Археолошките активности се одвиваат во континуитет, трета година по ред, и се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија. Носител на проектот е НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, во соработка со НУ Музеј – Гевгелија ...
Во тек се истражувањата на археолошкиот локалитет Мрдаја, на брегот од Дојранското Езеро, кој беше откриен во 2012 година при градежните работи за проширување на градската плажа во Стар Дојран. Археолошките активности се одвиваат во континуитет, трета година по ред, и се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија. Носител на проектот е НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, во соработка со НУ Музеј – Гевгелија.
Богатиот археолошки движен и недвижен материјал е со хронолошка припадност во доцнобронзеното време и преодот кон железното време. Во таа смисла, досега се откриени 54 колци од палафитна населба и изработки од бронза (ножеви, српови, јадици, како и една секира), цели или фрагментирани делови од керамички садови со карактеристична мат-обоена декорација и специфичните амфоровидни садови богато украсени со врежување. Евидентирани се и фрагменти од керамички садови за секојдневна употреба и складирање на прехранбени продукти. Сиве овие наоди упатуваат на припадност на долновардарскиот културен круг, со временска определба во периодот од XIII до XI век пред Христа.
Извор: Министерство за култура на РМ