Премиерот Груевски на средба со верските лидери:
„Религиозната толеранција е предуслов за кохезивноста на општеството.“
(28.12.2007)
Премиерот Никола Груевски денеска на традиционалната предновогодишна средба со претставници на религиозните групи и верските заедници во Клубот на пратеници рече дека Република Македонија е држава каде граѓаните со различна етничка и религиозна припадност живеат во меѓусебна толеранција и пријателство и слободно ја изразуваат и ја практикуваат својата религија.
Почитувањето на верските разлики, истакна Груевски, е и мора да продолжи да биде наша општочовечка фундаментална определба. Со тоа, според него, ја негуваме хуманоста, го јакнеме меѓуверскиот дијалог и одиме кон повисока афирмација на заемниот меѓуверски соживот.
- Нашата заедничка цел мора да биде градењето на религиозната толеранција како предуслов за кохезивноста на нашето општество. Сега повеќе од кога било потребно е реактуелизирање, воскреснување на религијата и моралот кој таа го проповеда во секој сегмент на секое ниво од општествениот живот бидејќи заради дисконтинуитетот на религиозно образование и воспитание наметнато од минатиот систем тоа им е потребно не само на младите генерации, посочи Груевски.
Благодарение на религијата, додаде тој, постојат многу повеќе работи кои не поврзуваат наспроти оние кои не разделуваат.
- Потребен ни е здрав религиозен живот, здрав религиозен морал кој, пак, од своја страна, ќе се манифестира на секој план и на секое ниво. Тогаш ќе нема потреба да признаваме и да толерираме различности. Тогаш ќе сакаме и ќе почитуваме личности. Сите ние припадници на различни верски заедници отсекогаш сме биле богољубиви и на збор и на дело, потенцира Груевски.
Тој нагласи дека Владата, согласно своите длабоки убедувања и определби, презема низа проактивни мерки во оваа насока и оти една од нив е воведувањето на предметите веронаука, етика и историја на религии веќе од следната учебна година со што ќе биде даден придонес кон вредносната ориентација и социјализација на младите генерации.
- Се наоѓаме на завршетокот на 2007 година. Ова е период кога кулминира прославувањето на големите верски празници. Пред една недела беше муслиманскиот празник Курбан Бајрам, туку што помина Католичкиот Божик, а веќе на прагот е прославата на православниот Божик. Овие свети мигови на славење и духовно восхитување и воздигнување се одлична можност да ги потврдиме вредностите во кои веруваме, но и да ја потврдиме заедничката заложба за остварување на целта која сите нас не обединува - Република Македонија држава со светла и просперитетна иднина, истакна премиерот Груевски.
Известува: МИА
ВЛАДАТА И ПОГЛАВАРИТЕ ЈА ОЦЕНИЈА УСПЕШНО 2007 - Марјан Николовски
„Државата и верските заедници оваа 2007 затворија две клучни прашања, што им дава право годината што измина да ја оценат како успешна во меѓусебните релации. Законот кој го уредува статусот на верските институции, по четири години преговори, конечно од мај 2008 ќе профункционира. По повеќе од една децинија, и веронауката, како изборен предмет влегува во образовниот систем во септември 2008-та.
-На тој начин испративме порака дека во Македонија се почитува мултиконфесиналноста, и сите ние сме подговени заеднички да работиме на светскиот мир, вели премиерот Груевски. ....“
Посети:{moshits}