Света Архиерејска Литургија во МПЦ „Свети Климент Охридски“ - Авон
Avon, USA - Во првата недела од месец октомври (02.10.2011г.) кога Автокефалната Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија го празнува големиот македонски светителски празник „Собор на сите македонски светии“ во МПЦ „Свети Климент Охридски“ од Авон, Охајо, надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-Канадски Господин МЕТОДИЈ отслужи Света Божествена Литургија во сослужение на парохискиот свештеник отец Васил Манасиев, отец Зоран Здравев - парох при МПЦ „Свети Никола“ од Грин, Охајо, секретарот на АКМПЕ ѓаконот отец Стеван Барјактаров и ипоѓаконот Крсте Гаговски. На Светата Литургија присуствуваше многуброен верен народ. За време на Богослужбата владиката го причести со Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, Божјото чедо Бона Кимевски, претседател на женската секција и член на контролната комисија на црквата. После Богослужбата Црковната управа имаше организирано празничен ручек - трпеза на љубовта за сите присутни. Претседателот на Црковната општина г-динот Павле Доковски ги поздрави и ги најави присутните гости и посебно се заблагодари на владиката што ете благослови да не посети и нас и тоа токму на ваков голем македонски ден. За време на ручекот учениците од неделното црковно училиште под водство на учителката г-ѓа Виолета поединечно рецитираа и кажуваа неколку песнички и изиграа неколку македонски ора. Откако заврши програмата на учениците молитвено се заблагодаривме на Бога за неговата милост и добрина што ни ги дарува секојдневно и за богато украсената трпеза на љубовта која беше подготвена од вредните раце на женската секција. На крајот, сите радосни, бакнувајќи ја десницата на Високопреосветениот наш архиереј дедо Методиј го испративме и посакавме повторно да ни дојде и да не посети, ветувајќи ни дека наскоро повторно ќе се видиме.
НА МНОГУ ГОДИНИ ВИСОКОПРЕОСВЕТЕНИ ВЛАДИКО!
Известува: о.Васил Манасиев
http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=1156&Itemid=2