Христијанската благовест од почетокот била благовест за спасението. За Господ, сведочеле, пред сè, како за Спасител, Кој ги искупил своите луѓе од ропството на гревот и трулежноста. Смислата на спасението, пак, Црквата ја гледа во обновувањето на нарушената заедница на човекот и Бога, а тоа подразбира дека Искупителот истовремено е и Бог и Човек, т.е. Богочовек. Во спротивно, повторно соединување не би било можно, зашто како што вели св. Григориј Богослов: „Спасено е само она што е соединето со Бога“. Токму затоа и празникот на светото Благовештение го доживуваме со особена интимна радост.
На овој голем христијански празник, на ден 07.04.2011 година во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), игумен на Светинаумовата обител, протоереј Сашо Богданоски, свештениците Љупчо Симиџиоски, Игор Никовски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, а нашиот Митрополит му се обрати со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Светата православна Црква денеска ги повикува своите верници на голема радост со зборовите на старозаветниот пророк: „Пејте Му на Господа, благословувајте Го името Негово, благословувајте Го од ден на ден спасението од Него“ (Пс. 95, 2). Денес е почеток на нашето спасение и се јавува тајната скриена отсекогаш. На денешниот празник кој е радосен и торжествен, ангелите и луѓето, небото и земјата се соединуваат во еден неразделен хор прославувајќи ја големата Божја љубов кон луѓето. „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ (Лк. 1, 28), со трепетен глас воскликнал архангелот Гаврил кон Пресвета Дева. Благословувај ја земјо големата радост, небеса хвалете ја Божјата слава - пее со усните на верниците светата православна Црква. Причина на ваквата радост е во тоа што Синот Божји постанува Син на Дева, зашто неопходно било да се роди Бог во лик на човек на земјава.
Од Евангелието знаеме дека архангелот Гаврил и се јавил на Пресвета Дева во моментот кога таа ја читала книгата од пророкот Исаија и размислувала на зборовите: „Ете Девица ќе зачне и ќе роди Син“ (Ис. 7, 14). Во неа се родила помисла која ќе биде таа Голема Пресвета Дева, Небесна Господарка? И кај неа се родила желба и сакала да и служи на таа Госпоѓа и да ја види неспоредливата избрана девојка на земјава.
Пречистата Дева Марија не била вознемирена од јавувањето на архангелот Гаврил, затоа што тој и порано и се јавувал. Но, за прв пат се јавува со таква вест. Тој ја возвеличил Пресветата Дева нарекувајќи ја Благодатна. Зарадувана и за да не се зачуди што ќе биде после овие зборови веднаш и кажал дека таа ќе зачне и ќе роди Син. Во потврда на овие зборови и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус“ (Лк. 1, 30-31), но Пресвета Богородица зачудено запрашала: „А како ќе биде тоа кога јас не знам за маж? Архангелот и одговорил: Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лк. 1, 34-35). Со покорност и послушност ги примила овие зборови на небесниот благовесник: „Еве ја слугинката Божја нека ми биде според твоите зборови“ (Лк. 1, 38). И во тој момент, според зборовите на свети Јован Златоуст, Богородица го зачнала Господа Исуса Христа. Од овие зборови на Пресвета Дева се пројавуваат послушноста, покорноста на волјата Божја и нејзината готовност да послужи на големата тајна за спасението на човечкиот род.
Кога Господ нè повикува на послушност, со наша добра волја да исполниме едно или друго послушание, дали секој еден од нас е подготвен да каже: „Нека ми биде според твоите зборови“? На момент ја повикуваме волјата Божја дека сме подготвени да ја исполниме и велиме како што ти е тебе Господи угодно, но веднаш додаваме во себе: но нека се исполни така како што јас сакам. Волјата Божја, пак, се исполнува независно дали човекот сака или не сака, а Господ нè води сите кон спасение. Ние и самите за тоа се молиме: „Сакам или не сакам, спаси ме“. Нашето послушание треба да се пројави во исполнување на заповедите Божји. И без разлика колку таа да не ни е туѓа, волјата на луѓето секогаш се оддалечува од волјата Божја. Ние го знаеме патот на спасението, но многу брзо се оддалечуваме од него заради страстите, слабостите и пороците во нас, кои нè оддалечуваат од Бога. На денешниот празник се воспоставува натприродна врска помеѓу двете природи, божествената и човечката, кои поради паѓањето во грев на луѓето биле многу оддалечени една од друга. Доаѓањето на Христа во овој свет било неопходно заради нашето спасение. Развратот бил распространет по целата земја. Никакви морални принципи луѓето не почитувале, никакви авторитети не се признавале. Ниедна институција веќе не била здрава. Бракот се сквернавел, семејствата се растурале, општеството било труло, а сето тоа најдобро светиот апостол Павле го опишал во своето послание до Римјаните (Рим. 1, 21-32).
Наоѓајќи се човекот род во една ваква огревовена состојба пред доаѓањето на Христа на земјата, јасно е дека единствено Господ можел да ги препороди луѓето кои паднале во такви гревови за кои зборува апостол Павле. Господ Исус Христос тоа и го направил. Од волци луѓето ги направил да бидат како јагниња, од гонители смирени, од нечесни чесни, од неверни верни. Со Христа настапило ново време. Време на препород, време на ново доба. Затоа и Неговото раѓање кое ни е објавено претставува почеток на нова ера.
Сега ни е појасно за големината и значењето на овој празник и колку е блага веста што архангелот Гаврил им ја соопштил на луѓето преку Пресвета Богородица и Дева Марија.
Ние, луѓето, често ја посакуваме и ја бараме Богородичната помош и се утешуваме со неа. Честопати со нашите усни ја фалиме и преблагословуваме света Богородица, но со нашите дела ја разжалостуваме. Ние повторно и повторно Го распнуваме Нејзиниот Син, Тој Богомладенец Кого таа ќе го зачне во својата утроба и ќе го роди заради нашето спасение.
Но, драги браќа и сестри, да се обратиме со искрена молитва кон Преблагословената Богородица таа да нè утеши во овој живот и да ги отстрани сите таги и страдања. Таа да ни даде голема милост и голема сила, да ја следиме неа и да нè воведе во царството на Нејзиниот Син. Да го храниме духот на послушание и преданоста на волјата Божја во денешниот ден и во сите денови од нашиот живот. Вистински и искрено да ја прославуваме преблагословената Дева и самите себе и сиот наш живот на Христа Бога да му го предадеме. Амин!
Митрополит Тимотеј
Благовештение
07.04.2011 година, храм „Св.Софија“-Охрид