Митрополит Струмички Наум:
Секој се самооправдува; има ли некој – да се покае? (03.01.2021 16:57)
Од денешното евангелие (Лука 18, 18–27) можеме да извлечеме неколку поуки.
Страста што Лекарот на нашите души и тела ја посочува како пречка за очистување и просветлување на младичот е среброљубието: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој, раздели го на сиромаси и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по Мене!“
Советот што Богочовекот Христос му го даде на младичот не е толку поради тоа што навистина очекуваше од него да го исполни повикот за совршенство, туку само за да го освести дека ги нема исполнето доволно ниту останатите заповеди што тој тврдеше дека ги запазил.
Доколку навистина ги имаше исполнето заповедите, младичот ќе го беше поминал патот на очистување, ќе беше просветлен и, како и во некои други примери во Евангелието, ќе Го познаеше Господ во учителот (како што тој Го нарече) Исус и ќе имаше сила да тргне по Него.
Затоа, неговите зборови „што ми е уште потребно за да имам живот вечен?“ (Матеј 19, 16) не се ништо друго, освен обично самооправдување и показател на високо мислење за самиот себе, пример за мнение. Веќе се открива и вториот проблем на младичот – гордоста.
Поради таа прелест на мнение и поради страста среброљубие, младичот и се оддалечува нажален од Христос, мислејќи дека сè направил како што треба, а ете – останува неразбран, незабележан и непризнат. Познато, нели? Наместо да Му биде благодарен.
Вакво нешто се случува и со нас, посебно кога на некој прекор од нашиот духовен отец, наместо да ја препознаеме нашата слабост, да побараме прошка и да се поправиме, ние се самооправдуваме, објаснувајќи што и како се случило – без да бидеме прашани.
А сè што се бара од нас во тој момент, без разлика дали прекорот ни изгледа или навистина е неправеден, е да одговориме со зборот „прости“ – со прифаќање на прекорот, а со тоа и на Божјата очистувачка несоздадена енергија што ја носи словото на духовникот.
И, никој не е богат само затоа што поседува богатство, туку само кога правилно располага со даруваното, од Бог, богатство; како што гледаме во одличниот пример со несправедливиот настојник и неправедното богатство (http://mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7353).
Затоа и сериозно сфатете, пред секое причестување со Бог, најдете некој што страда и конкретно помогнете му – колку што сакате; инаку, наместо со Бог, ќе се причестите само со уште поголема прелест и ќе пострадате.
Убаво е да постите и да се молите, но Бог, пред сѐ, милост бара, а не жртва!
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум
Извор:
МПЦ-ОА