Велика Сабота
„Кога си слегол кон смртта, Животе бесмртен, тогаш си го умртвил адот со болскотот на Божеството; а кога и умрените си ги воскреснал од бездните, сите сили небесни Ти викаа: Жизнодавче, Христе Боже наш, слава Ти“.
(Стихира од Утрената на Велика Сабота)
„Во Светата и Велика Сабота го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кој нашиот род од распадливост го повика кон вечен живот. Светата Четириесетница е поголема од сите други денови, а од неа, пак, е поголема оваа света и Велика седмица; а од Великата седмица повторно најголема е оваа Света и Велика Сабота. А Велика седмица се именува не затоа што има повеќе денови или часови, туку затоа што во неа се случија големи и натприродни чудеса и извонредни дела на нашиот Спасител, особено денес“. Вака напишале светите и божествени отци наши за оваа единствена и најтаинствена Сабота. Но зошто е таа толку значајна? Затоа што денес Животот вкусува смрт; Несместливиот е сместен во гроб; во мртвите се вбројува Оној, Кој од смртта е слободен; невечерната Светлина се јавува во мрак и смртна сенка. Во адот слегува Христос да го пронајди првосоздадениот, како изгубена овца; Синот Божји и Синот на Ева оди да ги ослободи од страдање заробените Адам и Ева.
Созерцавајќи ги овие потресни и неискажливи собитија, што се случија за наше спасение, верното Христово стадо во нашата обител, сплотено околу цветниот Епитаф, како образ на Христовиот Гроб, на Утрената богослужба во вечерните часови, умилително ги пееше трогателните химни од велипеточните статии. Славата на Спасителовото дело во адот, каде од смрт ги подигнува од веки умрените, торжествуваше на ѕвезденоликата молитвена литија со Христовата Плаштаница, околу храмот на Претечата. Но воскресенската радост како уште повеќе да завладеа во нашите срца за време на денешната великосаботна Василиева литургија, единствена по својата длабочина и убавина, отслужена во средината од храмот, на Епитафoт како престол, пред очите на сите верни. „Добро воскресение, добра Пасха!“ – им посака нашиот старец Партениј на многубројните притекнати Христови чеда, фрлајќи цвеќиња насекаде, како симбол на претстојната воскресна радост. Великиот воскресен пркимен што така силно одекна од певницата, веќе нѐ воведе во велигденското славословие.
Да побрзаме денес мисловно со Христа во адот да слеземе и со радост да видиме како Бог се помирува со луѓето; како себлагиот Господ ги ослободува осудените. По природа човекољубив, Он доаѓа со сила и власт да ги ослободи заробените, кои горката и нанаситна смрт ги проголтала и ги одвоила од Бога, и да ги приброи кон жителите на небото. „Станете – им вели Христос на оние во адот – да излеземе одовде; од смртта во животот, од жалост во радост, од ропство во слобода, од заробеништво во рајско насладување, од земјата на небото. Јас заради тоа и умрев и воскреснав, за и живите и мртвите да ги предводам; станете да си одиме одовде! Небесните наслеби се подготвени; ризниците на блага се отворени; Царството небесно од пред вековите е подготвено; човека го очекуваат блага какви што окото сѐ уште не видело, увото не слушнало, ниту, пак, на умот некогаш му паднале“.
Според неискажливата Твоја милост, Христе Боже наш, совоскресни ги нашите души заедно со Тебе, и удостој нѐ и нас, грешните и недостојните, со блаженставата од местото на Твојата вечна слава. Амин!
Воскресение Христово – Пасха
Каква е оваа радост, возљубени Христољупци, што со слово не се искажува? Какво е ова светлозарно славење? Какво е тоа изобилие на светлина и веселие? Од што денес така засветли Црквата? Што ја просветли така вселената? Што ја произведе таквата радост, убавина и светлина?
Христос воскресна од мртвите и целиот свет бескрајно се радува! Сјајните зраци на Христовата светлина насекаде се распрснаа; јасните ѕвезди на чистиот Дух силно блеснаа; небесните, пак, царски власти ја отворија ризницата на Бога! Мрачната смрт е уништена; непропадливиот животот е откриен за сите; Рајот е отворен и за сите достапен! О, длабочини необмисливи! О, висини неописливи! О, страшна тајна, што моќта на умот ја надминува! Еве ни дојде долг, вечен и неугаслив Ден: голема и таинствена Пасха! Радоста и веселбата денес се заповед! Ете, бесмртниот и великиот Христос се јавува пред сите, посветол од Сонцето! Кој е достоен да ја опее благодатта на овој блескав Ден? Кој така величествено ќе ја претстави силата на оваа тајна?
И навистина, како да ја опишеме пасхалната благодат со која Воскреснатиот оваа светлоносна ноќ ги распламти нашите срца? Или, пак, што прилежно можеме да кажеме за насмевките и солзите радосници, неискажливото ликување на стотици лица, озарени со божествена светлина? Таа тивка и неовоземна светлина, соедината со блесокот од кандилата и свеќите, силно разгорени од Благодатниот оган, кој традиционално и оваа година допатува од Ерусалим во Бигорската света обител, и со своето неземно сјаење ја направи воскресенската ноќ посветла и поблескава од најсветлиот и најсончев ден!
„Дојдете, примете светлост од невечерната Светлина и благословете Го Христа, Кој воскресна од мртвите!“ – како благоухано миро се разлеа низ храмот овој најпосакуван за душата повик, торжествено изговорен од устата на нашиот старец Партениј. Иако дождот овој пат ја попречи трикратната литија околу храмот, сепак, како нашите души да се построија во некоја мисловна ангелоукрасена литија, таму некаде горе на небесата, вкусувајќи сладост и од ангелското славословие.
Полнотата на радоста и поучението од светото Воскресение оваа ноќ, присутните ја допреа со трите пасхални беседи. Откако најнапред го прочита Велигденското послание на архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во кое оваа година посебен нагласок беше ставен на 45-годишнината од воскресението на најсветата Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, старецот потоа возглаголи и свое боговдахновено трогателно слово, кое не остави никого рамнодушен. Он со нескриен пасхален трепет, го истакна непроценливото значење на искупителната жртва на Спасителот за човечкиот род; ја истакна и возвишената Христова заповед за љубов кон Бога и ближните. Притоа исполнет со голема благодарност кон предците, не пропушти да ја спомене и нивната пожртвувана евангелска љубов и така силна вера во Бога, што тие, кога било потребно, и своите животи ги полагале за ближните и за национална и црковна слобода. Иако во тешки искушенија и многупати поробувани, сепак тие пребивале во слободата со која нè ослободи Христос, и од Него црпејќи сила, се изборија за придобивките што ние денес ги уживаме. Затоа наша света должност е најсовесно да ја чуваме оваа слобода што тие ни ја оставиле во наследство, како најсвет дар. Понатаму, старецот повика и на достојно почитување и славење на Господовите празници, со присуство и молитва во светите храмови, а не со суетни веселби, кои носат само штета на душата.
А на божествената Златоустова Литургија, пред самиот момент кога требаше сите да се соединиме со Христа преку Неговите Свети Тајни, старецот уште еднаш ги заслади нашите души, читајќи го со торжествен и свечен глас Пасхалното слово на златоустиот отец наш Јован – тој громогласен проповедник, насјветол и најблескав светилник на вселената, вистинскиот пастир и учител: „’Каде ти е, смрт, бодилото? Каде ти е, аду, победата?‘ Воскресна Христос (Воскресна!) и ти беше победен! Воскресна Христос (Воскресна!) и паднаа демоните! Воскресна Христос (Воскресна!) и се радуваат ангелите! Воскресна Христос (Воскресна!) и животот се насели! Воскресна Христос (Воскресна!) и ниту еден мртовец не остана во гробовите!“.
О, Пасха, велика и свештена и за целиот свет очистителна! О Христе, Слово Божјо, и Светлост, и Живот, и Мудрост, и Сила! Кои раце да не Те прегрнат? Кое срце да не Те привие на себе!? Кое грло достојно ќе Те восхвали!? Која солза е доволна да Ти благодари за Твоето славно Воскресение!? Дојдете сите вие, христољубиви, на Христа воскреснатиот со тело и душа да Му се поклониме, зашто Он со Своето Воскресение ги победи гревот и смртта, го разурна темното царство на злото, го ослободи заробениот род човечки и ја возобнови заедницата на љубов меѓу Бога и човекот. Нему нека Му е слава и благодарност, со Отецот и Светиот Дух, на единосуштната и неразделна Троица, сега, секогаш и во веки веков. Амин!
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!