На празникот на Христовото Рождество во манастирот на свети апостол Павле, свети цар Јустинијан I и свети Климент Охридски во Хамзали, Струмичкиот Митрополит г. Наум го облече во монашка облека братот Теодор.
Во беседата, Отецот зборуваше за тоа дека во нашиот монашки подвиг не треба да му даваме значење на демонот поголемо од она што реално му е допуштено во домостројот на нашето спасение. Не смееме да му дозволиме да се наметне и да нѐ плаши, или пак да ја забележи нашата колебливост, затоа што тоа ќе го поттикне на напад кој може да го забави или оневозможи нашиот понатамошен духовен развој. После Христовото воскресение и Неговата победа над демонот тој е само играчка во нашите раце. Слично како кога на малите деца им се дава играчка преку која се вежбаат во разни вештини. Како што велат светите Отци: ако не беа искушенијата, кој ќе се спасеше?! Значи, ако не беше демонот како ќе се извештевме во борбата за познание на самите себе и како ќе станевме вешти борци?
Кога ќе застанеме на молитва доколку забележиме дека умот ни е расеан и дека разни помисли нѐ напаѓаат, тогаш треба да го пронајдеме оној ритам на кажување на молитвата што ќе го држи умот собран во зборовите на молитвата. Значи, молитвата ја кажуваме побрзо, дури и на глас за да не може умот да се задржи на некоја помисла. По извесно време помислите постепено ќе изгубат од силата, а и човек преку молитвата добива светлина во која гледа колку се безначајни тие помисли и престануваат да му бидат интересни за да се занимава со нив. Притоа постепено се враќаме на вообичаениот ритам на молитва во кој може повеќе внимание да обрнеме на покајанието. Иако, и во првиот случај човек може да го задржи тоа чувство и да ја кажува брзо молитвата.
Во моменти кога ќе претрпиме некаква повреда од нашиот ближен и кога молитвата станува расеана заради помислите против него, треба да почнеме да се молиме и за него и повторно да го побараме оној ритам на молитва кој ќе ни овозможи да го задржиме умот собран во Бог сѐ додека помислите против оној што нѐ повредил не нѐ напуштат.
Молитвата може да ја одржиме собрана и кога сме во гужва со многу луѓе и во голема врева, на тој начин што ќе ги опфатиме сите во молитвата, повторно барајќи го оној ритам на изговарање што ќе го држи умот собран.
Исто така многу е важно собраноста во молитвата да се пренесе и во Литургијата. Ритамот на Литургијата т.е. на читањето молитви, на пеење и на сѐ друго што се прави за време на Литургијата треба да е таков што ќе одржува собрана атмосфера, без да е пребрзо и еуфорично, или пак преспоро, здодевно и напорно. Секако, тоа најмногу зависи од оној што ја води Литургијата.
Потребно е во сите неволји и искушенија да црпиме радост така што ќе Му благодариме на Бог за сѐ и нема да враќаме на злото со зло. Тоа значи дека секогаш треба да го бараме Царството Небесно, а не царството земно.
И уште нешто, во овие денови на големите Христови празници како што е Христовото Рождество имаме посебна благодат што ни е дадена да влеземе во срцето, ако за тоа сме се подготвиле како што треба. Затоа, треба да пробаме да влеземе во срцето и молитвено да пребиваме таму, а не да го поминеме овој благодатен период во еуфорично празнување. Значи, треба да го бараме најнапред Царството Небесно, а не прво сѐ друго, па на крај и тоа. За да не излезе дека го празнуваме Христовото рождество без Христос.
според записот на присутните
Посети: {moshits}