Настани од животот на патријархот Илија II Грузиски
Патријархот Илија II раскажа за чудото кое се случило со неговата мајка
Тбилиси, 6-ти декември 2014 г.
На празникот Воведение на Пресвета Богородица, Патријархот Илија II после честитањето за празникот, рече: „Ова е еден од најголемите празници. Кога Пресвета Богородица била воведена во Светињата на Светиите, каде што првосвештеникот влегувал еднаш во годината, тоа било знак за тоа дека Таа пред лицето на цел свет била необичен човек...
Јас денес сакам да разговарам со вас за тоа, какво значење има Црквата во нашиотживот. Црквата е врата во Небесното Царство, и среќно е тоа семејство и оној човек кои стојат пред овие врати. Среќен е оној човек кој го чувствува значењето на храмот. Во црквата присуствува посебна благодат. Благодатта на СветиотДух...
Јас паметам, кога ја почнавме изградбата на храмот на Пресвета Троица (Цминда Самеба - катедралниот храм во Тбилиси) и ги ископавме темелите. Многумина размислуваа како и со што да ги наполниме темелите, и дали можеме да го изградиме овој храм.
Дури и кога уште ништо немаше, ние чувствувавме дека таму има посебна благодат.
Јас си ги спомнувам оние денови кога луѓето дури не сакаа да си заминат од таму, а имаше само голема јама... Бог исполни се. И Бог ни го изгради нам овој храм, и заедно со Него и нашиот народ. Ова стана храм на Света Троица. Се што прави човекот станува негов автопортрет. Ова означува дека силата на Светиот Дух преизобилно се излива на Грузија".
Патријархот Илија II продолжи: „Сакам да се присетам на моето детство. Немаше сабота и недела ние со моите родители да не одиме во храмот. Еднаш во храмот на светиот пророк Илија во Владикавказ во текот на службата, мајка ми ни рече: „Вие бидете овде, а јас ќе излезам".
Таа отиде до гробот, кој беше и остана во близина на храмот Гробот на Анастасија Андреевна. Нејзиното презиме беше Андреева, а нејзините предци биле Грци. Таа правела чуда, се упокоила во 1932 година. Се приближила мајка ми до гробот, а таму луѓето се собрале во толпа, клечат на коленици и плачат. Мајка ми се зачудила зошто плачат... Ја прашале:„Ти ништо не гледаш?".„Не", -одговорила мајка ми. И одговориле: „прекрсти се и клекни на колена". Ова се случувало дење, за време на службата. Таа клекнала на колена и ја видела Пресвета Богородица која Го држела Спасителот во рацете. Мајка ми заплакала и се поклонила за да ги целива нозете на Пресвета Богородица, но Таа исчезнала и потоа повторно се појавила. Седумнаесет луѓе го виделе сето тоа.
Клучевите и стапот со кои одела света Анастасија се чуваат кај нас во Патријаршијата. Тие биле подарени на мојот татко, а тој ми ги остави мене.
Света Анастасија постојано предизвикувала воодушевување. Во текот на Втората светска војна, Германците дошле до градот и требало да влезат во него. Еден војник кој бил на гробиштата на крајот од градот, видел дека таму оди стара жена со бастун. Тој ја застанал и и викнал: „Која си ти?" Таа му одговорила: „Јас сум Анастасија, го чувам овој град". Германците не можеле да влезат во градот.
Јас си спомнувам како се подготвуваа моите родители кога одеа во црква. Како тие ја подготвуваа облеката, јадењето... Кога одевме во саботите и се враќавме во неделите после службата, ручекот веќе беше готов... Воодушевувачки... Јас не паметам таков ден, кога ние би станале и не би се помолиле сите заедно, и наутро, и навечер.
На овој начин ние сме должни да ги воспитаме своите деца. Со љубов. Јас не паметам во моето семејство некогаш да имало расправии и викање. Секогаш имаше спокојство кое ни се предаде и нам, на децата".
Исто така, Патријархот зборуваше и за тие луѓе кои ги изгубиле своите куќи поради хипотекарни кредити. Тој се обрати кон раководителите на банките: „Јас сакам да се осврнам и на оние кои имаат голема потреба од помош, на нивните судбини. Луѓето кои земале кредити и ги заложиле своите домови се иселени од банките, и тие немаат кров над глава за оваа зима. Сакам да го замолам секој раководител на секоја банка, да не го прават тоа, барем зимава, жал ми е за тие луѓе. Тие доаѓаат во Патријаршијата и плачат. Силно ве замолувам да им помогнете. Возможно е да се најдат такви луѓе, кои ќе им го простат долгот или некако ќе им помогнат, за да не им се продаде домот".
Завршувајќи ја проповедта, Патријархот Илија го благословил народот: „Господ нека ни прати на сите нас трпение и мир. Нека Господ ни ја дарува нам Својата Божествена благодат, која ги лечи немоќите и ги надополнува несовршенствата".**
„Паата, постиш ли?" -
Оперскиот пејат Паата Бурчуладзе раскажа како по молитвите на Патријархот Илија се исцелил неговиот син.
Тбилиси, 25-ти декември 2015 г.
Денеска се исполнуваат 38 години од интронизацијата на Патријархот Илија II. На 23-ти декември 1977-ма година, Илија II бил избран за Католикос - Патријарх на цела Грузија. Интронизацијата на Илија II била на 25-ти декември 1977-ма година.
Светски познатиот оперски пејач Паата Бурчуладзе раскажа како по молитвите на Патријархот на Грузиската Црква се исцелил неговиот син.
„Во 1989 г. јас бев во Италија, кога ми заѕвонија моите другари и ми рекоа дека јас сум должен се да откажам и брзо да се вратам во Грузија, затоа што смртно е ранет мојот син. Цело Тбилиси дознало за тоа.
Наоѓајќи се во целосен шок, јас долетав во Тбилиси. На аеродром ме сретнаа моите другари. Ние веднаш отидовме во државната болница, каде го видов својот син во несвест. Сите мислеа дека повеќе нема да го видам жив.
Единствено што ми дојде на памет беше да му се обратам на Патријархот за помош. Јас им кажав на моите пријатели за моето решение и брзо отидовме во Патријаршијата. Од државната болница до Патријаршијата има 15 минути возење.
Јас дојдов во Патријаршијата, клекнав на колена пред Неговата Светост и почнав да плачам...
Плачев така, како што плаче секој татко кој го губи своето дете. Јас едвај раскажав за мојата несреќа. Со солзи го молев нашиот Патријарх да го спаси мојот син. Гледајќи ме во таква состојба, тој силно се вознемири, се сврте кон иконите и почна да се моли...
Се молеше, се молеше и во еден момент се сврте кон мене и ме прашува: „Паата, постиш ли?" Јас одговорив -не... Тој ги собра рамениците, изговори:„Ех..." и продолжи да се моли...
Јас во тоа време коленичев и плачев... Патријархот заврши да се моли, дојде до мене, ме попрска со света вода и ми кажа: „Сега оди, твоето дете сигурно ќе биде спасено, само ти почни да постиш и да се причестуваш..."
Добивајќи таква надеж и таков благослов, излегов не изговарајќи ни збор. Враќајќи се во болницата, влегов во реанимационата соба и не можев да им поверувам на своите очи... Мојот син седеше насмеан на креветот... Синот, кој пред 45 мнути го оставив во бессознание, за кого мислеа дека нема да го најдам жив, - седеше на креветот, полн со животи се смешкаше... Јас незнаев што да правам од среќа... Во тие минути немаше посреќен човек на Земјата од мене.
Ако ова чудо не се случеше со мене, изгледа јас не би му поверувал на ниту еден друг. Сведоци на ова чудо беа уште стотина други луѓе кои ме поддржуваа во тие сложени минути, со тага мислејќи дека мојот син ќе почине! На овој начин, мојот сакан Патријарх со молитвите кон нашиот Господ Исус Христос го спаси мојот син и ми го подари по втор пат!"
Превод од руски јазик: Александар Ѓорѓиевски, дипл. Теолог
Православна светлина бр. 39