Прашање од Ангела: Каков е ставот на МПЦ и воопшто на Црквата , во однос на таканаречените исцелители.....
Одговор:
Откако отпаднаа сатаната и неговите ангели од небесата поради нивната гордост, ја загубија божествената благодат, односно силите и енергиите со кои ги заплискуваше Бог непрестајно и така, огревовени до дното на нивното битие, се претворија во демони. Обземени од најстрашен одмаздољубив бес бидејќи не можат да се вратат назад кон небесата, сите нечестиви сили и енергии се насочени кон земјата и кон човекот, како Божја лика и прилика, настојуваќи колку што е можно повеќе да го отргнат од Бога, да го насочат кон гревот и кон погибелта и смртта. Бидејќи демоните отпрвин беа создадени како ангелски бестелесни суштества иако по суштина се променија, по природа останаа, и затоа знаат по нешто од непроменливата Божја промисла и истото го злоупотребуваат настојувајќи кај одредени луѓе со слаб дух и вера да предизвикаат одредени ,,надприродни чувства,, наведувајќи ги дека се предодредени и од Бога ,,благословени,, со своите ,,дарби,, да им ,,помагаат,, на луѓето.
Измамените веруваат дека тие ,,дарби,, им се директен дар од Бога и светиите зашто неколку пати им се ,,јавиле,, во сон и ги благословиле и сл.
Меѓутоа и во Светото писмо е претскажано дека ќе се јават лажни исцелители и пророци кои ќе пророкуваат во името на Г.И.Х. Таквите гатачи, бајачи и исцелители цврсто веруваат и речиси никој не може да ги разубеди дека се измамени од нечестивиот, не знаејќи дека демонот искушува, со Божјо допуштение за да се види нашата вистинска вера. При едно такво искушение, нечестивиот на обманетиот може да му се претстави во лик на ангел, светител, па дури и Г.И.Х. ,,благословувајќи го,, со ,,натприродна сила,,. Доколку оној што го има тоа видение се прекрсти и помоли, ќе увиди дали тоа видение е од Бога или од нечестивиот.
Ставот на нашата црква е да се избегнуваат таквите луѓе за да не бидеме заведени и излажани од нечестивиот и со тоа да си ја осудиме душата на погибел. Единствениот место на кое што може да се приближиме до Бога (нормално, со вистинска вера во нашите срца) и да го добиеме бараното е во домот Божји т.е. во светите храмови.
Но постоеле, постојат и ќе постојат и вистински луѓе-исцелители кои имаат вистински дарби на пророкување и исцелување, но тие немаат свои ,,ординации,, по градовите и селата и не ги ,,рекламираат,, своите услуги по медиумите како лажните исцелители, гатачи и бајачи, но молитвено тихувајќи и молејќи се во манастирите и скитовите, се молат за здравје и спасение на сиот свет.
Посети:{moshits}