѓу кои и Музеј на словенската писменост, Институт за хуманистички науки, библиотека, а тука ќе биде преселен и богословскиот факултет од Скопје, како и познатата Охридска галерија на икони. - Во близина на обновената црква ќе бидат изградени конаци за монашката заедница, која ќе биде формирана тука, со што на оваа почва повторно ќе заживее духовниот живот, а Плаошник ќе ја продолжи мисијата на словенскиот просветител - вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, најавувајќи дека комплексот треба да биде готов до крајот на 2010 година. Пред обновата на Плаошник како духовен центар, интензивно ќе продолжат археолошките ископувања на локалитетот, кој важи за една од најплодните археолошки почви кај нас и кој треба да биде доистражен пред почетокот на обновата на Светиклиментовиот универзитет. Артефактите од Плаошник ќе бидат изложени во комплексот и ќе им бидат на располагање на домашните и на странските истражувачи, како и на специјализантите по археологија, антропологија, историја, византологија и средновековие. - Плаошник изобилува со културни слоеви од бронзено време, ранохристијанство, среден век, се до денес. Се што е најдено, од капител, мозаик, па до керамика ќе се конзервира, а посетителите ќе можат да патуваат низ времето - вели Кузман. Според неодамнешните најави на премиерот Никола Груевски, обновата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник ќе чини околу шест милиони евра. Со обновата на Светиклиментовиот универзитет се прави обид за продолжување на традицијата на Охридската книжевна школа, која активно постоела на преминот од 9 во 10 век. Во манастирот, за седум години Свети Климент исшколувал 3.500 ученици, бројка поради која овој центар се нарекува прв универзитет на Балканот.
Нема првонаградено
решение за комплексот
Конкурсот за идејно решение за возобновување на комплексот на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид е продолжен за еден месец бидејќи не е понудено доволно добро решение, соопшти вчера Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културното наследство.
Тој вели дека на конкурсот, кој траеше два месеца, се пријавиле десет архитектонски планови. Но, никој од нив не добил прва награда.
Втората награда ја доби португалскиот архитект Жозе Марија Фереира Дијас, единствен конкурент од странство. Третонаграден, пак, е трудот на архитектите Јулијана Богоевска, Катерина Карага и Милена Шундовска, а комисијата решила да откупи уште пет труда.
Претседател на комисијата, која решаваше за конкурсот е академик Крум Томовски, а членови се Благоја Колев, Вера Битракова-Грозданова, Митко Хаџи Пуља, Лазар Шуманов, Христина Станева од Бугарија и митрополитот Тимотеј.
ВРЕМЕ 29-30.05. 2009