ВО ШТИПСКО НОВО СЕЛО
Конзервација на фрескоживописот во Св. Спас
Стручните екипи од Штипскиот музеј започнаа со конзервација на фрескоживописот во црквата Вознесение Христово, Св. Спас во штипско Ново Село. Проектот е предвиден во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура и ќе се одвива во неколку фази.
"По извршените анализи со активностите ќе бидат опфатени живописот од периодот на градењето на црквата во 1388 година и врз кој подоцна, во 1601 е насликан нов фрескоживопис од зографот Јован. Ќе се изврши консолидација на оштетените делови и отстранување на причинителите на сегашните и на идните оштетувања на обоениот слој на ѕидното сликарство. Во изминатиот период, поради присутната влага на ѕидното сликарство, констатирани се сериозни оштетувања, кои ќе се надминат со предвидените конзерваторско - реставраторски работи", велат од Министерството.
Црквата Вознесение Христово, Св. Спас е изградена од страна на војводата Димитрие како еднокорабна базилика со впечатливо обликувана надворешност.
Извор: http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=3746A32CCC30C940A6923AED293F66E4