КРСТОТ И ЉУБОВТА СЕ СИНОНИМИ
Многупати со олеснување гледаме на Крстот, мислејќи дека Христос се распна и се радуваме, затоа што нема да доживееме нешто слично, бидејќи ќе се насладуваме во еден живот каде што „се ќе врви добро“. Друг пат сме рамнодушни и Го повикуваме само кога доживуваме болка и тогаш велиме дека носиме крст. Има и такви кои веруваат дека се распнуваат, но седат во фотелја, и такви кои ставаат други луѓе на крстот како распетици и тирани. Го гледаме Крстот од дистанца и всушност се плашиме од него.
Не се плашам од болката, туку од одговорноста на љубовта, бидејќи таа предизвикува нашиот егоизам да чувствува болка и неспокојство. Кога ќе се заљубам и ќе му кажам на другиот „Ти си ми се“, тоа значи дека повеќе не постојам јас, туку ти. Сакаме да се венчаме, да имаме деца, да имаме многу пријатели затоа што длабоко во себе бараме жртви кои ќе не сакаат. Дали сакаме да љубиме? Дали сакаме да се жртвуваме или бараме слуги кои ќе им угодуваат на нашите демони? Само оној кој длабоко љуби се жртвува, а не оној кој очекува да му служат. Крстот не е во отфрлање на одговорноста, туку во нејзиното прифаќање.
Во таа смисла, светата тајна Брак би требало ретко да се извршува и за малкумина. Во смисла дека е потребна храброст и огромна решителност да се понизиш, да се жртвуваш, да љубиш, да го фрлиш своето его во корпа за отпадоци поради некој сеуште непознат кој всушност е Божјо дете.
Крстот е таму и не очекува да се искачиме. Крстот е таму за да го прегрнеме, да го целиваме од љубов кон другиот. Се раѓаме и умираме но нашиот пат е да можеме да се качиме на крстот за сите, дури и за нашите непријатели.
Кога се крштевавме, ни ставија крст не како накит, туку како знак на патеката во животот. Овој живот е патување преку една Голгота и еден крст, но на крајот нè очекува една покана за воскресение - со нашето име напишано уште од денот на нашето крштевање. Со знакот на крстот ни беа ставени прстените на нашите раце и венците на нашите глави.
Во секоја болка, испитание или искушение, Господ ни го посочува Крстот и нè прашува: „Ќе се качиш ли?“. Во одговорот што го давам е клучот за мојата егзистенцијална перспектива. Вистинската радост не доаѓа кога ќе се симнеш од крстот, бидејќи тогаш има спуштање во темни зандани. Само кога се искачуваш те очекува Воскресението и рајот.
Крстот и љубовта се синоними и идентични поими. Ако не се распнеш за другиот, не можеш вистински да сакаш. Во вистинската љубов нема осигурувања и предодредености, во неа има ризик, крст и смрт, затоа е „скапа“. „Те сакам“ значи дека сум подготвен да умрам за тебе.
Патот на светоста, патот на крсната љубов не е поплочен со рози. Трновит е патот, но правецот е кон Воскресението. Кога ќе се појави крст во вашиот живот не го одминувајте, искачете го. Тоа е можност за исцеление и за воскресение.
Кога се качуваш на крстот, не е телото тоа што ја чувствува болката, ниту душата, туку егото кое како семе оди во земјата и умира за да се роди розата на љубовта и светоста. Таков цвет бил и разбојникот оддесно на Христа. Но, кој може да зборува за Крстот? Тоа не е теорија, туку опит. Молчиш и се искачуваш. Крстот не суштествува за Бог да ми ја одземе болката, туку да ми помогне да поминам преку неа и да донесам духовен плод. Крстот не е за подготвените, туку за вљубените. Еден живот како крсен пат, една прегратка за човекот и еден скок кон небото.
Автор: о. Спиридон Скутис / богоносци.бг
Подготвил: Симеон Стефковски
19.02.2024