Христос, радоста на сите, вистина, светлина, живот и воскресение на светот, во Својата љубов се откри на оние на земјата и Сам постана образец на нашето воскресение, дарувајќи им на сите божествено проштение.
Утрена, Лазарева сабота
Поуки од светите отци: Помирувањето со непријателот го смилостивува Бога, го прави благонаклонет спрема нас и лесно не избавува од гревот...
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Боже, Отче наш, читајќи ги зборовите на љубениот Син Твој и Господ наш Исуса, „по плодовите нивни ќе ги познаете“, се молиме: прими го нашиот скромен труд на христијански живот и христијанска љубов и покажи ни го патот на Твојата љубов во сите наши дела, мали и големи. Амин.
Читање од Светото Писмо:
Исаија 48, 17-22; 49, 1-4
Битие 27, 1-41
Соломонови Изреки 19, 16-25
Созерцание: Вака вели Господ, твојот Искупител, Светецот Израилев: Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш.
Исаија 48, 17
Подготви: А.Л
Икона на денот:
Светата маченичка Фотина
Таа е жената Самарјанка која ја имаше ретката среќа да позборува со Самиот Господ Христос, на Јакововиот извор кај Сихем (Јован 4). Откако поверува во Исус Христос, таа тргна да го проповеда Евангелието заедно со своите двајца синови Виктор и Јосија и со петте сестри, коишто се викаа: Анатолија, Фота, Фотида, Параскева и Киријакија. Тие дојдоа во Картагена во Африка. Но во времето на царот Нерон ги осудија и ги доведоа во Рим, па ги фрлија во затвор. По Божја Промисла Домнина, ќерката на Нерон, дојде во допир со Света Фотина и ја прими Христовата вера. После затворот сите пострадаа за Христа. Фотина ја фрлија во бунар и таму го заврши земниот живот влегувајќи во бесмртното царство на Господ Христос.