Во сабота, на 17 ноември 2007 година, Неговата Светост Рускиот патријарх Алексиј II отслужи бдение во храмот на Христос Спасителот во Москва, во сослужение на голем број архиереи од сите помесни Православни Цркви. Инаку, на овој ден се навршија 90 години откако на помесен собор во Москва повторно е востановена Руската Црква во Патријаршија. Во храмот на Христос Спасителот во Москва на 18 ноември 1917 година востоличен е за новоизбран патријарх Московски и на цела Русија Тихон (Белавин), кој е прогласен за Светител во 1989 година. По бдението патријархот Алексиј зборуваше за светиот патријарх Тихон и на сите им го препорача него да го имаат за пример во истрајноста во верата.
Наредниот ден, на 18 ноември 2007 година, Рускиот патријарх отслужи Света Литургија во сослужение со повеќе митрополитот од Руската Православна Црква и со други претставници од Помесните православни Цркви. Во својата беседа Патријархот Алексиј II зборуваше за личноста на свети Тихон и за неговото време, а особено ги нагласи неговите подвизи кои допринесоа Руската Црква повторно да биде Патријаршија. Патријархот повторно потсети на 17 мај 2007 година кога во храмот на Христос Спасителот беше потпишан актот за воспоставување на канонско единство на Руската Православна Црква.
извор: Патриархиа.ру
Преземено од сајтот на МПЦ