Дванаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ започнува на 27 мај и ќе трае до 31 мај, во Струмица, под мотото „Мали приказни – голем ум“. На фестивалот ќе бидат прикажани 21 кратки играни, документарни и анимирани филмови во главната конкуренција, 12 во ревијалната програма, како и 4 долгометражни филмови.
За Златната, Сребрената и Бронзената потковица, за Старозлатниот проектор, како и за наградите „Ѓорги Абаџиев“ и „Ацо Алексов“ ќе се натпреваруваат кратките филмови: ПЕЛТЕК на Бенџамин Клири, ДОЛЖНОСТ на Ангел Манзано, НИКУЛЕЦ на Барни Фрајдман, СИН на Филип Сотниченко, СОСЕДОТ ОД ГОРНИОТ КАТ на Поја Бадкобех, СИПАНИЦИ на Фулвио Рисулео, КАВАЛЧЕ на Панајотис Краварис, ПОГРЕБАЛЕН ТИМ 12 на Дејвид Дарг, НИЗ ПРОЗОРСКОТО ОКНО на Девн Вестлејк, МИЛЈИ ДА ПОМИНАМ ПРЕД ДА ЗАСПИЈАМ на Хана Ховит, КОРЕНИТЕ НА ЗЛОТО на Желимир Гвардиол, ОСВЕТЛЕНАТА ТЕМНИНА на Арсим Фазлија, ОПСЕГ НА МОЖНОСТИ на Кристина Пичи, ЦИРКУС ДЕБРЕ БЕРАН на Лукас Бергер, ПРИКАЗНА НА МЕЧЕТО на Габриел Осорио Варгас, ЧОВЕКОТ ШТО НЕ САКАШЕ ДА УМРЕ на Гоце Цветановски, КРУЖНО ПАТУВАЊЕ НА МАРЕТО на Жарко Иванов, ЦРТЕЖИ НА КАРПИ на Енрико Диего, МАЃЕПСАНИОТ ГУЧО на Дарија Копиец, БУДАЛИОТ ЏЕК на Алексеј Черногоров и ПАТУВАЊЕ ПЕШ на Крис Кембе.
Во ревијалната ретроспективна програма ќе се прикажат интересни филмови од македонски автори: ДЕВОЈКАТА ШТО ПАЃА на Владимир Лукаш, САМ на Тања Симоновска, ПОСЛЕДНИ ЧЕКОРИ на Стефан Сидовски, НЕЗРЕЛИ ЦРЕШИ на Небојша Јовановиќ, КАРМА на Владимир Митревски и ШШШТ... ЗАПЕЈ МИ на Андреј Волкашин.
Годинава за „Астерфест“ и неговата публика ова е ретка можност да се запознаеме со една атрактивната и растечка продукција во областа на овој формат. Во оваа програма, која годинава е во фокусот на израелскиот краток филм, Влатко Галевски ги одбра филмовите: НЕШТО МНОГУ МАЛО, МИЛИ БОЖЕ, НИОША, ЈАЛОВА и ЦРЕШИ.
Во чест на лауреатите ќе бидат прикажани филмовите ТАНДАРА-МАНДАРА, долгометражен филм за деца, и ТУВАЛУ, двата во режија на Вајт Хелмер, како и НАХРАНИ МЕ СО ЗБОРОВИ во режија на Мартин Турк, со Борис Каваца во главната улога.
Како куриозитет ќе биде прикажан филмот ЖЕД на Димитрие Османли, во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија.
Филмологот Атанас Чупоски како селектор на главната натпреварувачка програма, за одбраните филмови вели: „Квалитетот на пристигнатите филмови за селекција за годишново издание на Астерфест беше навистина импресивен, и тоа во сите категории, и во категориите на документарен и анимиран филм, а особено во категоријата на краткометражен игран филм. Во поглед на застапеноста на националните кинематографии, во официјалната селекција на ова издание влегоа филмови претежно од европска продукција: шпанска, португалска, француска, италијанска, ирска, финска, полска, украинска, руска, српска, грчка и, се разбира, македонска, но и филмови од САД, Канада, Чиле, Иран. Во годишнава селекција ги имаме и двата добитника на Оскар и еден номиниран за наградата.“
Специјални лауреати на „Астерфест“ оваа година се Борис Каваца и Вајт Хелмер. Каваца е добитник на специјалното признание на Тивериополската филмска алијанса за високи достигнувања во филмската уметност, а Хелмер е добитник на престижната награда Астер за високи достигнувања во светскиот филм.
Словенечкиот актер и сценарист Борис Каваца е роден во 1939 година, во Милано. Завршил АГРФТ во Љубљана, каде што и денес живее. Одиграл голем број улоги на филмот, телевизијата и театарот. Бил професор по актерска игра и игра пред камера. Избран е за амбасадор на УНИЦЕФ. За него Весна Милек го напиша биографскиот роман „Каваца“. Каваца ги напишал сценаријата за филмовите: „Корморан“, „Тринаесетка“, „Примерот Феликс Лангус или како да се освои слободата“. Ги добил наградите: словенечката национална Награда за животно дело, Наградата на фестивалот во Порторож, Наградата Весна, Прешернова награда, неколкукратен добитник е на Борштниковата награда, Златниот ловоров венец на МЕСС, Стериината награда. Има освоено многу награди на сите филмски и театарски фестивали во бивша Југославија. Играл во долгометражни и кратки филмови, како и во ТВ-филмови и серии. Соработувал со режисерите: Матјаж Клопчич, Лордан Зафрановиќ, Боштјан Хладник, Франце Штиглиц, Карпо Година, Мартин Турк, Миха Книфиц и други. Одиграл впечатливи улоги во филмовите: „Маки по Матеј“, „Бели треви“, „Пиран-Пирано“, „Браќа по мајка“, „Херцог“, „Црвениот буги“, „Вила Орхидеја“, „Корморан“, „Триангл“, „Чамчатка“, „Нахрани ме со зборови“, „Ловец на облаци“, како и низа други улоги.
Сценаристот, режисер и продуцент Вајт Хелмер е роден во 1968 година. Својот прв филм го снимил на 14-годишна возраст. Студирал филмска режија на Универзитетот за филм и телевизија во Минхен. Бил копродуцент на играниот филм „Трик на светлината“, во режија на Вим Вендерс, премиерно прикажан во Венеција, во 1997 година. Неговиот прв игран филм „Тувалу“, со Денис Лавант во главната улога, беше поканет на 62 фестивали, меѓу кои во Сан Себастијан, Лондон, Чикаго, Берлин и Карлови Вари. Филмот беше снимен од Буена виста интернационал. Неговиот втор игран филм „Порта до рајот“, со Мики Манојловиќ и Удо Киер во главните улоги, беше снимен од Prokino/20th Century Fox. Неговиот трет игран филм „Апсурдистан“ беше премиерно прикажан во Санденс и има добиено награди на низа фестивали. Неговиот последен игран филм „Бајконур“ беше премиерно прикажан во Пусан и досега е продаден во повеќе од 20 земји. Освен играни филмови, Вајт Хелмер има режирано и три документарни филмови. „Зад каучот“ беше награден неколкупати и беше прикажан од Би-би-си и 20 телевизии на сите континтенти. Во август 2002 г. Вајт стана член на Европската филмска академија. Учествуваше на неколку обуки поддржани од МЕДИА програмата. Одржува предавања во училишта за филм во Прага, Бејрут, Тбилиси, Џакарта и Алмати. Живее во Берлин. Вајт Хелмер е еден од најнаградуваните современи европски режисери.
За лауреатите Хелмер и Каваца се предвидени традиционалните Астер портрети и Тивериополски беседи во манастирот во Велјуса. Исто така, ќе биде одржана и мала работилница со Матеј и Русомир Богдановски на тема „Стрипот и филмот“.
Сите филмски проекции се одржуваат во НУЦК „Антон Панов“, а фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и од Општина Струмица.