Цело време негувам некоја надеж дека човештвото еднаш веќе ќе се „умори“ од духот на непријателство и ќе посака вистински мир. Тогаш на сите ќе ни биде полесно; и ќе стане можно да се пишува или дури и да се сретнува „во живо“. А засега на луѓето сѐ уште повеќе им омиле мракот, непријателството, отколку светлината, љубовта и мирот (Јн. 3, 19).
Секогаш мислев (додека сѐ уште бев „сликар“) и сега мислам дека највисоката уметност е уметноста на живеењето. Колку често великиот дар на владеење со самите себе се изразува со најфините движења на прстите (кај музичарите), со детално одмерување на секој збор (кај поетите и писателите), со одвај видливи нијанси (кај сликарите), кога тие се задлабочуваат во својот творечки труд. А еве, речиси сите тие „уметници и сликари“ во животот се покажуваат неспособни да владеат не само со најфините детали од својата душевна состојба туку и да ги контролираат своите најгруби страсти.
Значи, уметноста на живеењето, односно владеењето со самиот себе во секој час, на секое место, во секоја работа, со секој човек е несомнено највисоката од сите уметности; и притоа најтрајна, зашто останува со човекот и по смртта, во живот вечен. Како што знаете, по должноста на својата служба јас ја проповедам таа уметност на живеење, иако сум свесен за својата целосна недостојност. Ми се чини јасно е дека сето страдање на овој свет никако не може да Му се припише на Создателот на светот. За чудо, луѓето не го избираат она што е подобро, туку нешто средно. Не кажувам полошо, туку средно. Меѓутоа, тоа средно, кога некој се фаќа за него и не сака да го прошири своето срце, тоа средно сепак станува тесно. Така, целиот наш живот поминува во борби со тешкотиите на човечкото срце.
И, искрено да ви кажам, често сум на работ на очајанието. Луѓето – и чесните, и добрите, и паметните, и образованите не се способни меѓу себе да се прилагодуваат, и животното ткиво се цепи на секој чекор. За да се спои тоа живо ткиво, можно е само со најсилниот напор на својата љубов која им се дава на другите. И кога сѐ е дадено, а единство не е постигнато, тогаш срцето силно боли и со него и целото битие.
Еве, Ви ја исповедам состојбата на мојата душа што кај мене сега е најчеста, т.е. во староста моја, кога ослабна во мене силата моја, кога го гледам крајот на животот, не гледајќи дека сум го постигнал тоа што го барам и што го барав целиот мој живот. Изгледа за време на животот на земјата нема ни да успеам да го постигнам. И заминувањето одовде неизбежно ќе биде поврзано со жалост поради состојбата на светот.
Не доживувајте ги зборовите што предмалку ги кажав како показател на мојата малодушност. Не. Тоа е, пред сѐ, тага, жалење. Тажно е целиот свој живот да се бориш со неукост, со лоши застранувања на човечката волја. Тажно, затоа што луѓето НЕ ги сакаат добрината и светлината. Повеќевековното искуство јасно ја покажало целата штета од поделбите и меѓусебните борби. Се чини како да е можно… и дека е време… сите да сфатат дека обединувањето на силите би довело сите луѓе да живеат безбедно. Но страста за надвладување, за наредување така се вкоренила во човечките срца, што на човекот тоа му изгледа како сосем нормално. (…) Луѓето не размислуваат за тоа дека, ако можат да направат добро, пред сѐ, се и должни навистина да ја искористат таа можност заради добро на ближниот. Не. Тие настојуваат да ги искористат сиромаштијата, слабоста, зависноста на човекот само во егоистичка смисла. И на послабите не гледаат како на човек, туку како на некое пониско битие, создадено специјално за тоа за нив да би работело.
Та сета борба во целиот свет сега се заснова, исто така, на тоа настојување од страна на едните да ја искористат својата сила, т.е. да ги поробат другите со патот на насилството; кај другите сѐ е насочено кон тоа да го заштитат своето право на човечки живот.
Секако, кога некој ни е пријател, тоа не значи дека сите оние со кои нашиот пријател не се сложува, престануваат да бидат наши пријатели. (…) Та, во повеќето случаи, луѓето се полуразумни, полусвесни. Тие, за чудо, ни самите не сфаќаат што прават. Тоа се луѓе од кои не треба да се очекува голема одговорност: тие се полунеодговорни, полунепресметливи. Уверен сум дека и со мене се неизбежни случаите кога, од чисто човечко незнаење, или дури и немоќ, не ги исполнувам очекувањата на другите. Или ги гледам работите сосем поинаку и со тоа ги збунувам луѓето. И така, на сите ни е потребно помилувањето Божјо.
Старец Софрониј (Сахаров)
https://www.tiveriopol.mk/umetnosta-na-ziveenjeto-e-najvisoka-od-site-umetnosti/
Јуни 2021 лето Господово