Митрополит Кумановско-осоговски Јосиф
Името на државата не е своина на една генерација!
Со владиката отворено разговараме за состојбите во неговата епархија, за МПЦ-ОА, за односите во Синодот, за контактите со колегите од другите помесни цркви...Меѓу другото, митрополитот кумановско-осоговски порачува дека не смееме да дозволиме промена на името и да одлучуваме во име на другите, бидејќи тоа не е своина на една генерација, особено кога голем добар дел од минатите генерации ги положиле и своите животи во одбрана на ова име
Ваше високопреосвештенство, во историјата на МПЦ-ОА ќе останете запишан како прв митрополит на новоформираната Кумановско-осоговска епархија, која претходно, заедно со Тетовско-гостиварската епархија ја сочинуваа најголемата епархија со која раководеше покојниот митрополит Кирил. Всушност, САС и архиепископот г.г. Стефан токму Вас Ве задолжија да ја изготвите студијата за оправданоста за поделба. Кој беше Вашиот најсилен аргумент?
- Дозволете ни најпрво добронамерно да укажеме на фактот дека поранешната Полошко-кумановска епархија не беше најголема епархија во рамките на МПЦ, што се однесува до бројот на верните чеда. Свесни за оваа реалност, сепак, ценевме и се уште цениме дека секакви калкулации за наводна одржливост на една свештена епархија се од секундарна важност. Нештата треба да ги гледаме со очите на Црквата, на која, како на мајка, примарна грижа и е спасението на чедата што и се доверени. Поаѓајќи токму од ваквите пастирски причини, заклучивме дека со поделба би се осигурало поголемо присуство на надлежните архиереи во двете епархии, што пак директно би влијаело на она што значи остварување на евхаристиската структура на една Црква која пребива во едно поднебје. Од друга страна, и самите митрополити при ваквата организација можат да бидат поинвентивни во работата со доверената им паства. Како пример за потврда на последново би го посочиле нашиот план оваа година за Велигден да богослужиме во Кратово, град во кој досега Пасхалното торжество не било прославувано со архиерејска литургија. На овој начин, Црквата поочигледно, преку пример, ја сведочи важноста на секоја една доверена душа, без разлика на нејзиното место на живеење, или социјално-економскиот статус. Она што не радува и прави да му принесуваме благодарност на Бога е фактот што дури и во овој краток период од нашето востоличување, народот ги препозна и прифати благополезните придобивки од оваа одлука на Светиот архиерејски синод. Би заклучиле дека токму ваквиот Христов аргумент беше и нашиот единствен аргумент во изготвувањето на студијата по благослов на САС на МПЦ-ОА и архиепископот Стефан.
Воведовте и неколку важни промени и за свештениците и за верниците. Ќе ни откриете ли кои се тие и каква беше нивната реакција?
- Незгасливата динамика на животот на живата Црква на Живиот Бог од сите нејзини членови, а најмногу од епископите, бара нудење на одговори и одлуки испитани во огнот на незлобивоста на гулабите, но и мудроста на змиите. Раководејќи се од ваквите принципи, пристапивме, како што велите, кон воведување на важни промени во сферата на црковниот живот, чии резултати народот, но и самото свештенство, започна позитивно да ги оценува. Во соборниот храм во Куманово се исполнува дневниот боголужбен круг како основа на нашите напори за освештување на времето кое ни е дадено како дар одозгора. Понатаму, ракоположивме нови, но зрели свештенослужители, кои безусловно ја шират добрата и спасителна вест Христова дури и до најоддалечените места на нашата епархија. Полека ја развиваме и издавачката дејност, и тоа традиционалната - преку издавањето на епархискиот тромесечник "Тавор", како и повеќе наслови и едиции, но и преку системите за издаваштво на интернет. А сето тоа, би заклучиле, го правиме за што поизворно да ја откриеме и живееме верата православна во контекст на секојдневието. Сепак, се молиме ова да не биде сфатено како фалење, оти, заедно со апостолот велиме: "Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам". Слабоста, во која се открива силата Божја. Во однос на реакциите, ќе заклучиме дека истите се разнообразни. Позитивните реакции не смируваат и ни даваат надеж; конструктивната и издржана критика не бодри да се трудиме многу повеќе, додека негативните реакции не потсетуваат дека треба да внимаваме да не повредиме никого, барем не намерно. Нашата врата е отворена за дијалог со секој еден кој е добронамерник, а ветуваме дека промените ќе бидат една од константите на нашето делување во свештената Кумановско-осоговска епархија.
Под Ваша јуриздикција се неколку манастири, но во ниту еден нема монашки живот. Имате ли визија и желба некој од нив да заживее?
- Во неколку наврати напоменавме дека ние ќе сториме се што е потребно за создавање на услови за возобновување на древните молитвени светилишта во нашата епархија, особено во манастирот на преподобниот Јоаким Осоговски. Се надеваме и веруваме дека Бог благонаклоно ќе погледне на нашите напори, и дека наскоро овие духовни источници повторно ќе ја остварат својата цел и намена.
Се соочувате со одлив на жителите, крштевките и венчавките се намалуваат. Може ли со една национална стратегија да запре ваквиот негативен тренд?
- Се работи за доста сложено прашање во чиј одговор конвергираат мал милион потпрашања. Наш личен став е дека треба да се настапи со една долгорочна национална стратегија во која стратешки би биле изложени пристапи од различни нивоа и аспекти. Потребно е многу време и вложен напор за резултатите, колку и да се мали, да бидат видливи. Не треба да се залажуваме, мислејќи дека во оваа сесветска драма во која го остваруваме нашето постоење ќе се појави некаква деус еџ мацхина која магично ќе ги реши сите наши проблеми.
Сепак, како митрополит, но и како христијанин, сме повикани да потсетиме дека секој план и стратегија која не е изградена врз Христа, како врз аголен камен, ќе биде осуетена пред неибежниот суд на времето. А ова градење врз Христа најдобро ќе го направиме доколку Нему сме Му послушни, кога ни вели: "Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се друго ќе ви се придаде".
Како претставник на младата генерација на владици, каква е вашата соработка со постарите колеги? Не е тајна дека за важните прашања за кои расправа Светиот архиерејски синод имате дијаметрално спротивни мислења и ставови?
- Секој човек кој се црквува, кој живее во Црквата, и кој себе се поима како нејзин составен и органски член знае дека различноста и спротивставените мислења и ставови се составен дел од нејзиниот комуникациски код, кој пак се остварува во заедница на љубовта. Можеби сето ова делува чудно, но уште во времето на светите апостоли се јавувало разногласие и разномислие во поглед на прашањата кои не се однесувале на самото вероисповедание. Синодот на Македонската православна црква не е монохроматска и безлична смеса, туку заедница на слободни луѓе со различни дарови. Токму во таа различност се објавува богатството на нашата Црква, како и потенцијалот за напредок, и тоа не претставува никаква тајна.
Тоа е демократија во Црквата?
- Терминолошки, зборот демократија не е најсоодветен за опишување на ваквата реалност, иако разбираме што сакате да означите со тој термин. Тоа е заедница во љубов и слобода, во која различноста во ставовите со другиот претставува можност за откровение, а не грев. Тоа е христократија. И само преку неа би можеле да ја објасниме убавината на прифаќањето на ставот на другиот како свој, притоа смирувајќи се пред волјата и опитот на мнозинството.
Како ја оценувате понудата на рускиот патријарх Кирил да посредува во признавањето на автокефалноста и автономноста на МПЦ-ОА? Може ли Москва да понуди модел кој може да го даде конечното решение на спорот меѓу двете Цркви?
- Руската црква одблизу ги следи сите случувања во православниот свет. Таа е многу организирана Црква со најголем број православни верници во светот и сериозна администрација која досега многупати конструктивно се вклучила во решавањето на повеќе спорови меѓу помесните православни цркви. Не се сомневаме дека таа може многу да помогне и во нашиот случај. Сепак, потсетуваме дека за потенцијално медијаторство би била потребна согласност и од двете страни.
Сметате ли дека признавањето е политичка одлука?
- За жал, согласни сме со ваквото гледиште, и би додале: политичка одлука со еклисиолошки последици. Мора да признаеме дека световната политика многу влијае во решавањето на ваквите спорови меѓу две Цркви. Не попусто за еден од најголемите предизвици со кои денес се соочува Црквата е етнофилетизмот.
Треба ли да се направат одредени отстапки во смисла прифаќање на компромисно решение за името и на државата и на Црквата?
- Името на државата не е своина само на нејзината актуелна генерација, туку подеднакво им припаѓа на генерациите кои поминале, но и на оние што доаѓаат. Затоа, сметаме дека ваквото прашање е беспредметно и не смееме да си дозволиме да одлучуваме во име на другите, особено кога добар дел од минатите генерации ги положиле и своите животи во одбрана на ова име. Што се однесува до името на Црквата во Македонија - и тука нештата се јасни: нашето име е Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Прифаќањето на терминот Охридска архиепископија како термин кој би стоел во томосот за автокефалност на нашата Црква не смее да се толкува како предавство или напуштање на курсот за зачувување на националниот идентитет и самобитност, туку напротив, како потврда на историскиот континуитет, согласно древната традиција секоја Помесна православна црква да се именува според градот во кој е сместено седиштето на нејзиниот првоерарх. За нас, тоа е Охрид, и оттука терминот Охридска архиепископија не треба да биде проблематичен.
Како да се реши канонскиот статус на МПЦ, која во лицето на ОА историски е една од најстарите православни цркви?
- Постоењето на автокефална Македонска православна црква на овие простори е крстовоскресна реалност која секој верен човек би требало да може да ја согледа и прифати. Треба да надвладее разумот, зашто од ваквата поставеност на работите никој нема полза, а најмалку самата Црква. Време е да тргнеме кон решавање на работите преку отворен дијалог, а не со инаетење да ги продлабочуваме веќе постоечките поделби.
Имате ли неформални средби со ваши колеги од црквите кои официјално ја негираат самостојноста на нашата Црква?
- Секако дека такви неформални средби се остваруваат во континуитет, иако, поради извесните причини не би сакале јавно да ги објавуваме. Од нивна страна постојано се повторува жалењето поради постоењето на спорот, но и потребата за надминување и решавање на истиот, како би можеле во потполност и заедно да се посветиме на реализација на заеднички суштински проекти од кои најголема полза ќе имаат верниците.
Неодамна беше опожарен дел од манастирскиот комплекс Св.Прохор Пчињски која се наоѓа на границата со Србија во кој настрада дел од спомен-собата каде беше одржано Првото заседание на АСНОМ. Сте побарале ли дозвола да го посетите манастирот?
- Со тага ја примивме веста за опожарувањето на манастирот на св. Прохор Пчињски, во кој настрада дел не само од нашата, туку и од историјата на соседниот братски српски народ. Во првата прилика, штом ќе сум во можност, ќе се потрудам да го посетам ова светилиште.
Елизабета АРСОСКА- Вечер
фото: Ѕ.ПЛАВЕВСКИ