Св. Јустин Ќелијски
И смртта и болеста влегоа во човекот преку гревот. Други врати преку кои тие би влегле во човечкиот род нема за нив. И смртта и болеста се нешто наследно кај човечкиот род, како и човечката, адамовска природа. Наследувајќи ја човечката природа, луѓето со неа ја наследуваат и гревовноста, смртноста и болеста. Но, тоа не значи дека секоја болест е непосреден резулат на личниот грев на човекот. Причината за многу болести не е ниту во еден од блиските претци, но сигурно е таму, во длабочината на човечката природа. Тоа нам ни го сведочи самиот Спасител со Својот одговор на учениците: „Ниту тој згреши ниту неговите родители“. Тогаш, каква смисла имаат болестите воопшто, а посебно болеста на овој слепороден? – „Да се јават делата Божји на него“. – „Делата Божји? – Исцеление од болести, избавување од смртта, ослободување од гревот. За слепородениот и за родениот во грев – а секој човек е роден во грев – тоа се делата Божји; а сето она што го задржува (човека) во болеста, гревот и смртта, тоа не се дела Божји, туку се човечки или демонски.
Во човечкиот род само делата Христови се очигледно по сè дела Божји, бидејќи Он е Бог, БогоЧовек. А во сите човечки дела гревовноста присуствува макар и како сенка, ако не како тешка масивна суштина и неотклонлива реалност. Инаку, гревовноста е ноќ во која зашло човештвото и на која нема крај. Само спасението на Богочовекот од гревот вовело зора и ден во таа темна ноќ. Богочовекот и е „ден“ за човечкиот род, бидејќи е сонце на безгрешноста и бесмртноста. Он е и зора и пладне, т.е. ден што не заоѓа. Секое негирање на Богочовекот во човечкиот свет и секое (Негово) отфрлање претставува и е помрачување на човечкиот род, на сѐ што е човечко, а најпрво на совеста и душата. А тоа помрачување е исто како и ослепувањето: човечката совеста е ослепена, та не го гледа во Христа ниту Бог ниту Спасителот, ниту во делата Негови (ги гледа) Божјите дела. Тоа е ноќ „кога никој не може да работи“, не може да прави ништо божествено, бесмртно, вечно, туку гревот преку неа го врши само своето, и го раѓа само она што е грешно, смртно, минливо. А делата Божји се јавуваат во човекот („да се јават делата Божји во човекот“), штом во душата негова се роди вера, љубов, молитва, пост и останатите евангелски добродетели. Сите тие се самите по себе дела Божји и во човекот се создавачки божествени сили, кои го орасположуваат и охрабруваат и сам да може да врши дела Божји.
Св. Ефрем Сирин
Бидејќи Евреите го укорувале поради она што го рекол: Јас постојам уште пред да се роди Авраам, и кога Авраам не постоеше, Јас постоев, тогаш, проаѓајќи видел човек слеп од раѓање. И го прашале учениците Негови, велејќи: Рави, кој згреши, тој или неговите родители? Исус одговори: не згреши ниту тој ниту неговите родители, туку да се јават делата Божји врз него. Јас треба да ги вршам делата Божји додека сеуште е ден (Јован 9:1-4), т.е. додека сум со вас. Ќе падне ноќ и Синот ќе се вознесе кон Отецот на небесата, и вие, кои сте светлина на светот (Матеј 5:14) ќе бидете осудени на смрт, и поради големото неверие, ќе престанат знаците. Велејќи го ова, плукнал на земјата и направил кал од плунката, па потоа ги помазал со калта очите на слепиот (Јован 9:6). Од таа кал направил очи и светлината се појавила на земјата, како што направил на почетокот на создавањето на светот, кога насекаде била развеана небесната сенка или темнина, и кога ú дал заповед на светлината и таа се родила од темнината. Така и оваа светлина, создадена од Неговата плунка, го пополнила недостатокот на првобитното создавање и со тоа да се разјасни дека како што Он го потполнил овој недостаток на природата, така на почеток Он ја создал и завршил целата творевина. Бидејќи не сакале да веруваат дека Господ постоел пред Авраама, ова дело им докажало дека Он е Син на Оној Кој преку Него од земја го создаде првиот Адам, бидејќи и Он со посредство на земја го пополнил и завршил она што му недостигало на слепиот.
Тоа го направил со намера да ги разобличи оние кои велат дека човекот е составен од четири елементи, бидејќи од земја и плуканка го создал она што му недостигаше на слепиот. Тоа го направил и за нивна корист, бидејќи знаците ги крепеле и поучувале на верата. Јудејците бараат знаци (1 Кор. 1:22). Очите на слепиот не ги создаде Силоам, како што ниту Нееман не бил исцелен од водата во Јордан, туку тоа го направила заповедта Христова. Исто така, ниту нас не нѐ осветува нашата вода на очистување сама по себе, туку нас нѐ очистуваат имињата кои се спомнуваат над неа. Значи, очите ги помазал со кал, за и другите да го измијат слепилото од своите срца. И кога слепиот, минувајќи низ народот, прашал каде е Силоам, ја забележале калта со која биле помазани неговите очи. Почнале да се распрашуваат, и кога дознале, рекле: да појдеме и ние со него. И навистина, пошле за да видат дали навистина ќе му се отворат очите.
Оние, кои гледале со надворешните очи, го раководеле слепиот кој гледал со внатрешните очи, додека слепиот, наоѓајќи се во мрак, ги раководел оние кои гледаат, но кои од внатре биле слепи. Ја измил калта од своите очи и се видел себеси; тие го измиле слепилото од своите срца и така се виделе себеси. Во времето кога Господ јавно му ги отворил очите на еден слепец, скришно ги отворил очите на многумина слепци. Слепиот кој прогледал му послужил на Господа како жезол за помош, кој собрал многумина слепци и ги исцелил од слепилото на срцето.
Во малкубројните Господови зборови се криеле многу ризници, и во тој дел на исцеление таинствено било запишано дека Он е Син на Творецот. Оди, вели, измиј го своето лице (Јован 9:7). За некој да не помисли дека ова исцеление е слично на вештина, а не е чудо, го пратил да се измие, за да покаже дека слепиот не се сомнева во тоа дека Господ го исцелил, а потоа со посредство на распрашување и раскажување за она што се случило, слепиот отворено ја искажал својата вера.
На тој начин плуканката Господова станала некоја врста клуч за заклучените очи. Господ тоа го направил за очите на слепиот, отворени со Неговата плуканка, за да ги обвини оние кои Него Го плукале во лице. Тие, меѓутоа, не го разбрале своето разобличување, кое Господ, отворајќи ги очите на слепиот, го изразил со следните зборови: Кои гледаат да станат слепи (Јован 9:39), кое се однесува на слепите, кои само телесно Го гледале, но и на оние кои гледаат и на кои Он духовно им се открил. А беше сабота кога направи кал (Јован 9:14). Молчеле за тоа Кој го исцелил и почнале да го осудуваат тоа дело. Како што оној човек, кој боледувал триесет и осум години, го прашале: Кој ти заповеда да ја носиш постелката (в. Јован 5:10), а не „кој те исцели“, така и сега велат: направи кал во сабота! Меѓутоа, зарем тие, поттикнати од омраза, не Го отфрлиле и кога со еден збор го исцелил болниот од водена болест (Лука 14:2)? Што му направил на тој болен кога го исцелил? Тој бил очистен само со збор и станал здрав. Значи, според нивното мислење, саботата ја нарушува дури и оној кои изговара зборови. Ако е тогаш така, кој повеќе ја нарушил саботата? Дали нашиот Спасител со Своето исцеление или оние, кои од завист, зборувале против својот Доброчинител?
Извор: Светосавље
Преземено од: Маран Ата