Кога отпаднал првиот чин и од него се породиле демоните, заповедал седобриот Бог и овој свет да настане. И поминаа 7 288 години од времето кога Тој го создаде светот. Овој свет е како јајце. И како што жолчката е во средината на јајцето, така и земјата создадена од Господа, стои без да биде близу до нешто друго. И, како што белката е насекаде околу жолчката, така е и воздухот околу земјата. И како што наоколу е поставена школката, така е и небото околу земјата. Сонцето, месечината и sвездите се поставени на небото. Земјата е тркалезна, и каде оди сонцето таму има ден, а ноќта е земјината сенка. Нам овде сега ни е вечер, а на друго место е зората. И, исто како што луѓето се тука на земјата, така е и на долната земјина страна. Затоа Светите отци озаконија да ги боиме јајцата во црвено во Светата Недела, бидејќи црвеното го означува светот, црвената е бојата на крвта на нашиот Христос што ја пролеа на Крстот, осветувајќи го целиот свет. И ние треба илјадапати да се радуваме и веселиме, бидејќи Христос ја пролеа Својата крв и нè откупи од рацете на ѓаволот, но исто така и да плачеме и да тагуваме, зашто нашите гревови Го распнаа Синот Божји, нашиот Христос.
Бог заповеда и настанаа седум дена. Тој прво ја создаде Неделата и ја зачува за Себе. Останатите шест дена Тој ни даде да работиме за овоземните лажни работи, а во Недела ни заповеда да отпочинеме и да одиме во храмовите за да Го славиме нашиот Бог, да застанеме во страв, да го слушаме Светото Евангелие и другите книги на нашата Црква. Што ни порача Христос да правиме? Да мислиме на нашите гревови, на смртта, пеколот, рајот, на нашата душа, која е поскапоцена од целиот свет, да јадеме и пиеме колку што ни е доволно и да го поминеме останатото време занимавајќи се со нашата душа, правејќи ја невеста на нашиот Христос. Само тогаш доликува да се наречеме луѓе и земни ангели. И, ако гледаме само како да јадеме, како да пиеме, како да грешиме, како да го украсиме ова валкано тело што утре ќе го јадат црви, а не ја гледаме душата во која нема смрт, тогаш не ни приличи да се наречеме луѓе, туку животни. Затоа, поробете го вашето тело и предадете ѝ го на душата и тогаш ќе може луѓе да се наречете.
Во првиот ден Бог заповеда и би светлина. Во понеделникот настана небото, земјата, водата, воздухот и сѐ останато. Во вторникот никнаа тревата и билките. Во средата се појавија сонцето, месечината и sвездите. Во четвртокот морето, рибите и птиците. Во петокот, Тој ѝ нареди на земјата да ги даде сите животни.
Свети Козма Етолски
https://www.tiveriopol.mk/sozdavanje-na-svetot/
Јули 2021 лето Господово