Митрополит Струмички Наум:
Христијански минимум (30.10.2021 15:50)
Толкувајќи го денешното евангелско четиво (Лука 6, 31–36) би сакал да ги нагласам: од една страна, теоретската едноставност на христијанскиот подвиг и живот, а од друга страна – потребата од реален, личен и голем напор во остварувањето на евангелските заповеди Христови. Објаснувањето што следува, главно, се однесува на вообичаените меѓусебни лични односи.
Зашто, што има поедноставно од оваа заповед: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив“?
Зарем сакате некој да ви мисли лошо? Тогаш немојте ни вие да прифаќате лоши мисли за никого внатре во вашето срце!
Зарем сакате некој да зборува лошо за вас? Да ве нарече, на пример: лажговци или крадци, или неморални, или теолошки неписмени, или еретици? Тогаш немојте ни вие да ги озборувате, судите и осудувате своите ближни! Бидете внимателни со расудувањето и при вистински случувања, а камоли со осудувањето за она што не се случило!!!
Зарем сакате некој да ви направи нешто лошо? Тогаш немојте ни вие да правите никому ништо лошо.
Што има теоретски поедноставно од ова? И тоа, ова е само христијански минимум.
Но, во пракса треба да вложиме голем напор да ги исконтролираме своите мисли, зборови и дела. Секако, постепено и со помош на Божјата благодат ќе успееме. Никој не станал одеднаш светител, преподобен, туку со континуиран и долгогодишен напор во внимание над самиот себе при исполнувањето на заповедта за љубов кон своите ближни; со аскетски напор. И секако, и под надзор на духовен отец, внатре во Црквата.
Има и ситуација од поширок црковен контекст, која го надминува вообичаениот личносен однос, кога Епископот мора да преземе одредени педагошки мерки заради воспоставување на канонскиот ред и поредок во Црквата. И ова понекогаш се случува, но тоа е дејствување со расудување за доброто на Црквата – согласно економијата или акривијата на каноните, а не барање на лична правда, т.е. враќање на злото со зло. И тоа се мерки само за членовите на Црквата; не и за тие надвор од неа. Ова последново, на некои „верници“ изгледа не им е јасно.
Уште, Господ нè опоменува во ова евангелие да не се залажуваме самите себе само со „љубов од интерес“: „Ако ги милувате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив!“ Со ваква душевна, сентиментална „љубов“ христијаните не можат суштински да се разликуваат од овој свет и да бидат подобни на својот Господ.
Она што нè прави вистински христијани, она што нè дели од овој свет – кој лежи во зло, и она што нè ослободува од гревот, ѓаволот и смртта е исполнувањето на заповедта Христова: „...љубете ги непријателите ваши и чинете добро и на заем давајте – без да очекувате ништо“.
Во пракса ова значи да не одговараме на злото со зло, туку со добро. Одговор со зло би значел умножување на злото во нашиот живот и во светот. А демонот токму тоа го чека: да пронајде некое зло во нас за да нè доизвалка и за да го стави нашиот живот под негова контрола.
Злото внатре во нас самите нас нѐ разградува, а не оној против кого е насочено. Ако на злото што ни го прават одговориме со добро, тогаш и себеси се заштитуваме од демонското влијание, а и на нашиот непријател му оставаме време, можност, па дури и сила за покајание.
Да се трудиме, преку духовен развој, да достигнеме вистинска љубов – Божествена.
Друга тема е како ќе одговориме на злото, во случај, кога нашето дејствување е поврзано со одбраната на нашите ближни во моменти кога е загрозен нивниот телесен или духовен живот.
Пресвета Богородице, покажи ни го патот на смирението и послушанието...
Митрополит Струмички Наум