Милоста ни се дарува од Бога обилно, но дали ќе ја примиме или ќе ја отфрлиме со цела душа или со дводушност, препуштено е на слободната волја на секој човек.
Синко, учи од твојата младост и во староста твоја ќе ја најдеш мудроста.
Приоѓај кон неа како орач и како сејач и чекај ги нејзините добри плодови.
Зашто малку време ќе се трудиш во нејзиното обработување, а набргу ќе јадеш од нејзините плодови.
Изутрина сеј го семето и навечер нека ти мируваат рацете твои.
Славете го Господа ,
призивајте го Неговото Име,
барајте го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.
Со овие зборови Светото Писмо не учи дека подвигот на служење на Бога, подвигот на молитва, треба да биде извршуван со цела душа, постојано и непрекинато.
Внатрешните и надворешните маки кои неизоставно мора да се сретнат на боиштето на тој подвиг, треба да се совладуваат со вера, храброст, смирение, трпение и долготрпение, а отстапувањата и застранувањеата да се лечат со покајание.
Напуштањето на молитвениот подвиг и прекините во него се крајно опасни.
Подобро да не се започнува подвигот, отколку да се почне, па да се напушти.
Душата на подвижникот кој го напушта применото исполнување на Исусовата молитва, може да се спореди со земја обработена и подготвена, а потоа запуштена.
На таква земја со необична сила израснува плевел, што пушта длабоки корени и добива необична дебелина.
Во душата што се одрекла од блажениот сојуз со молитвата, која ја оставиле молитвата и која е оставена од молитвата се втурнуваат страсти во бурен тек, поплавувајќи ја.
Страстите стекнуваат особена власт над таквата душа, особена цврстина и сигурност.
Втиснуваат во душата жестокост и мртвило на срцето и неверие.
Во душата се враќаат демоните, изгонети со молитвата.
Разгневени заради претходното изгонување, тие се враќаат со поголема разбеснетост и уште помногубројни.
И последната состојба на тој човек станува полоша од првата, според Евангелието.
Состојбата на оној кој се подложил на владеење на страстите после избавувањето од нив со помош на вистинска молитва, е неспоредливо победна, отколку состојбата на оној кој не се обидел да го фрли од себе товарот гревовен, кој мечот на молитвата не го извлекол од кориците негови.
Штетата од прекини или периодични напуштања на молитвениот подвиг сличен е на штетата што произлегува од целосно напуштање на молитвата.
Штетата е позначајна доколку е прекинот подолг.
За време на сонот, кога подвижниците ја оставаат молитвата доаѓа непријателот, невидлив за чувствените очи, незабележан од подвижниците кои си дозволиле занесеност и расејаност и посеа меѓу житото какол па си отиде.
Сеачот на плевелот е многу опитен, лукав, исполнет со злоба. Лесно му е да посее плевел од најлош вид, ништожен по изглед на почетокот, но кој потоа ја опфаќа и ја спречува душата со многубројните свои фиданки.
Кој не е со Мене - рекол Спасителот, тој е против Мене, и кој не собира со Мене, тој растура.
Молитвата не им се доверува себе си на дводушните и непостојаните: За непослушните таа е многу груба,
а неразумниот не истрајува во неа. Таа ќе го притиска како тежок камен ,
а тој не ќе се двоуми што побргу да ја отфрли.
Премудриста одговара на своето име и на малкумина се открива.
Послушај ме, синко, прими ја мојата поука и не отфрлај го советот мој.
Стави ги нозете свои во веригите нејзини, а на вратот свој нејзиниот јарем.
Подметни го грбот свој под неа и носи ги нејзините вериги за да не ти пречат.
Приближи се до неа со сета своја душа,
со сета своја сила оди по нејзините патишта.
Истражувај и барај, и таа ке ти се објави.
Кога ќе ја најдеш, не оставај ја никогаш.
Зашто најпосле во неа ќе го најдеш својот спокој и тогаш таа ќе стане радост за тебе.
Нејзините окови ке ти бидат силна заштита, а нејзините вериги облека чесна.
Амин.
Подготви: М. Даниловска