(Обновено)
РАЗМИСЛУВАЊА ЗА ПРИРОДАТА НА ЗЛОТО
о. Џејмс Торнтон
Читаме на различни места во Светото Писмо за средби меѓу Христос и Сатаната, или за луѓе опседнати од демони, или за делови што се однесуваат на самата суштина на злото. Таквите четива јасно ни илустрираат дека животот во овој паднат свет очигледно претставува вечен натпревар меѓу Доброто и Злото. Тој натпревар е причината за нашето присуство во црквата, и за нашето учество во Светите Тајни на Црквата како што се Крштевањето, Исповедта, Светата Причест итн. Тие го означуваат нашето предавање на Бога, и не закрепнуваат со Божјата благодат во нашите напори да преовладаме над злото.
Како христијани, потребно е потемелно да го разбереме овој феномен наречен зло, за да можеме подобро да му се спротивставиме. Затоа, да ја продискутираме накратко природата на злото, земајќи ги податоците првенствено од еден есеј издаден пред педесет години под насловот “Темнината на ноќта”, напишан од еден од големите православни теолози на дваесетиот век, о. Георгиј Флоровски. Она што следува е машавина од цитати и парафрази од коментарот на о. Георгиј.
Како е возможно злото да постои во свет создаден од Господ? Зашто злото е токму она што му се спротивставува и пружа отпор кон Бога, изопачувајќи ги Неговите замисли и одрекувајќи се од Неговите одредби. Како тогаш злото може да постои, ако се она што постои зависи од Господ за своето постоење?
Секогаш и секаде има причина и повод за нешто. Господ, всушност, е причина и повод за постоењето на скоро се. Но она што го причинува злото е многу необично. Причините и поводите за злото се секогаш невообичаени и се повеќе или помалку затскриени. Злото се истакнува од идеалниот “синџир” на Божјите универзални причини и последици; ги расцепува и обезличува овие нешта. Постои како соперник на Господ како Создател, но го зазема спротивното место—она на разурнувач. Господ Бог создава се, а злото презема на себе да уништи се.
Бог е изворот на секоја вистинска моќ, но сепак злото, коешто не произлегува од Господ, поседува вистинска моќ, вистинска сила, вистинска насилна енергија. Ова очигледно е загатка. Спротивставувањето на злото кон Неговите замисли е вистинско, а не имагинарно. Доброто во овој свет е сериозно ограничено и угнетувано од востанатото зло. Самиот Бог е зафатен во борба против овие сили на темнината, а сепак во оваа борба има вистински загуби и постојано слабеење на доброто; постојано, бидејќи како што доброто ќе живее засекогаш во Рајот така злото ќе живее засекогаш во Пеколот. Сеопштата хармонија, волево створена и воспоставена од Господ, е фрлена во раздор и разложена, а светот е паднат. Целиот свет, во оваа падната состојба, е опкружен од стушен самрак на ништожност. Повеќе не е истиот свет созерцан и создаден од Господ. Има морбидни промени, ново постоење—постоење кое е “лажно” а сепак вистинско. Злото додава нешто на она создадено од Господ; способно е да го имитира Божјото дело. Неговото постоење, неговата моќ, неговата способност да го спречи до некој степен Божјиот план за вселената, сеуште претставуваат целосна непознаница.
Но Бог има одговор за светот на злото. Бог всушност му одговори на злото еднаш и засекогаш преку Неговиот Возљубен Син, Кој дојде на земјата да ги понесе гревовите на светот и гревовите на човештвото. Како што еден руски писател од XIX век напиша, “Злото почнува на земјата, но го вознемирува Рајот, и предизвика Синот Божји да се спушти на земјата”. Божјиот одговор на злото беа Крстот, Распнувањето, Страдањето и Смртта на Овоплотениот Син. Злото му нанесе страдање на Господ и Тој го прифати страдањето до крај. Така Славата на вечниот живот сјае победоносно од гробот на Олицетворениот Господ. Страдањето и смртта на Исус Христос беа триумф, одлучувачка победа. Триумф, исто така, беше и Божествената Љубов, која што не повикува и не прифаќа, без било каква присила. Злото навистина го продолжува своето привидно постоење, но сега тоа е постоење опкружено во рамката на Божјата Љубов за нас.
Злото може да се дефинира како ништожност. Несомнено злото никогаш не постои само за себе, туку само во утробата на Доброто. Злото е чиста негација, лишување, осакатување. Но, иако злото е ништожна празнина, сепак е празнина која постои, којашто го голта и јаде битието. Тоа нема моќ да создава, но неговата деструктивна моќ е огромна. Злото никогаш не возвишува, туку секогаш унижува. Самото унижување на битието произведено од злото е огромно. Злото е хаотично; тоа е раздвојување, разложување коешто постојано тече, збрканост на целата структура на битието.
Во човековата личност, место или седиште на злото, е во она што Светите Отци на Црквата го нарекуваат “страсти”. Страстите се активни и ја имаат како вроден дел од нивната природа моќта да заведуваат. Луѓето, правилно кажано, не поседуваат страсти, туку страстите ги поседуваат нив. Човекот е притеснет и стегнат од страстите, особено оној дел што го засега неговиот потенцијал. Страстите се концентрација на космички сили кои го прават човековото битие роб и затвореник. Тие се слепи, и ги заслепуваат оние што ги запоседнале. Човек заробен од страстите веќе не делува по своја волја, туку страстите делуваат врз него. Тој дури и го губи сознанието дека е слободен причинител. Тој веќе не верува во слободата или во можноста да се биде слободен, туку главно му го припишува своето робување на некој детерминистички концепт за стварноста надвор од својата, или било чија, моќ да се справи со тоа. Како последица на неговата заробеност од злото, тој ја губи својата личност, својот личен идентитет и станува хаотичен, со повеќе лица, или поточно, со повеќе маски. Острастениот човек сведочи за својата активност и енергија, но тој всушност повеќе не е вистински слободен. Тој не е ништо повеќе од “клопче” од безлични влијанија. Овие влијанија го хипнотизираат и го држат во постојана надмоќ.
Во светот, злото ни се открива преку страдањето и тагата што ги гледаме околу нас. Светот е празен, студент, индиферентен, умртвена пустелија. Сите страдаме заради злото. Самото посматрање на сеопштото страдање предизвикано од злото може да не доведе до работ на очајот, ако си дозволиме да изгубиме надеж како што тоа го прават неверниците. Се е на некој начин затруено од злото и неговите злокобни сили.
Православната Црква поучува дека човекот станува навистина слободен кога ги поразува страстите кои го држат во заробеништво, кога ја потчинува грешноста на својата падната природа. Парадоксално, послушноста и служењето на Господ го водат човекот до вистинска, конкретна, стварна слобода што ја имаат усвоените синови Божји. Господ му наметнува сурова дисциплина на човекот што посакува вистинска слобода; дисциплина содржана во молитвата, постот, будноста, учењето, работата и службата. Но, во Господ, и во потчинетоста кон Него, човековата личност се обновува и повторно обединува во Светиот Дух и се здобива со вистинска и целосна слобода.
Во Светото Писмо Христос ги отфрла демоните од двајцата страдалници, и со Неговата моќ чудесно ги очистува овие луѓе од злите влијанија. Преку Неговата Црква, Православната Црква, Христос секому од нас ни ја нуди можноста да се бориме, да истраеме против, и да го поразиме злото, да го отфрлиме неговото влијание од нашите животи. Сатаната, од друга страна, гледа да не оддалечи од оваа цел и го користи секој начин да не измами. Ќе ни дошепне дека ни недостасува време или енергија за да се бориме против злото и дека сме неспособни, дури и со Божја помош, да успееме. Мора да им се спротивставиме на овие лаги!
Гревот и злото не прават робови. Кога го одбираме злото, правиме сериозна грешка и гревот почнува да не заробува. Оние кои, на пример, одбрале да користат дроги се често оковани од оваа навика за цел живот, додека смртта не ги затекне. Истото важи и за злоупотреба на алкохол, или коцкање како и други зла коишто ствараат лоши навики. Тоа се синџири околу нашите глуждови, затвори за нашите души и тела; не лишуваат од вистинска среќа во овој живот, а исто така ни ја загрозуваат и вечната среќа. Некои добронамерни луѓе се обидуваат да помогнат преку користење на методи кои не се потпираат на Бога, но таквите напори ретко помагаат.
Сепак има спас и за нив, ослободување за оние затворени во самосоздадените кафези на своите гревови. Тој излез е преку Христовото Евангелие. Господ не создал да биднеме среќни и слободни. Ни дал превласт нам, неговите возљубени суштества, превласт над целата вселена. Преку Него, преку верноста кон Неговото учење, може да го бараме правото да бидеме првородени, и така да го поразиме нашиот Непријател. Да ги свртиме нашите срца кон Христос, и Неговата Црква. Ако го сториме само тоа, ќе бидеме очистени и ослободени од оној Непријател чијашто најголема амбиција е нашето вековно затворање. Господ нека не заштити од таков Непријател!
Подготви: Бисера Ѓошевска