За спротивставувањето на вољата Божја
- Кажете ми Старче, зошто и покрај големата љубов што ја имаме за Господа и за добродетелен живот- сепак се спротивставуваме на вољата Негова, како што кажавте на почетокот на својата беседа.
- Дете, животот овде на земјата е непрестајна физичка и духовна борба. Војната најпрво е духовна, па кога веќе не можеме со мислите, тогаш се пресметуваме физички. Ние сме во таква состојба на земјата и мислиме дека се бориме за верата. Ние како единка ништо не можеме да сториме за верата, туку само ако се соединиме во едно, тогаш тоа е сила и моќ. Ние сме должни да се бориме, бидејќи сме деца на паднатите родители. А пак нажите непријатели, со духовните сили постојано не одвраќаат од правиот пат. Непријателот, децата уште мали ги учи да се спротивставуваат на своите родители. Непријателот добро знае дека ако се спротивставуваат уште како деца, лесно ќе управува со нив целиот живот и ќе бидат негови. Неодамна ми дојдоа мајка и татко со своето девојче од десет, најмногу дванаесет години. Му рекоа на девојчето да ми каже што ис еслучува. Таа вели: ,, Јас го сакам својот татко и својата мајка, бидејќи тие многу ме сакаат. Јас нив многу ги сакам но незнам што ми доаѓа постојано некоја мисла да се спротивставувам на тато и мама, да не ги слушам, иако не сакам тоа да го правам. Јас сакам да ги слушам и тато и мама, но немам мир”.
Гледате што прават духовите под небото! Затоа постојано се бориме да ја засилиме нашата вера, а силите под небото постојано ги вознемируваат нашите мисли.
Еден подвижник дванаесет години го мачела помислата дека нема Бог. Подвижник, кој се молел во осаменост, но сепак го мачела таква мисла. И цели дванаесет години се борел со духовите, но Господ знаел дека било потребно така да му се допушта и мислите да го напаѓаат и дење и ноќе. Поради сето тоа е војната и борбата помеѓу доброто и злото. Ние сакаме да бидеме добри, а духовите под небото не сакаат да имаме ниту една добра особина, туку само негативни особини. Ете, поради тоа ние војуваме. Ние сами не можеме да војуваме. Господ е наш Војвода, наш Заштитник, бидејќи ние сами можеме само искрено да побараме помош од Господа, па Господ ќе ни помогне. Еднаш кога бев во тешка состојба, ми се прикажа видение и Спасителот ми кажа да припаднам кон Неговата Пресвета Мајка, бидејќи Таа е Заштитничка и Покровителка на монасите. Поради тоа мораме да војуваме, заради тоа е духовната војна. Нашата духовна војна не е во телото и крвта, туку со духовите под небото. Апостол Павле вели: ,, Добра војна извојував, верата ја сочував”. Поради тоа ние мораме непрестајно да припаѓаме на Господа и на Пресветата Мајка. Мораме да го молиме Господа да не удостои и ние да го љубиме Него, така како што Пресвета Богородица ги љубела ангелите и Светиите. Бидејќи Господ е моќен и силен да ни помогне во тоа, да не направи такви. Тој и сака да не има такви и да останеме во век и веков и низ сето време во вечноста во Неговата љубов и прегратка. Затоа и тебе ти посакувам душо, така да се молиш на Господа, Господ да те удостои да Го љубиш така силно како Пресветата Мајка ангелите и светителите. Тогаш ќе почувствуваш мир и тишина во срцето, бидејќи го подаруваш срцето на Оној Кој е бесконечен, Кој може да даде бесконечна љубов, бесконечен мир.
(Продожува)
Извадок од книгата на старец Тадеј Витовнички-
КАКВИ ТИ СЕ МИСЛИТЕ ТАКОВ ТИ Е И ЖИВОТОТ
- ПОУКИ -
Подготви: Даниел Илиевски