На Света Гора торжествено се пречека Рождеството Христово (10.01.2015 12:43)
Браќата на рускиот светогорски манастир „Свeти Пантелејмон“, со торжествена богослужба ноќта 6-ти кон 7-ми јануари, го пречекаа празникот на светлото Христово Рождество, соопштува порталот „Русский Афон“.
Овој празник на Света Гора, наследството на Божјата Мајка, се прославува со особена љубов и благоговение.
Предвечерието на Рождеството Христово (Бадник), браќата на руската светогорска заедница го минуваат во особено строг пост и молитви.
Празничната богослужба во храмот „Покров на Пресвета Богородица“ при манастирот „Свети Пантелејмон“, според древната светогорска традиција, се отслужи ноќта. На полноќ започна сеноќното бдение, кое заврши околу 7 часот утрото, после кое започна Божикната Божествена Литургија.
Според зборовите на игуменот на манастирот „Свети Пантелејмон“ схиархимандритот Еремија, Раѓањето Христово претставува празник на Божјата Љубов и Милосрдие. Тоа е голема радост за сето човештво и сета вселена. Со Раѓањето Христово се соедини Небото со земјата, на луѓето им се отвори патот кон ослободувањето од гревот и осудата за него, патот кон победата над смртта и ѓаволот. Раѓањето Христово го овозможи личното просветлување на човекот и обожение со благодатта, им го отвори рајот на луѓето и блаженството на вечното Богоопштење.
Во свеченоста зедоа учество повеќе од 100 поклоници од Русија, Украина, Белорусија, Молдавија, Грција и од други земји, од кои повеќето тој ден се причестија со Светите Христови Тајни и на тој начин самите му оддадоа чест на Рождеството на Спасителот на светот.
Торжественото богослужбено празнување на овој ден имаше и во сите останати братства на Света Гора.
Извор: Afonit.info
Преземено од: МПЦ-ОА