Според кажвањата на постарите членови на нашата Македонска православна црковна општина “Успение на Пресвета Богородица “ во Лос Ангелес ова е најпосетениот Божик од постоењето на заедницата. Божик, празникот на мирот, животот и вечното раѓање на Синот Божји ги собра Македонците од целата околина на Лос Ангелес. Црквата беше претесна да ги прими сите посетители, а присутните во неа искрено заблагодарија и се помолија на Богомладенецот Христос.
Верниот народ се причести со Светите Тајни Христови, а на крајот од Светата Литургија од име на најмладите членови на неделното училиште, Наташа Царовска прочита две песни посветени на празникот со што им го честита Божик на сите присутни.
Ја користиме оваа прилика од името на сите Македонци сплотени во нашата црква, на сите православни христијани и на луѓето со добра волја да им го честитаме Раѓањето Христово-Боѓик и да ги поздравиме со радосниот поздрав Христос се роди!
За Преминпортал: о. Ристо Ристовски