На 12 септември Св.Синод на Романската Православна Црква го избра новиот романски патријарх, откако пред 40 дена почина неговиот претходник, патријархот Теоктист. За нов патријарх на Романската Православна Црква е избран митрополитот на Молдавија и Буковина - Даниил. Митрополитот Даниил ја исполнуваше должноста местопазител на испразнетиот патријаршиски престол во текот на овие 40 дена, откако премина патријархот Теоктист.
Митрополитот Даниил е роден во с.Добрешти, округот Лугож, Североисточна Романија, на 20 јули 1951год. Богословски факултет завршува во Сибиу (1970-1974), а потоа го продолжува своето образование на Богословскиот факултет во Букурешт (1974-1976) под менторство на прочуениот богослов проф.Димитриј Станилое. Специјализирал на протестантски и римокатолички универзитети во Франција (универзитет во Стразбур, 1976-1978) и Германија (универзитет во Фрајбург 1978-1980, кај проф. Карл Леман, сега кардинал). Во текот на 1979год. го одбранил својот прв докторат во Стразбур, а во текот на 1980год. го брани и својот втор докторат во Букурешт.
Од 1980г. постанува предавач на Екуменистичкиот институт на Светскиот совет на црквите во замокот Босе, близу градот Нион, Швајцарија. Таму останува до 1988г., кога на Преображение, 6 август, 1987г. прима монашки чин во прочуената обител Сихастрија во Молдавија, Источна Романија. На 14 август е ракоположен за ѓакон, а на 15 август – за јеромонах. На 4 март 1990 г. Веднаш после политичката промена во земјата, тој е хиротонисан за епископ на Лугож, но со служба како викарен епископ на архиепископот на Темишвар и митрополит на Банат – Николај. На 1 јули истата година е избран за архиепископ на Јаши и митрополит на Молдавија и Буковина. Така за 3 години тој стигнува до високата позиција на молдавски митрополит, прва после патријаршискиот престол.
Митрополитот Даниил е и познат богослов, тој има околу 500 статии на романски јазик и околу 100 на други јазици. Тој е еден од основачите на Богословскиот факултет во Јаши, каде што до денес е професор по Догматика, на неколку семинарии во својата епархија како и на други црковни институти. Во 2003год. беше прогласен за почесен доктор на римокатоличкиот универзитет на Светото срце во Ферфилд, Конектикат, САД.
Мнозина од мирјаните и од високиот клир сметаат, дека новоизбраниот Романски патријарх е најпогодната личност за таа служба, токму заради својата опширна и богата религиозна, социјална, образовна и културна дејност.Неговото Високопреосвештенство митрополит Даниил е основач на многу институции и издавачки проекти, симпозиуми, семинари и изложби, иницијатор и координатор на социјални, образовни и културни програми, научен работник и автор на многу книги и публикации.
Митрополитот Даниил беше еден од иницијаторите на притисокот врз веќе упокоениот патријарх Теоктист да поднесе оставка во почетокот на 90-те години, заради обвинувањата за соработка со комунистичката власт во Романија.
Интронизацијата на новоизбраниот патријарх Даниил ќе се одржи на 30 септември оваа година.
Посети: {moshits}