Иако присутна во светот над две илјади години, многупати досега внатре во Црквата, како и надвор од неа, се вршеле дебати која е мисијата на Црквата во светот. Внатре во неа работите се многу јасни преку животот на Црквата, кои треба да се актуализираат преку Преданието на Црквата низ вековите кон остварувањето на есхатолошката полнота. Надвор од Црквата секогаш се сакало да и се укаже на нејзиното место во општеството, особено во современиот свет, иако тоа се правело и во минатото. Па така, на Црквата и се доделувало место особено во каритативните дејности, хуманитарни мисии итн., а во минатото нејзината улога ја гледале преку реализирање на мисијата на покрстувањето нехристијанско население да се искористи за реализирање некои големодржавни интереси. Во првиот случај станува збор за употреба на Црквата за реализирање на некои многу полезни работи иако само на чисто човечка основа. Во вториот случај станува збор за злоупотреба на Црквата за реализација на работи со штетни последици. И во двата примера низ историјата ќе го препознаеме дејствувањето на Црквата преку таа мисија, особено во Западната хемисфера.
Мисијата на Црквата во овој свет е да го пројавува новиот живот во Христа и да ја актуализира крајната цел на искупувањето и спасението – Царството Божјо. Оваа мисија во светот Црквата ја остварува преку Светата Литургија. Литургијата не е просто црковен чин или обред каде што ќе ја реализираме нашата религиозност за да добиеме некаков душевен мир, туку преку Литургијата Црквата се реализира во она што е, Тело Христово, и го означува Божјото присуство, Христовото присуство во овој свет преку заедничарањето со Него, кое се остварува во Светата Причест, која не е симбол, туку е Тело и Крв Христова. Преку Литургијата Црквата го реализира излезот од овој свет во Царството Божјо, кое го очекуваме, во единството со Создателот и Спасителот. Сето ова ако нашиот одговор е слободен на Божјиот дар, а Црквата е човечкиот одговор на тој дар. Црквата преку Литургијата потврдува дека нема постојан дом и дека нема ништо на овој свет со што може да се спореди. Таа низ Литургијата е во постојано движење кон вечноста и враќање во светот. Црквата, истовремено, е и растење и усовршување во верата, љубовта, во познанието, кое го пренесува на светот. Откривањето на Божјото присуство во Литургијата и тежнеењето кон Царството Божјо не е негација на светот, туку напротив, тоа е афирмација и прифаќање на светот како објект на љубовта Божја. Мисијата на Црквата не е спасение на човекот од светот или спасување од светот, туку спасување на човекот и светот. Без учество во Литургијата, која е Тајна на Божјото присуство, не би имале за што да сведочиме како христијани.
Дали оваа мисија ќе ја оствариме зависи пред се од нас во Црквата, дали на дело сме ги прифатиле Христовите зборови, барајте го најпрво Царството Божјо и се друго ќе ви се даде.
Извор: Нова Македонија
Посети:{moshits}