Скопје, 6 јануари 2012 (МИА) - На плоштадот „Пела“ во Скопје денеска свечено беше пуштен во употреба објектот „Порта Македонија“, на која се прикажани мотиви од македонската историја, култура и традиција. „Порта Македонија“ претставува симбол на големата историска победа - создавањето независна и суверена Република Македонија.
Премиерот Никола Груевски истакна дека Проектот „Скопје 2014“ во кој спаѓа и „Портата Македонија“ беше еден од најоспоруваните проекти досега.
- Има ли една нација, народ или една држава поголем триумф од независноста, праша премиерот и додаде дека објектот беше замислен како симбол со кој ќе се одбележи 20 - годишнината од независноста на Македонија.
Со приказ на македонската историја низ вековите и со својата мултифункционалност „Портата Македонија“, се очекува да биде нова туристичка атракција за сите граѓани и посетители во земјата, велат во Министерството. Носител на проектот е Министерството за култура.
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска истакна дека Портата Македонија е потврда на нашето цивилизациско мото кое вели дека светот го препознаваме како натпревар на културите. - Ќе посакам „Портата Македонија“ да биде монументална книга на македонските подвизи, место на кое како што вели големиот Гете, уметноста ќе биде посредник на она што не може да се каже со зборови, рече Канческа - Милевска.
Портата, чиј автор е академската скулпторка Валентина Стевановска, која го изработи и „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, ја красат триесетина релјефи изработени од мермер кои прикажуваат делови од историјата на македонскиот народ. Мотивите од длабок релјеф се поставени на сите страни на објектот. Меѓу нив се прикажани Александар Македонски и Филип Втори со фалангата, Јустинијан Први, Цар Самоил, Крале Марко, Карпош. Има релјефни мотиви на Илинденското востание, на АСНОМ, прогласувањето на независна Македонија во 1991 година. На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот „Свети Јован Бигорски“, претставена е и охридска куќа, Даут-пашин амам, Мостот на поезијата во Струга... Во горниот дел од фасадата, на четирите агли се поставени скулптури - човечки фигури лиени во бронза.
Портата е висока 21 метар. До врвот водат два лифта и две скалила. Внатре има галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување.
На промоцијата на „Портата Македонија“ присуствуваа повеќе министри, пратеници, директори на јавни претпријатија, градоначалници и граѓани на Скопје.
„Портата Македонија“ е прв објект што Министерството за култура го промовора во 2012 година и е дел од проектот за поставување 35 скулптури во центарот на Скопје. Од него за реализација ќе останат уште трите врби во Вардар кои, според најавите од Министерството, ќе бидат промовирани овој или наредниот месец. мд/ев/15:01