Затоа, деца, како православни ги отфрламе и двете крајности, кои се ерес. Го отфрламе екуменизмот, го отфрламе и зилотизмот. Не прифаќаме дека сме фундаменталисти, ниту екуменисти. Ние сме православни христијани, врамнотежени луѓе, го љубиме целиот свет, се молиме за целиот свет – преку Литургијата – не сме ние оние што ќе му судат на светот, Бог ќе му суди на светот. За нас, пропаста дури и на едно суштество е болка. Не сакаме ниту еден човек да исчезне од Божјото лице, апсолутно ниту еден.
Грижа за покојните
Смртта за христијаните не е крај, не е исчезнување, туку е граница, премин, и почеток на вистинскиот живот, кој зависи од тоа, што сме посакувале во овој земен живот. Оној кој ја познал Вистината – Христос, и кој се трудел да се кае за сторените гревови, да не греши, да Го љуби Бога и ближните, да се причестува со Телото и Крвта Христови, таквиот уште во овој живот го започнал рајскиот живот, таквиот ја победил смртта заедно со воскреснатиот Христос.