(Обновено)
свештеник Филип Парфенов
12.5.2007
Со други зборови, Црквата не е само место за спасување на луѓето коишто се присоединиле кон неа, туку и арена на поларизација на силите на светлината и на темнината, во која доаѓа до погибел на оние нејзини членови коишто го избрале и го засакале патот на темнината... На крајот од краиштата, Јуда бил меѓу избраните најблиски Христови ученици. И работата не е само во тоа дека меѓу служителите на Црквата секој десетти-дванаесетти може да биде јуда! Второто искушение се состои во тоа што во практичниот живот на Црквата – не како Тело Христово, туку како организација, која во многу нешта наликува на множество други земни организации – непрестајната Христова проповед често несвесно се заменува со проповед за самата Црква, односно за црковноста како севкупност на определени правила и прописи, за што отец Александар Шмеман пишува во своите дневници:
„Црковноста“ би требало да ослободува. Но во нејзината сегашна тоналност таа не ослободува, туку поробува, стеснува, осиромашува. Човекот почнува да се интересира за „стар“ и за „нов“ стил, за епископски расправии или, пак, за различни слаткоречивости. И тој постепено почнува да ја восприема духовноста како неопходност од читање скверни книги (застрашувачки по својата бедност и реторичност) и најразлични брошури за чудесија и за чудотворни икони, од постојано дрдорење на религиозни теми и сл. Наместо Црквата да го учи човека да гледа на светот и на животот на нејзин начин, таа го учи да гледа на самата неа. Наместо на нов начин да се прифати самиот себеси и својот живот, човекот смета дека е негов долг да навлече врз себе некаква безлична наметка, исчадена и импрегнирана со мирис на посно масло, наметка на таканаречено „благочестие“. Наместо да знае (макар само толку!) што е тоа радост, светлина, смисла, вечност, тој станува раздразлив, тесноград, нетрпелив, и често просто зол, при што дури и не се кае поради тоа, зашто сето тоа, нели, е дел од „црковноста“.
Оваа мисла е присутна и кај Сергеј Фудел, кој во спомените за отец Сергиј Дурлин пишува за призракот или за двојникот на Црквата, кој паразитира на самата Црква. Тој „призрак“, или неговиот „двојник“, извршува во историјата страшно провокативно дело: создава впечаток кај луѓето дека друга Црква освен него не постои, дека на земјата веќе нема Христова правда, дека на земјата веќе го нема Телото Христово, „обвиткано со плаштеница“. Затоа поделбата на христијаните на различни конфесии, којашто постои веќе одамна, не исклучувајќи ги ниту самите православни, сама по себе е промисла: макар што коренот на поделбата е во човечките гревови, во оваа поделба повеќе се претпочитаат разликите во гревовите, отколку единството во гревот, како што, впрочем, се случило и при градењето на Вавилонската кула! Протестантизмот живее и ќе продолжи да живее токму поради таа причина, зашто не сака обичната „црковност“ да го заклони Христа. Зашто, антихристот започнува со тоа што се претставува како Христос, и тој, фактички, е подготвен заради „црковноста“ да го заборави Христа. Кулминација на тие состојби е прекрасно опишана во „Големиот инквизитор“ од Достоевски, преку зборовите на самиот инквизитор:
„Јас многу добро знам што ќе кажеш Ти. Дека Ти немаш основа ниту право да додадеш што и да е кон она што си Го кажал порано. Зошто тогаш дојде да ни пречиш? Зашто, Ти дојде да ни пречиш, и Самиот го знаеш тоа... Јас не знам кој си Ти, и не сакам да знам: без оглед дали си Ти тоа, или само некакво Негово подобие, јас утре ќе Те осудам и ќе Те спалам на клада како најлош еретик, и самиот народ, кој сега ги целива Твоите нозе, утре на само еден мој знак ќе се нафрли да го закопа јагленот од кладата на која те спалив, го знаеш ли Ти тоа?...“
Низ сите овие соблазни христијаните допрва ќе треба да поминат, веројатно, низ нови свијоци, кога поларизацијата на христоцентричните и „црковноцентричните“ сили ќе се манифестира сè посилно и појасно. Како што претпоставил, на пр., Владимир Соловјев, во „Повеста за антихристот“, преку зборовите на централниот јунак на повеста:
„Сакани браќа! Знам дека меѓу вас има и такви за кои во христијанството најскапо од сè е неговото свето предание, старите символи, старите песни и молитви, икони и чинот на богослужење. И навистина, што може да биде поскапоцено од тоа за една религиозна душа? Но, знајте, возљубени, дека денес потпишав указ, и дека се доделени големи средства за Сесветскиот музеј на христијанската археологија во нашиот славен императорски град Константинопол со цел собирање, изучување и зачувување на сите споменици на црковната древност, главно источната, а вас ве молам утре да изберете комисија од вашата средина за разгледување, заедно со мене, на оне мерки коишто треба да се преземат со цел можно приближување на современата секојдневност, морал и обичаи кон преданието и кон светата православна црква! Браќа православни! На кого му е по срце оваа моја волја, кој според чувството во своето срце може да ме нарече свој вистински водач и владика, нека дојде при мене...“.
Општо земено, кога човекот е глув за верата, не е надарен за мистично чувство или, пак, е скептички настроен спрема религиозно-филозофската проблематика, тој може да биде подеднакво оддалечен и од Христа и од Неговиот антипод. Кога човекот е религиозен, па дури и кога е религиозно надарен и образован, него од Христа до антихриста, со тек на времето, може да го дели само еден чекор, доколку самиот е исполнет со гордост, желба за слава и властољубие.