31 август 2015 лето Господово
За време на неделната проповед Патријарх Илија II се обрати со беседа кон паствата.
Во името на Отецот, Синот, и Светиот Дух:
„Со нас е Бог!
Времињата се менуваат и ние се менуваме заедно со нив. Сега е страшно време. Се случува преврат на сѐ - вредности, добродетели, добрини. Сè се менува. Тоа што нашите предци порано го сметале за грев, зло, сега некој се труди да го шири. Таа нечистотија и злоба. И ете во ова време на промени, човекот треба да го сочува своето јасно расудување. Реката тече и често ни се паѓа да пливаме спроти текот. Сакам сега да зборувам за нашата младина. Младината многу често паѓа во очај. Тие даваат испити и често се случува талентиран човек да не може да се запише на висока образовна институција, а ете послаби од него успеваат. Ние не смееме да ја губиме надежта. Животот е многулик и многу разгранет. Не е задолжително за човек да заврши високо образование. Главен учител на човекот е тој самиот. Има мноштво професии и животни патишта. Ете затоа доколку вам не ви успее на едно место, или пак, не се запишете на едно училиште, обидете се во второ, во трето, во десетто... Обидете се да се занимавате со физички труд, пробајте да се занимавате со земјоделие и Господ задолжително ќе ви испрати благодатна помош и добра среќа. Би сакал пред сѐ да ве замолам сите вас да ги избегнувате наркотиците, да го избегнувате пијанството, да бегате од лоши дела и Господ сигурно ќе ги оправда сите ваши надежи и ќе ви помогне. И кога барате помош од Бога, вие не смеете воопшто да имате сомнеж. Кога човек се сомнева тој не го добива бараното и неговата молба не се исполнува.
Токму затоа не треба да се сомневаме кога бараме од Господа. Господ вели: ’Барајте и ќе ви се даде‘. Барајте со радост, со љубов, со вера и Господ ќе ви даде, доколку тоа ви е од полза. ’Барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори‘. Господ да ви даде сила. Господ да ви удели мудрост. Вие знаете што пишува во Библијата: ’Почеток на мудроста е стравот Господов‘. Нека ви помогне Господ, и нека ви го отвори патот.
’Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам‘. Нека ве чува крстот! И нека ве благослови Господ! Сакам да кажам дека кај нас има талентирана младина, но тие таланти треба да излезат на виделина... Господ да ви даде сила да ги покажете своите таланти, дадени од Господа. Со нас е Бог! Господ да ве благослови, да ве укрепи, да ве умножи и да ви ја даде благодатта на Светиот Дух! Амин!“
Извор: Православие.ру
Преземено од. Бигорски манастир