Скопје, 4 февруари 2012 (МИА) – Со панихида и свежо цвеќе беа одбележани 140 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Митриополитот Полошко- кумановски г. Кирил во панихидата за Гоце и за другите жртви од илинденскиот период рече дека не пожалиле херојски да умрат за слободата на татковината, „за да живеат овенчани со ореолот на вечна слава“.
- Да ги почитуваме нивните пораки, аманети и совети, особено универзалната порака на сонцето на Македонија - Гоце Делчев: Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Нивните пораки да ги преточуваме во дело, за добробит наша и на македонскиот народ и за мир и благосостојба во саканата татковина Македонија, рече владиката Кирил на панихидата со која чиноначалствуваше Архиепископот г.г. Стефан.
Пред саркофагот во дворот на Св. Спас цвеќе положија делегации од Кабинетот на Претседателот и од Собранието на Република Македонија, делегација на Владата, во која беа министрите за култура и за транспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, претставници од АРМ, Сојузот на борците од НОБ, од манифестацијата „Говеци денови“, организатор на чествувањето, од Град Скопје, МАНУ, Институтот за национална историја, од Скопскиот и Штипскиот универзитет, Матицата на иселеници, претставници на политички партии, општини и од училишта, организации и здруженија што го носат името Гоце Делчев.
По повод годишнината од раѓањето на Делчев цвеќе беше положено и на неговите споменици на плоштадот „Македонија“ и во Градскиот парк.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задрганичен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница. хс/лв/13:06