„Дојдете собори на верните, дојдете празник да отпразнуваме, оти денес се покажа пресветлиот спомен на страдалникот Георгија кој, болскајќи со добродетели, невидливо ги просветлува срцата наши. Затоа, едномислено пеејќи, да речеме: Радувај се, воину на Великиот Цар Христос! Радувај се, пресветла похвало на верата! Радувај се, пресветол и пребогат маченику! Моли Го, преблажени, Господарот на сите – Христа Бога, да бидеме запазени од искушенијата на лукавиот, и да ги спаси душите наши.“
(Стихира од богослужбата на св. Георгиј)
Каква радост носи празнувањето во спомен на славниот великомаченик Георгиј. Неговиот светол пример оставил трага во срцата на сите оние што сакаат вистински да Го следат Христа. Зашто секој вистински следбеник Христов треба да биде и маченик во своето срце, и да биде спремен да изгуби сè, да претрпи сè, само да не остане без својот преблаг Спасител. А тоа значи, да го следи маченичкиот подвиг на светиот Победоносец Георгиј. Токму за ова зборуваше и нашиот старец архимандрит Партениј, во својата кратка проповед на вечерната празнична богослужба во чест на патронот на свештената Раичка обител, сакајќи така да го истакне значењето на секојдневниот маченички подвиг на вистинските христијани во оваа духовна пустина на современиот свет. Можеби затоа, чествувањето на светиот Победоносец и Великомаченик Георгиј, отсекогаш било од големо значење за нашиот многустрадален народ, а сведоштво за тоа е и свечената еордија, што секоја година традиционално се прави во прекрасниот и славен град Струга. Самиот збор еордија е од грчко потекло и означува празнување. Вака во Струга се нарекува ктиторската вечерна, која се прави веднаш после прославувањето на патронот на храмот. Ваквиот обичај во градот на мостовите се прави веќе стотици години наназад, како долг на стружани кон ктиторите на Црквата, меѓу кои имало и светогорски монаси од струшко потекло, како Калистрат Зографски. На вечерната, покрај молитвата за ктиторите, се правела и литија со чудотворната икона на св. Георгиј, која е постара од храмот и датира од 16 век. Големата почит на стружани кон својот свет патрон и заштитник на градот, која не престана ни во тешките години на комунизмот, со благослов на митрополитот Тимотеј, а во организација на игуменот на свештениот Бигорски манастир, о. Партениј и ѓаконот Василиј, поттикна да му се врати сјајот на ова многувековно торжество, збогатувајќи го и со носење на моштите на св. Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица. А милостивиот Бог, Кој со радост го наградува секое богоугодно дело, оваа година ги израдува присутните на литијата и со учеството на оркестарот при МКЦ на град Скопје, за што најзаслужен е директорот Златко Стефковски, како и професорот Илија Пејовски, со своите успешни оркестрации на воскресниот тропар и химната на Богородица „Возбраное“. Така после празничната вечерна богослужба, која во целост го исполни храмот на Св. Георгиј, големото мнозинство народ во свечена поворка се упати кон центарот на градот, проследена со знамиња, крстови, чудотворната икона на маченикот и неговите свети мошти. Всушност, присуството на моштите беше знак дека и самиот Победоносец духовно чекори со литијата, ги благословува сите и го осенува со неискажливо благоухание секој дел од старите струшки улици, бидејќи неговите свети мошти непрестајно благоухаат уште од првиот момент кога пристигнаа во својот дом во Рајчица, како подарок од познатиот архимандрит и агиолог со светогорско потекло, о. Епифаниј, долгогодишен пријател на скитот на св. Георгиј во Кавсокаливија, од каде што и потекнуваат овие мошти. Љубовта на сестрите во Рајчица достојно ги украси светите мошти со величествен цветен епитаф, кој беше радосно носен на рацете на видните струшки граѓани Новица Столески, Димитар Колоски, Благоја Милески и Душан Матоски. За оваа пригода цветно беше украсена и чудотворната икона на св. Георгиј, и положена на специјално изработена основа. Притоа не можеше, а да не се забележи и радоста на најмалите, кои на свој детски начин исто така им приредија свечен дочек на светите мошти и иконата, мафтајќи со знаменца и опсипувајќи ги светињите со цвеќиња, со радосниот поздрав „Христос Воскресна!“ Нивните весели и распеани детски гласчиња се мешаа со свечените акорди на оркестарот, кои насекаде одекнуваа и го зголемуваа празничниот амбиент. Радоста што се гледаше кај сите присутни во огромната поворка се одразуваше и на лицата на случајните поминувачи и бројните набљудувачи. Беше тоа една раскошна процесија, налик на оние што се прават во големите православни центри. Така, цела Струга ликуваше со овој велелепен настан, потсетувајќи се на старите славни времиња. По молитвите на нашиот старец Партениј и по застапништвото на светиот великомаченик Георгиј, да се удостоиме сите со неговото неискажливо маченичко трпение во страдањата, зашто во овој смртен живот нам постојано ни се наметнува потребата да претрпуваме нешто, а трпението ни е единствен начин да се спасиме и достојно да го носиме својот крст. Каква утеха ќе најдеме, каков мир ќе стекнеме, какви духовни плодови ќе набереме, доколку го усвоиме овој дух на Христово трпение. Тоа е мачеништвото и круната на секој верник Христов.Да најдеме и ние милост на судот Христов и да се удостоиме за Царството Небесно, заедно со маченикот и со сите оние што го чевствуваат неговиот свет спомен, во слава на нашиот Спасител Исус Христос, Кому заедно со Отецот и Светиот Дух, Му прилега слава, сега и во сите векови. Амин.