Hristos.HORA.tr

Фатени од гревот (31.07.2021 15:51)

Верата или верувањето многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човек. Она во што уште верува и кон што се стреми оној што се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите (на пример: умно-срдечната молитва), веќе е знаење и опит за оној кој е просветлен, а не прашање на вера. Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот (на пример: гледањето на несоздадената светлина на богопознанието), веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

Но, за да премине верата во знаење и опит, потребни се голем подвиг на благодарност и смирение. Таков голем подвиг на благодарност и смирение гледаме и во напорот, пред сè, на фатениот да дојде до Богочовекот.

Напорот да се дојде до Христос со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест – гревот, и без помисла и негодување да се прифати сето тоа, зарем ова не покажува смирение и благодарност? Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот – како што потврди и Христос, и со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за „толку“ – да му се простат гревовите.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас, како и прифаќањето на Божјата промисла за нас, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на несоздадената Божја благодат. А, конкретно ги прифаќаме преку послушанието кон духовниот отец. И следствено, тоа значи и наше исцеление; пред сѐ, душевно, а ако е за спасение – и телесно. Ако е за спасение...

Друго нешто што истакнува денешното евангелско четиво е и гревот, и отпаѓањето од Бог како причина за нашите болести, и душевни и телесни. Суштината на гревот е несмиреноста, а конкретно се пројавува како непослушание.

И последно нешто што е истакнато во денешното евангелско четиво е и вистината дека Господ Исус Христос е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите. Со секој наш грев првенствено и суштински го нарушуваме личниот однос со Него и единствено Он може вистински да прости, т.е. да го возобнови овој однос со својата несоздадена енергија (благодат).

Неповторување на гревот значи вистинското покајание. Дека гревот вистински е простен, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот. Оној што има вистинско покајание може да добие и исцелување од последиците на гревот.

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт и сила да простува гревови. Затоа, немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои Он ги правеше; но, објавата на простувањето ги соблазнува. Но, за да се уверат и во власта на простувањето, Христос го исцелува фатениот.

Заради нивно обраќање и спасение, Богочовекот Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: ем љубовно – без да ги кара, како што Он знае кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото Евангелие: „така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“

Но, внимавајте, чудото е за тие што од страна гледаат, од болниот се бара смирение на дело и благодарност. Од тие што гледаат и слушаат се бара вера.

Исцелувајќи ја видливата телесна болест на фатениот, Христос ја исцели и невидливата душевна болест на присутните – многу пострашна од телесната. Едно е да си само телесно болен, а друго е хула на Светиот Дух, односно неверувањето во Богочовекот Христос и непослушност.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум