Милостињата
Вие се занимавате со добротворна дејност. Господ нека ви помогне. Тоа е многу тешка и вознемирувачка работа, иако секогаш следена со длабока утеха. За некоја боја велат дека таа толку длабоко и цврсто влегува во материјалот кој се обојува, што останува засекогаш на него... Така и доброчинството ја обојува душата!.. Во доброчинството најмногу се гледа светлоста на богосличноста. Господ нека ви помогне!
... Сте им завиделе на оние кои имаат можност по пат на богато давање помош на оние на кои им е потребна, после својата смрт многу да ги привлечат да се молат на Бога за нив. Зарем е можно вие сериозно да зборувате и размислувате така?! Всушност, за тоа може само да се рече дека не е ништо, туку има своја сила, но не безусловна. Станува збор за помошно средство, не главно, и за средство кое е моќно толку, колку и главното. А главно средство – тоа се делата на побожност, правда и љубов со самоотфрлање и најискрено покајание, кое го надокнадува секој недостаток на овие дела и исправува сè што им е противно, со потполна вера во Господа Спасителот и во сиот домострој на спасението. Кога ова, главното постои, спасението е сигурно, а кога го нема, тоа е во крајна опасност, и тоа на што вие сте му завиделе, се покажува како задоцнето средство. Сега треба да се потрудиме околу таквите дела или подобро да го задобиеме расположението кое обично се изразува преку таквите дела.
Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име ќе добие праведничка награда (Мт. 10, 41). Со ова се решаваат сите недоумици во врска со давањето милостиња. Добронамерноста во односот кон сиромашните скоро секогаш значајно се намалува, ако не се пресекува и сосема, со прашањата: кој бара и каде ќе отиде даденото? Господ на таквите им вели: Како што ќе го примиш оној кој те моли и како ќе му помогнеш, таква награда и ќе добиеш. Не гледај на оној кој моли, туку на своите помисли при тоа. Какви што ќе бидат овие последните, таква ќе биде и вредноста на твоето дело. А какви мисли треба да се имаат за сиромавиот, тоа е одредено со други зборови: оној што укажува милост на сиромавиот, дава заем на Бога; или, ако сте му направиле добро на еден од нив, Мене сте ми направиле. Така, секој кој има некоја потреба примај го како Господ и помогни му колку што можеш, имајќи на ум дека правиш ради Бога, па ќе добиеш плата не само пророчка и праведничка, но и Господова.
Воочи го чудесното хранење на пет илјади луѓе, учениците сакале Господ да го пушти народот по храна; но Господ им рекол: Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат (Мт. 14, 16). Да ги научиме напамет овие зборови и секогаш кога ѓаволот ќе на наговорува да го одбиеме оној кој бара, да поновиме во себе во име на Господ: Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат - и да им дадеме она што ќе ни се најде при рака. Добрата воља да направиме доброчинство ѓаволот често ја поколебува со помислите дека оној што бара можеби не заслужува да му се даде; но, Господ не правел разлика меѓу оние кои го опкружувале: сите еднакво ги угостил, иако секако не му биле сите подеднакво предани; зашто можеби меѓу нив биле и оние кои после викале: „распни го!“. Таква е и општата Божја промисла за нас: Тој со своето сонце ги осветлува и лошите и добрите; и дава дожд на праведните и на грешните (Мт. 5, 45). Ех, да би ни помогнал Господ да бидеме макар малку, само малку милосрдни како што е милосрден нашиот Отец Небесен.
Оние кои живеат во друштво немаат со што да се спасуваат освен со милостиња. Колку повеќе даваат, толку повеќе се приближуваат на рамно-ангелскиот живот на великите отшелници.
Вистината (правдата) – дело Божјо Добродетелите
(Продолжува) Подготви: З. Д.
Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)
Подготви: Златко Дивјаковски |