·
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Зошто во денешното евангелие Христос вели дека Своите ученици ќе ги направи ловци на луѓе, а не, на пример, нивни учители, водачи или нешто слично? Да почнеме од самите себе, како што е редот, и да се запрашаме: дали нашиот ум може молитвено да престојува во нашето срце и дали таму се просветлува? Очигледно, не. Причината е заробеноста на нашето срце од бесловесните страсти. И, знаеме убаво дека, пред сè, тоа е бесловесната страст на славољубието, на високото мислење за самите себе или гордоста, односно фактот дека нашиот острастен разум (без оглед на нивото на нашата интелигенција) го поставуваме за врвен критериум на сè она што го перципираме околу нас и врз основа на него донесуваме заклучоци.
Посебно, проблемот се состои во тоа што, ако стварноста е сосема поинаква од тоа што ние си мислиме, не се ни запрашуваме за негативните последици од погрешните заклучоци по нашиот духовен развој. Лекот го знаеме, а не го користиме. Тоа е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, т.е. ставање на умот во процес на исцеление преку послушанието кон духовниот отец – до просветлувањето на умот. Сега, ако ние кои сме свесни дека сме заробени од бесловесната страст на високоумието и се бориме против неа, а сѐ уште не можеме да се ослободиме, тогаш што ли се случува со оние кои ниту се свесни дека се заробени од бесловесните страсти, ниту се свесни дека се водени преку нив во пропаст? Посебно, пак, кога знаеме дека поттикнувач на секоја бесловесна страст е демонот. Затоа и гледаме дека како што бесловесното животно бега од ловецот така и луѓето, заведени од бесловесните страсти (славољубието, среброљубието и сластољубието), демонот ги води далеку од Црквата и од духовните отци. И затоа, како што обичниот ловец треба да биде искусен за да го фати својот плен така и ловецот на луѓе, односно духовниот отец треба да биде опитен за да ги приведе луѓето кон спасение. Духовниот отец е, всушност, сведок Христов и истерувач на демони, па затоа и ловец на луѓе – заробеници на демоните. Значи, демонот од другите можеме да го истераме само ако претходно сме го истерале од себе. Денес, ловците на луѓе се реткост. Повеќе Божјата благодат ги носи луѓето коишто Го бараат Бог во Црква и кон духовниците на Црквата, отколку што се тие самите ловци на луѓе. Поинаквото мислење за самите себе – е прелест.“
Со дедо Наум низ Евангелието
Fb Monika Nikolova