Г
осподи, доброволно Си ги раширил Твоите раце на Крстот, исполни нè со светлината Твоја во постот и молитвата, воздржанието и милостината и удостој нè да се поклониме на Крстот Твој со умилно срце, зашто Ти Си благ и човекољубив.
Вечерна воочи Крстопоклона Недела
Поуки на светите отци: Ако ти искрено и од срце простиш, Бог на истиот начин тебе ти простува.
Свети Јован Златоуст
Молитва:
Господи, Ти благодариме зашто со Крстот Твој си нè повикал во заедницата на Твојата света Црква. Дај ни секогаш да се сеќаваме на Твоите зборови полни со љубов: »Кога направите на еден од овие најмали, и Мене Ми направивте«. Научи нè да живееме по овие зборови.
Читање од Светото Писмо:
Послание до Евреите 10, 31-38
Свето Евангелие по Марко 2, 14-17
Созерцание: ...И Исус им рече: »Не здравите имаат потреба од лекар, а болните«.
Свето Евангелие по Марко 2, 17
Подготви: А.Л.
Икона на денот:
Свети Јаков Постник
Живееше во 6 век. Толку се восоврши во богоугодниот живот што со молитва ги лечеше најтешките болни. Но непријателот на човечкиот род наведуваше врз него силни искушенија. Така еднаш едни подбивачи испратија кај него една развратна жена. Таа се преправаше пред него и плачеше, а го навлекуваше на грев. Гледајќи дека ќе падне во грев Јаков ја стави својата лева рака во оган и ја држеше така додека не се испржи целата. Кога го виде тоа жената се исполни со страв и ужас, се покаја и го поправи својот живот. Но во друга прилика тој не му одолеа на искушението а падна во грев со една девојка којашто родителите ја донесоа кај него како избезумена за да ја исцели од лудилото. Тој навистина ја исцели, но потоа згреши со неа и за да го скрие гревот ја уби и ја фрли во реката. Тоа е вообичаено: од блудот до убиството нема многу. По ова Јаков поживеа десет години во еден гроб како покајник. Еднаш во време на голема суша од која страдаа и луѓето и животните, по неговите молитви падна дожд и по тоа позна дека Бог му го прости гревот. Овој пример е сличен на Давидовиот: свирепиот зол демон по Божјо допуштение може да ги собори и најголемите духовни џинови, но искреното покајание го привлекува Божјото милосрдие. А најголемите гревови биваат простени тогаш кога грешникот самиот си наложува сесрдна казна за гревот, таква што ги зафаќа сите длабочини на неговото битие.