Прашање од Марија: Како да не се плашам од смртта?
Одговор:
Секој христијанин кој правилно навлегува во верата, во себе почнува да ги чувствува плодовите од истата. Како што малото дете отпрвин лази, па потоа кога ќе стекне искуство и самодоверба се исправа и почнува да оди, така и оној кој постепено вистински го спознава Бога, обземен од Божествената страшнотаинствена вистина во себе, отпрвин, почнува да чувствува некој прикриен недефиниран страв. Тој страв доаѓа од нашата неподготвеност да во било кој момент од нашите овоземни животи се сретнеме и соочиме со Бога.
Со гревопадот на нашите прародители Адам и Ева, во човекот се случи една промена. Од бесмртен и безгрешен, тој стана смртен (трулежен) и огревовен. Секој човек на овој свет се раѓа со грев (носејќи го првородниот грев на нашите прародители) од кој се очистуваме со Светата Тајна Крштение. Како што смртта и гревот се неприродни карактеристики со кои човекот се раѓа, така и стравот претставува слична особина (како претходните две) со која се стекнува во животот.Човекот во животот се плаши од се и сешто, но најмногу од смртта. Зошто? Пред се поради неговата приврзаност кон овоземните работи: животот, кариерата, семејството и слично, но и поради неподготвеноста да се сретне со Створителот. Па како тогаш чевекот да се ослободи од тоа чувство на страв? Стравот не може да се искорени, но може да се замени со чувство на стравопочит, пред се кон Бога. Која е разликата помеѓу стравот и стравопочитта? За тоа ни говорти Библијата кога споредува два моменти од животите на Адам и пр.Мојсеј. Првиот, откако ја прекршил заповедта од Бога да не вкусува од плодот на дрвото на познавањето на доброто и злото, се уплашил, избегал и се скрил, додека вториот гледајќи ја грмушката која горела, но не изгорувала, немајќи храброст да погледне во истата, односно во Божествената слава, почуствувал стравопочит, но не избегал.
Слично постапиле и Јуда и Св.ап. Петар бидејќи и двајцата се откажале од Г.И.Х. Меѓутоа, првиот од страв и очаен безизлез посегнал кон својот живот, додека вториот со стравопочит и силно ПОКАЈАНИЕ ПОБАРАЛ ПРОШКА. Молитвата, милостината, покајанието, исповедтта и останатите христијански добродетели треба да бидат главни карактеристики и вредности на секој христијанин во животот кои редовно треба да се применуваат. Значи треба да имаме силна вера во милоста Божја и во Воскресението, верувајќи во вечниот живот и редовно пристапувајќи кон Светата Евхаристија подготвени како телесно, така и духовно. Тогаш и Бог ќе ни помогне за неприродниот човечки страв да исчезне од нашите души за да се исполниме со стравопочит, вера, надеж и љубов.
Посети:{moshits}