09/12/2015 Поуки - совети
Врел ден, и премногу налик на лето за Сан Франциско. Конечно го завршив трудот и го предадов во петокот, но дипломи поради не знам која причина нема да се издаваат до септември. Сега за сега, и понатаму се занимавам со „кинески“ работи, му помагам на мојот поранешен професор (Ѓи-минг Шиен) во преводот на една статија (од кинески) околу кинеската философија за еден фислософски часопис. Лицемерието на академскиот свет никаде не се согледува подобро отколку во овој случај. Тој ја познава кинеската философија подобро од било кој во оваа земја, а има учено и кај вистински философи и мудреци во Кина; но не може никаде да најде работа затоа што нема диплома од американски колеџ, како и затоа што не зборува многу – со еден збор, премногу е чесен.
Вистина е дека го избрав академскиот живот, бидејќи Бог ми даде ум со кој е добро да Му служам, а академскиот свет е место каде умот би требало да се користи. Но после осум или девет години многу добро знам што се случува на универзитетите. Само неколку „старомодни“ професори ја ценат умноста, но и тие наскоро ќе изумрат. Останатите се грижат само да заработат пари, да си обезбедат добра положба во животот – додека умот го користат како играчка со која изведуваат вешти илузии за кои ги плаќаат, како циркуски кловнови. Љубовта кон вистината денес е исчезната; умните луѓе мораат да ги проституираат своите дарови за да преживеат. Меѓутоа, мене тоа ми е претешко, оти гаам преголема љубов кон Вистината. Академскиот свет за мене претставува само една од многуте работи; но нема да дозволам да ме пороби. Во академскиот свет јас не Му служам на Бога, туку само заработувам за живот. Доколку во овој свет Му служам на Бога и така ќе избегнам животот да ми биде целосно промашен, ќе морам тоа да го направам надвор од академскиот свет. Имам заштедено малку пари, ми ветија и помала работа на која можам уште нешто да заработам, така што тоа треба, доколку штедам, да ми биде доволно за една година, но ќе го направам тоа што совеста ми го наложува – ќе напишам книга за духовната состојба на денешниот човек, за што, преку благодатта Божја, и знам по нешто. Книгата најверојатно нема да се продава, затоа што луѓето би сакале да го заборават она што јас ќе го кажам; тие повеќе сакаат да заработуваат пари отколку да Го прославуваат Бога.
Навистина, ова е збунувачки наплив. Единственото нешто што не е во ред со мене е тоа што јас не сум збунет, и премногу добро знам која е должноста на еден човек: да Го прославува Бога и Неговиот Син, да се припрема за светот кој ќе дојде, а не да се прилагодува на овој свет, искористувајќи го ближниот свој, и заборавајќи на Бога и Неговото Царство.
Кога Христос повторно би дошол во светов, дали знаете што би Му се случило? Би Го сместиле во душевна болница и би Го подвргнале на психотерапија, исто како што би се случило со Неговите светители. Светот би Го распнал и денеска како и пред две илјади години, оти светот на ништо не се научил, освен на уште поодвратни облици на лицемерие. И што би се случило кога некој ден на некое од моите предавања, им речам на моите студенти дека освен служењето на Бога, сето учење на овој свет нема никаква важност, дека единствено е важно да се прифати Богочовекот Кој умре за нашите гревови, дека мораме да се припремиме за светот кој доаѓа? Веројатно би ме исмеале, а универзитетските власти, доколку дознаат за тоа, би ме отпуштиле – оти е противзаконски на нашите универзитети да се проповеда Вистината. Велиме дека живееме во христијанско општество, но тоа е неточно; живееме во општество кое е понезнабожно и похристомрзно од она во кое Тој се роди. Неодамна еден римокатолички свештеник, говорејќи на UCLA имаше храброст да каже дека таму владее паганска атмосфера; официјалните лица веднаш го нарекоа „фанатик“ и „лудак“. Тој ја говореше вистината – но луѓето ја мразат вистината и поради тоа со радост би Го распнале Христос кога повторно би дошол помеѓу нив.
Јас сум христијанин и ќе се потрудам да бидам чесен христијанин. Господ ни рекол да го раздадеме сиот наш имот и да Го следиме. Јас сум многу далеку од тоа. Но ќе се потрудам да не заработувам повеќе од тоа што ми е потребно за живот; доколку можам да заработам толку работејќи година или две на универзитетот, в ред. Но останатото време ќе се обидам да Му служам на Бога преку даровите кои ми ги дал.Оваа година имам можност да го сторам тоа, и ќе го сторам.
Мојот професор (Будберг), бидејќи е Русин (ми се чини дека љубовта кон Бога кај Русите е повеќе всадена отколку кај било кој друг народ), не се обиде да ме одврати од помислата да го напуштам академскиот свет на една година. И повеќе од добро знае дека љубовта кон Вистината, љубовта кон Бога е неизмерно поголема од љубовта кон безбедниот живот, парите, славата.
Можам да ја следам единствено својата совест; не можам да се лажам себеси. И знам дека добро постапувам. Ако тоа што го правам во очите на светот изглеа лудо, можам само да одговорам со зборовите на светиот апостол Павле: сета мудрост на овој свет, лудост е пред Бога. Ова е нешто, што премногу лесно го забораваме. Морам да се вратам на својот превод од кинески. Поздрав до Ајлин,
Liebe,
Јуџин
Извор: http://agapi.mk/liebe-eltern/
преземено од: Преспанско- пелагониска епархија