логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 Beseda5.jpg
50 Б Е С Е Д И

 ЗА СОВРШЕНСТВОТО


БЕСЕДА 5

Разликата помеѓу христијаните и луѓето на овој век е голема. Едните во себе го имаат духот на светот и срцето и умот им се врзани со земни врски, а другите ја посакуваат љубовта на небесниот Отец и само Него Го имаат како предмет на сите свои желби.

1. Христијаните имаат сопствен свет, свој начин на живот. А и умот, зборот и активноста им се свои сопствени. Луѓето на овој свет, пак, имаат поинаков начин на живот и ум и збор и активност. Едно се христијаните, а друго оние што го љубат светот. Разликата помеѓу едните и другите е голема. жителите на земјата, чедата на овој век, личат на пченицата сипана во решетото на оваа земја и се просејуваат меѓу непостојаните помисли на овој свет, при непрестајното бранување на земните дела, посакувања и заплетканите материјални поими. Сатаната ги растресува душите и со решетото, т. е. преку земните дела, го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на падот кога Адам ја престапил заповедта и му се потчинил на лукавиот кнез, кој ја земал власта над него, тој ги просејува сите синови на овој век со помош на непрестајните измамувачки и збркувачки помисли и ги воведува во меѓусебен судир во решетото на земјата.
2. Како што пченицата во решетото во рацете на просејувачот се судира и внатре непрестајно се превртува, така кнезот на итрината ги занимава сите луѓе со земните дела, ги размрдува, ги воведува во збрка и тревога, ги присилува да се прилепуваат кон суетните помисли, гнасните посакувања, земните и светските врски, без престан пленувајќи го, збркувајќи го, ловејќи го целиот грешен род Адамов. А Господ им претскажал на апостолите што ќе им се случи од лукавиот: „Сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев” на мојот Отец „за да не намали верата” ваша (Лука 22, 31 и 32). Зашто следново слово, следнава определба, што Создателот отворено му ја изрече на Каин: „ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата” (1. Мој. 4, 12), претставува таинствен образ и подобие на сите грешници, бидејќи Адамовиот род, откако ја престапи заповедта и стана грешен, на таинствен начин го прими на себе ова подобие. Луѓето се разнишуваат од непостојаните помисли на уплашеност, страв, секаков немир, посакувања, најразлични задоволства од секаков вид. Кнезот на овој свет ја бранува секоја душа што не е родена од Бога и слично на пченицата, којашто постојано се враќа во решетото, на разни начини ги вознемирува човечките помисли, сите ги разнишува и ги уловува на мамецот на светските измами, плотските задоволства, стравувања, немири.
3. Покажувајќи дека оние што ги следат измамите и желбите на лукавиот на себе го носат подобието на Каиновото лукавство и разобличувајќи ги, Господ рекол: „Вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината” (Јован 8, 44). Според тоа, сиот грешен Адамов род невидливо на себе ја носи онаа осуда: изгнаници и скитници, ќе бидете вознемирувани од страна на сатаната, кој ве просејува во решетото на земјата. Како што целиот човечки род се распространил по земјата од едниот Адам, исто така едно, така да се каже, страсно оштетување проникнало во целиот грешен човечки род и само кнезот на злобата може да ги сее сите преку непостојаните материјални, суетни, збркувачки помисли. И како што само ветерот може да ги разнишува и раздвижува сите растенија и семиња; и како што само ноќната темница се распространува над целата вселена: така кнезот на лукавството, како некаква мислена темница на гревот и смртта, некаков таинствен и жесток ветер, го спопаѓа и раздвижува сиот човечки род на земјата, ловејќи ги човечките срца со непостојаните помисли и светските посакувања и секоја душа што не е родена одозгора, којашто со мислата и умот не се преселила во другиот век, како што е кажано: „а нашето живеалиште е на небесата” (Филип. 3, 20), ја исполнува со темнината на незнаењето, ослепеноста и заборавот.
4. Со ова вистинските христијани се разликуваат од целиот човечки род. И како што кажавме погоре, голема е разликата меѓу христијаните и останатите луѓе. Со оглед на тоа што умот и размислувањето на христијаните секогаш се зафатени со мудрување за небесното и тие преку општењето и заедничарењето со Светиот Дух ги созерцуваат вечните блага, со оглед на тоа што тие се родени одозгора од Бога, реално и на дело се удостоиле да станат Божји чеда, со многубројни и долговремени подвизи и напори стасале до постојаноста, цврстината, невознемиреноста и спокојството, па веќе не се расејуваат и не се бранувани од непостојаните и суетни помисли, со самото тоа тие се повисоки и подобри од светот, бидејќи нивниот ум и душевното мудрување остануваат во Христовиот мир и во љубовта на Духот, како што и Господ, размислувајќи за таквите, рекол дека тие преминале „од смрт во живот” (Јован 5, 24). Според тоа, христијаните не се одликуваат според надворешниот изглед и видливите својства, иако многумина мислат дека во тоа е содржана целата разлика.
5. Новата творба ‡ христијанинот, според обновеноста на умот, смиреноста на помислите, љубовта и небесната приврзаност кон Господа, се разликува од сите луѓе во светот. И Господ токму затоа дошол, за тие кои вистински ќе поверуваат во Господа да се удостојат за овие духовни блага. На христијаните им припаѓаат и славата и убавината и небесното неискажливо богатство, коешто се стекнува со труд, пот, искушенија, со многубројни подвизи, но сепак, не поинаку, освен при присуство на Божјата благодат. желба на секој човек е да го види лицето на земниот цар. Секој што доаѓа во престолниот град на царството сака да фрли макар еден поглед на неговата убавина, на украсите на одеждите, на велелепноста на порфирата, на убавината на разновидните бисерни украси, на прекрасните дијадеми, на неговите скапоцени царски одликувања. Само оние што живеат духовно не го ценат ова многу, затоа што искуствено дознале за една друга небесна и неплотска слава, ранети се од една друга неискажлива убавина, имаат удел во едно поинакво богатство, живеат според внатрешниот човек, заедничарат со еден друг Дух. А луѓето на овој свет, коишто во себе го имаат духот на светот, мошне посакуваат да го видат земниот цар, и тоа особено во целиот негов украс и во сета слава. И колку повеќе судбината на царот, според видливото величество, ја надминува судбината на секој друг човек, толку повеќе сите сакаат макар само да го видат. И секој си зборува самиот на себе: О, кога некој и мене би ми ја дал таа слава, тој украс, тој раскош! Така тој го ублажува човекот што е сличен на него, земен, сличен според страстите, смртта, но кој ја возбудува неговата желба со привремениот украс и привремената слава.
6. Но ако за плотските луѓе славата на земниот цар е толку посакувана, луѓето на коишто капнала онаа роса на Духот на божествениот живот и им го ранила срцето со божествената љубов кон небесниот цар ‡ Христос, уште повеќе се приврзуваат кон онаа убавина, кон неискажливата слава, кон нераспадливиот раскош, кон недофатливото за мислата богатство на вистинскиот и вечен цар ‡ Христос. Тие самите се предаваат во ропство на посакувањето и љубовта, целосно се устремуваат кон Христа и посакуваат да ги задобијат неискажливита блага што ги созерцуваат со духот, па затоа за нив ништо не значи секоја убавина на земјата, ниту славата, раскошот, честа и богатството на царевите и кнезовите. Зашто тие се ранети од божествената убавина и во нивните души капнала капка од животот на небесната бесмртност. Токму затоа ја сакаат само љубовта на небесниот цар и со голема желба само него го имаат пред очите, заради него се одврзуваат од секоја светска љубов и се оддалечуваат од сите земни врски, за да можат во срцата секогаш да ја имаат само оваа желба и истава да не ја поврзуваат со ништо друго.
7. Но тие, коишто со добриот почеток го соединиле добриот крај, непречено дошле до целта, ја имаат само љубовта кон единствениот Бог и од сè се одврзале, се сосема малку. Многумина влегуваат во умиление, многумина стануваат учесници во небесната благодат, ранети се од небесната љубов, но не издржувајќи ги различните борби што ги сретнале на патот, подвизите, напорите и искушенијата од лукавиот ‡ бидејќи кај секого постои желба да се љуби нешто во овој свет и тој не сосема да се одврзе од оваа своја љубов ‡ откако се вратиле кон разновидните и различни светски посакувања, од слабост и пасивност, или поради плашливоста на својата сопствена волја, или поради љубовта кон нешто земно, останале во светот и пропаднале во неговата длабочина. А тие коишто навистина имаат намера до крајот да поминуваат еден добар живот, освен онаа небесна љубов, во себе не треба доброволно да примаат и да примешуваат никаква друга љубов и приврзаност, да не би со тоа на духовното да му постават пречки, да не се вратат назад и, најпосле, да се лишат од животот. Како што Божјите ветувања се големи, неискажливи и неизразливи, исто така потребни се вера, надеж, напори и големи подвизи, а и долговремено испитување. Не се со мала важност богатствата што се надева да ги добие човекот кој го посакува небесното царство. Тој сака заедно со Христа да царува во бесконечните векови. Зар тој нема да се реши усрдно, во текот на краткото време на овој живот, до самата смрт, да трпи борби, напори и искушенија? Господ повикува: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст”, постојано радувајќи се, „и да оди по Мене” (Мат. 16, 24), и уште: „Ако некој не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик” (Лука 14, 26). Но голем дел од луѓето, иако имаат намера да го задобијат царството и сакаат да го наследат вечниот живот, сепак не се откажуваат од тоа да живеат според тоа како што самите ќе посакаат и да ги следат овие нивни посакувања или, подобро да кажеме, да го следат оној кој во нив ги посева разните замисли; иако не се одрекле од себе, тие сакаат да го наследат вечниот живот, што е ‡ невозможно.
8. Вистинито е словото Господово. По патот непречено одат оние што, според Господовата заповед, целосно се одрекле од себе, се оддалечиле од сите земски посакувања, врски, разоноди, задоволства и занимања, пред очите го имаат само Господа и сакаат да ја извршуваат Неговата заповед. Според тоа, ако некој не посакал вистински да го задобие царството и да се одрече од себе, и покрај онаа љубов љуби уште нешто друго, се насладува од некои задоволства или желби на овој век, и целата љубов не ја има насочено кон Господа, колку што е тоа можно за слободната волја и желбата, се упропастува по своја сопствена волја. А сево ова ќе го разбереш од следниов пример. Секој човек понекогаш преку размислување доаѓа до заклучок и знае дека нешто што сака да направи нема никаква смисла, па сепак, бидејќи има љубов кон тоа и не се откажува од љубовта, дозволува да биде победен. Отпрвин внатре во неговото срце се случува борба, па рамнотежа, па наклонетост, и превагнува де љубовта кон Бога, де љубовта кон светот. Тогаш човекот почнува да размислува дали да влезе во расправа и спор со братот, си вели самиот во себе: Ќе му кажам; не, нема да му кажам. Ќе почнам разговор со него; не, нема да почнам. Си спомнува тој за Бога, но и својата слава си ја пази и не се одрекува од себе. А ако љубовта и наклонетоста кон светот превагнат малку на вагата на срцето, во истиот час истата помисла е спремна да ја придвижи и устата. Потоа умот како со затегната стрела одвнатре го застрелува ближниот со јазикот и, грижејќи се да си ја сочува својата слава, сега веќе без никаква принуда на волјата, исфрла стрели и непристојни зборови. Потоа продолжува да го ранува ближниот со непристојни зборови, сè додека гревот не се разлее по сите членови. Понекогаш овие членови, расправајќи се меѓу себе, лукавото посакување го доведуваат до удари и рани, а понекогаш стигнуваат дури до убиство, па подготвуваат смрт. Значи, погледни со што почнала целата работа и каков исход добила љубовта кон светската слава, којашто по сопствената волја на човекот превагнала на вагата на срцето. Сите неумесни работи произлегуваат од тоа што човекот не се одрекол од себе и љуби нешто во светот.
9. Истото имај го пред себе за секој грев и лош почеток. Порокот мами и ја привлекува волјата на умот преку светските предмети на желбата, измамата и плотското задоволство. Така се приготвува секое порочно дело, прељубата и грабежот, љубовта кон стекнување имоти и пијанството, љубовта кон парите и надменоста, зависта и љубовта кон првите места и секој порок. Понекогаш добри, навидум, потфати се остваруваат заради слава и пофалба од луѓето. А ова пред Бога е еднакво на неправда и грабеж и на другите гревови. Зашто кажано е: „Господ ќе им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден на друг” (Псал. 52, 5). И во добрите, навидум, дела лукавиот гледа можност за себе. Тој е мошне разнообразен и измамлив во светските посакувања. Гревот го уловува човекот на која и да било земна и плотска љубов со којашто тој се сврзува по своја сопствена волја, станува за него оков, јаже за врзување, тешко бреме што го потопува и задушува во лукавиот век, не давајќи му да си ги собере силите и да се врати кон Бога. Она што човекот го засакал во светот, тоа и го обременува неговиот ум, завладува со него и не му дозволува да си ги собере силите. Од тоа зависи и рамнотежата и наклонетоста и превагата на порокот. Со ова се испитува целиот човечки род. Се испитуваат сите христијани што живеат по градовите или на планините, во манастирите или во полињата, или на пусти места. Затоа што човекот, уловен по сопствена волја, почнува нешто да љуби. Неговата љубов се врзува за нешто и веќе не е целосно устремена кон Бога. На пример, некој го засакал имотот, друг златото и среброто, друг пак многуучената светска мудрост заради човечката слава, друг ги засакал првите места, друг пак славата и човечките почести, а некои пак гневот и раздразнувањето. А ова го љуби оттаму што брзо ñ се предава на страста. Некој ги љуби непримерните друштва, а некој зависта. Некој цел ден го поминува во расејаност и задоволства, друг пак се мами со празни мисли. Некој во поглед на љубовта кон човечката слава станал нешто како законоучител, некој се насладува со пасивноста и неработењето. Друг, пак, е приврзан кон облеката и другите крпчиња. Некој се предава на земни грижи, друг пак на сонот, или потсмевањето, или бесрамното зборување. Со што е некој приврзан кон светот, дали е тоа малечко нешто или големо, тоа и го задржува и не му дозволува да си ги собере силите. Ако со некоја страст човекот не се бори храбро, значи дека ја љуби и таа завладува со него, го обременува и за него станува оков и пречка за неговиот ум да се сврти кон Бога, да Му благоугоди и, откако само Нему ќе Му послужи, да стане добропотребен за царството и да го задобие вечниот живот.
10. А душата, којашто навистина се стреми кон Господа, целата своја љубов целосно ја пружа кон Него и колку што е можно со својата слободна волја се прилепува само за Него, а со тоа ја добива и помошта од благодатта, се одрекува самата од себе и не го следи она што го сака умот. Бидејќи поради злото, коешто не може да се раздели од нас и нè мами, и тој се движи итро. И не само тоа, туку душата целосно се предава на Господовото слово, се одврзува од сите видливи врски, колку што е тоа можно за волјата, и потполно Му се предава на Господа. Во тој случај, таа ќе биде во состојба да ја поднесе борбата, напорот и маките. Затоа што што тоа што душата го љуби, за неа е и потпора и товар. Ако љуби нешто во светот, тоа за човекот станува товар и приврзок, којшто го влече надолу и не му дозволува да се издигнува нагоре кон Бога. А ако Го љуби Господа и Неговите заповеди, тогаш во истово тој за себе наоѓа и потпора и олеснување ‡ со самото тоа што целосно ја запазува својата љубов кон Господа, за него стануваат лесни сите Господови заповеди. Ова човекот го нурнува во доброто или, подобро е да се каже, го олеснува и ја прави за него лесна секоја борба и секоја мака. Со Божјата сила тој го победува светот и силите на порокот, коишто ја фатиле душата во стапица во светот и во вртлогот на светот ја заплеткуваат во мрежите на разнородните посакувања. Значи, штом душата ќе Го возљуби Господа ‡ таа се истргнува од овие мрежи преку својата сопствена вера и преку големата преданост, а исто така и со помош одозгора се удостојува за вечното царство и, откако навистина го возљубила истото, по своја сопствена волја и со помош на Господа, таа веќе не се лишува од вечниот живот.
11. Но за појасно да докажеме на само дело дека многумина гинат по своја сопствена волја, потонуваат во морето, паѓаат во плен, да замислиме дека гори некоја куќа. Еден, имајќи намера да се спаси себе си, штом дознал за пожарот, бега надвор и оставајќи сè, а решен да се погрижи само за својата душа, се спасува. Друг, со намера со себе да земе неколку домашни работи или нешто друго, влегол во куќата и, додека собирал, огнот се засилил, па го зафатил и човекот во куќата и го изгорел. Гледаш ли дека тој човек погинал во огнот по своја сопствена волја, од љубов, односно ‡ бидејќи засакал привремено нешто друго освен себе си. Исто така, слично на ова, некои други луѓе пловат по морето и ги зафатиле силни бранови. Еден, откако се соблекол до гола кожа, се фрла во водата да се спаси само себе си. И ете, тој, воден од брановите и со ништо неврзан, освен со грижата за својата душа, пливајќи над брановите, успеал да излезе од немирното море. А друг, со намера да спаси нешто од својата облека, помислил дека ако ги земе облеките со себе ќе може и со нив да плива и да излезе од морето. Но облеките што ги зел со себе го натовариле и го потопиле во морската длабочина, па така заради малечка корист, без да се погрижи за својата душа, тој погинал. Забележуваш ли дека тој станал жртва на смртта по своја сопствена волја? Замисли си уште дека се пронел глас дека наидува некој друг народ. Еден, штом чул за тоа, веднаш се дал во бегство, воопшто не чекал и тргнал на пат без ништо. А друг, не верувајќи дека идат непријатели или сакајќи со себе да земе некои до своите работи, откако се решил на тоа, задоцнил со бегањето. А ете, непријателите дошле, го фатиле, го одвеле како заробеник во некоја друга земја и го принудиле таму да живее во ропство. Гледаш ли дека и овој е одведен во заробеништво по своја сопствена волја, поради неговата немарност, поради недостигот на храброст и поради љубовта кон некои предмети?
12. Слично на ова и оние коишто не ги следат заповедите Господови, не се одрекле од себе, не Го возљубиле единствено Господа, туку доброволно се врзале со земни врски, кога доаѓа вечниот оган, како заробеници или, поточно е да кажеме, пленици во однос на добрите дела, потонуваат во љубовта кон светот и се удавуваат во горкото море на лукавството и гинат пленети од друг народ, т. е. од лукавите духови. А ако сакаш исправноста на потполната љубов кон Господа да ја узнаеш од светите боговдахновени писма, тогаш гледај како Јов соблече, така да се каже, сè што имаше: децата, имотите, стоката, слугите и целиот останат имот, и како тој, откако соблече сè, бегаше и се спасуваше себе си, па дури и хитонот го остави и му го фрли на сатаната, со ниеден збор не изрече хула, ниту со срцето, ниту со устата не заропоти пред Господа, па дури и, спротивно на тоа, Го благословуваше Господа, велејќи: „Господ даде, Господ го зеде; како што Му беше угодно на Господа, така и стана. Нека е благословено името Господово” (Јов 1, 21). За него сметале дека стекнал многу, но по неговото испитување од Господа се покажало дека Јов ништо друго не стекнал, освен Бога. Слично на ова и Авраам, кога Господ му заповедал ‡ „излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си” (1. Мој. 12, 1), веднаш слекол, така да се каже, сè ‡ татковството, земјата, роднините, родителите ‡ и го следел словото Господово. Потоа, за време на многуте испитувања и искушенија што му се случиле ‡ кога му била одземена жената, кога живеел и трпел навреди во туѓа земја, во сиве овие случаи докажал дека го љуби единствениот Бог повеќе од сè друго. Најпосле, кога, според ветувањето, откако поминале многу години, го добил синот единец, толку многу посакуван, и Бог побарал од него да биде спремен истиот тој син сам да го принесе како жртва, Авраам се слекол и вистински се одрекол од самиот себе. Зашто со овој принос на синот единец докажал дека не љубел ништо друго освен Бога. А ако со таква спремност го жртвувал синот, уште повеќе тој, со цела спремност и со цела усрдност, кога би му било заповедено, сиот свој имот би го оставил или одеднаш би го разделил на сиромашните. Ја гледаш ли сега исправноста на потполната и доброволна љубов кон Господа?
13. Така и тие што сакаат да бидат наследници на овие праведници, треба да не љубат ништо друго освен Бога, па кога ќе бидат ставени на испит, да се покажат добропотребни и извонредни, потполно запазувајќи ја својата љубов кон Господа. Само тие кои секогаш по своја сопствена волја Го љубеле само Бога и се одвојувале од секоја светска љубов ќе бидат во состојба да го поминат подвигот до крајот. Но се покажува дека има сосема малку луѓе коишто би ја прифатиле таквата љубов, би се одвраќале од сите светски задоволства и посакувања и великодушно би ги претрпувале нападите и искушенијата на лукавиот. Зар причината што нема такви коишто успешно ги минуваат овие матни реки на светските посакувања од секаков вид и разните искушенија од лукавите духови не е во тоа што многумина, кога ја поминуваат реката, се занесуваат од водата? Зар причината што нема такви коишто ја препловуваат морската шир, поминуваат по брановите и стасуваат во мирно пристаниште, не е во тоа што многу бродови, криејќи се во морето, потонуваат во брановите? Затоа секогаш се потребни голема вера, благородност, борба, трпение, напори, глад и жед за сè што е добро, проникливост, упорност, расудливост, благоразумност. Голем дел од луѓето сакаат да се удостојат за царството без напори, без подвизи, без пролевање пот. Но ова е ‡ невозможно.
14. Како што во светот луѓе доаѓаат кај некој богат човек за да поработат кај него за време на жетвата или за време на некоја друга работа, па да си го заработат тоа од што имаат потреба за да се прехранат и некои од нив се луѓе мрзеливи и неработливи, не се трудат како другите, не работат како што треба, меѓутоа, иако не се трудат и не се трошат себе си во домот на богатиот, сепак сакаат, како веќе да ја сработиле целата работа, да земат плата исто како и тие коишто трпеливо се трудат, работат брзо и од сета своја сила; исто така и ние, кога ги читаме Писмата, или кога читаме за некој праведник, како тој Му благоугодил на Бога, како Му станал пријател на Бога и разговарал со Него, или кога читаме за сите отци како тие станале пријатели и наследници Божји, колку маки претрпеле, колку страдале заради Бога, колку доблесни дела и подвизи направиле, ги ублажуваме и сакаме да се удостоиме со дарови и вредности еднакви со нивните, подготвено посакуваме да ги задобиеме оние славни дарови, оставајќи ги настрана само нивните напори, подвизи, маки и страдања. Да ги стекнуваме почестите и вредностите што тие ги примиле од Бога сакаме со цела усрдност, а нивните исцрпувачки напори и подвизи не ги примаме врз себе. Но ти кажувам дека сево ова го сака и посакува секој човек. И блудниците, и митарите, и неправедните луѓе би сакале да го задобијат царството така лесно, без напори и подвизи. А токму затоа на патот претстојат искушенија, многу испитувања, маки, борби и пролевања пот, за да се покажат тие коишто навистина, со сета своја слободна волја и со сите сили, дури до смртта, Го љубеле само Господа и, освен таквата љубов кон Него, ништо друго не посакувале за себе. Затоа праведно е што тие влегуваат во небесното царство откако се одрекле од самите себе, според Господовото слово, и Го возљубиле единствено Господа, дури и повеќе од својот живот, поради што, т. е. поради својата голема љубов, ќе бидат наградени со високи небесни дарови.
15. Ветувањата, славата и устројството на небесните блага се сокриени во маките, во страдањата, во трпението, во верата. Исто како што плодот е сокриен во пченичното зрно коешто се става во земјата, или во дрвото коешто се калеми поради некоја повреда или запустување. Тогаш се покажува украсот на одеждите и славата и многукратниот плод, како што вели апостолот: „во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки” (Дела 14, 22), и како што вели Господ: „со трпение спасувајте си ги душите” (Лука 21, 19), и уште: „во светот ќе имате маки” (Јован 16, 33). Зашто потребни се труд, ревност, трезвеност, големо внимание, проникливост и упорност во прозбите кон Господа за да се избавиме од тоа да посакуваме што и да било земно, да ги избегнуваме стапиците и мрежите на задоволствата, немирите на светот, нападите на лукавите духови и точно да узнаеме со каква трезвеност и со каква полетност на верата и љубовта светителите уште овде ги стекнувале небесните богатства, т. е. духовната сила, којашто во нивните души била залог за царството. Зашто блажениот апостол Павле, размислувајќи за оваа небесна ризница, т. е. за благодатта на Духот, и опишувајши ги огромните маки, а истовремено покажувајќи што секој треба да сака овде и што задолжително треба да се задобие, вели: „знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата” (2. Кор. 5, 1).
16. Според тоа, секој треба да се подвизува и да се грижи преку напредување во сите добродетели да го стекне она живеалиште и да верува дека тоа се стекнува уште овде. Зашто ако се разруши нашето телесно живеалиште ‡ ние друго живеалиште немаме, во коешто би престојувала нашата душа. „Само, да не би,” како што е речено, „и облечени, да се најдеме голи” (3), т. е. да не бидеме лишени од општењето и соединувањето со Светиот Дух, зашто верната душа може да се успокојува само во Него. Според ова, оние коишто најреално и на дело се христијани имаат цврста надеж и се радуваат, излегувајќи од оваа плот, дека го имаат она „живеалиште неракотворено”, а ова живеалиште е силата на Духот, којашто престојува во нив. И ако се разруши телесното живеалиште ‡ тие не се плашат од тоа, бидејќи го имаат небесното духовно живеалиште и онаа непропадлива слава којашто во денот на воскресението ќе го изгради и прослави и живеалиштето на телото, како што вели апостолот: „Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас” (Рим. 8, 11), и уште: „та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело” (2. Кор. 4, 11) и: „та животот,” како што е речено, „да го проголта смртното” (5, 4).
17. Значи, да се потрудиме преку верата и добродетелниот живот, уште додека сме овде, да ја задобиеме за себе онаа облека, да не би, облечени во тело, да се покажеме голи, па тогаш во оној ден да немаме ништо што ќе ја прослави нашата плот. Зашто во колкава мера секој човек се удостојува за верата и преданоста да стане заедничар со Светиот Дух, во исто толкава мера во оној ден ќе биде прославено и неговото тело. Она што душата сега го собрала во својата внатрешна ризница, истото тоа тогаш ќе се открие и ќе се пројави надвор од телото. Исто како што дрвјата, кога, откако ќе помине зимата, ќе ги огрее невидливата сила на сонцето и ветровите, како своја облека произведуваат и од себе кон надвор исфрлаат листови, цветови и плодови, а во истото тоа време од утробата на земјата излегуваат и полските цветови, па со нив се покрива и се облекува и земјата и тревата, слично на криновите за кои Господ рекол: „ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив” (мат. 6, 29). Зашто сево ова служи како пример, образ и подобие за христијанинот во денот на воскресението.
18. Така, за сите богољубиви души, т. е. за вистинските христијани постои првиот месец, Ксантик, кој уште се нарекува Април, и тоа е денот на воскресението. Тогаш, по силата на Сонцето на вистината, одвнатре ќе излезе славата на Светиот Дух, којашто ќе ги покрива и облекува телата на светителите, а тоа е истата слава којашто тие ја имале сокриена во душите. Зашто, тоа што сега душата го има во себе, истото ќе биде пронајдено тогаш во телото. Овој, велам, месец е „прв месец меѓу месеците во годината” (2. Мој. 12, 2). Тој ñ донесува радост на целата творба, отворајќи ја земјата, во одежди ги облекува разголените дрвја, им донесува радост на сите животни, меѓу сите ја распространува веселбата, за христијаните тоа е првиот месец, Ксантик, т. е. времето на воскресението, во кое нивните тела ќе бидат прославени од неискажливата светлина, којашто уште сега е сокриена во нив, т. е. од силата на Духот, којшто тогаш ќе биде нивна облека, храна, пиење, радост, веселба, мир, вечен живот. Зашто тогаш Духот на Божеството, Когошто тие се удостоиле да Го примат во себе уште сега, за нив ќе биде сета пријатност на светлината и сета небесна убавина.
19. Значи, колку секој од нас треба да верува, да се подвизува, да се грижи за добродетелниот живот во секој поглед и со надеж и големо трпение да очекува да се удостои уште сега, внатре во својата душа, да ја прими силата од небесата и славата на Светиот Дух, па тогаш, по разрушувањето на телото, да имаме што да нè облече и да нè оживотвори? „Да не би и облечени,” како што е речено, „да се најдеме голи” и: „ќе ги оживотвори” нашите „смртни тела преку Својот Дух, Кој живее” во нас. Блажениот Мојсеј, наоѓајќи се во онаа слава на Духот, којашто го покривала неговото лице, така што ниту еден човек не можел да погледне на него, ни го покажал изгледот на телата на светителите при воскресението на праведните, прославени со онаа слава, којашто душите на светителите и на верните уште овде се удостојуваат да ја имаат внатре во себе ‡ во внатрешниот човек. Зашто речено е: „Ние, пак, сите со откриено лице,” т. е. со внатрешниот човек, „гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава” (2. Кор. 3, 18). Истиот тој Мојсеј, како што е напишано, „четириесет дена и четириесет ноќи не јадеше леб и не пиеше вода” (2. Мој. 34, 28), меѓутоа, за телесната природа би било невозможно да живее толку време без леб, ако не добивала некоја друга духовна храна. А таа храна душите на светителите уште сега на невидлив начин ја добиваат од Духот.
20. Значи, блажениот Мојсеј преку два образа (слики) ни покажал каква светлосна слава и каква умствена наслада на Духот ќе имаат вистинските христијани при воскресението, иако уште сега се удостојуваат за тие тајни, но тогаш тие ќе се најдат и на нивните тела. Зашто, како што е кажано погоре, голите тела на светителите ќе се покријат и ќе се облечат и ќе бидат прославени на небесата со истата слава којашто уште сега ја имаат во своите души, па тогаш веќе и со телото и со душата во вековите ќе се успокојуваме со Господа во царството. Кога Бог го створил Адама, не уредил така да има телесни крилја како птиците, туку за него ги приготвил крилјата на Светиот Дух, т. е. крилјата коишто ќе му ги даде при воскресението за да го подигнат и воздигнат таму каде што Му е угодно на Духот. Овие крилја уште сега се удостоени да ги имаат душите на светителите, коишто со умот се вивнуваат кон небесното мудрување. Зашто христијаните имаат поинаков свет, поинаква трпеза, поинакви облеки, поинаква наслада, поинакво општење, поинаков начин на мислење, поради што тие се подобри од сите луѓе. Силата, пак, за сето тоа тие се удостојуваат да ја примат во внатрешноста на својата душа уште сега преку Духот Свет. Па така, при воскресението и нивните тела ќе се удостојат за оние вечни духовни блага и ќе бидат учесници на онаа слава, која нивните души ја искусиле уште сега.
21. Според тоа, секој од нас треба да се подвизува и да се труди грижливо да се вежба во сите добродетели, да верува и проси од Господа внатрешниот човек уште сега да стане учесник во онаа слава и душата да влезе во заедничарење со онаа светост на Духот, па, откако ќе се очистиме од нечистотијата на порокот, и при воскресението да имаме во што да ги облечеме нашите воскреснати голи тела, со што да го покриеме срамот нивни, со што да ги оживотвориме и навек да ги успокоиме во небесното царство. Зашто, според Светото Писмо, Христос ќе дојде од небесата и ќе ги воскресне сите Адамови племиња, сите што починале од века, и ќе ги раздели на два дела, па оние кои ќе го имаат неговиот „знак”, т. е. печатот на Духот, прогласувајќи ги за Свои, ќе ги постави од Својата десна страна. Зашто вели: „Моите овци го слушаат Мојот глас” (Јован 10, 27); „и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене” (14). Тогаш нивните тела за добрите дела ќе се облечат во божествената слава и тие самите ќе бидат исполнети со онаа духовна слава којашто уште овде ја имале во душите и, на тој начин, прославени од божествената светлина и издигнати на небесата „за да се сретнеме со Господа во воздухот”, според напишаното, „секогаш ќе бидеме со Господа” (1. Сол. 4, 17), царувајќи заедно со Него во бесконечните векови на вековите. Амин.

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная