Празнувањето на светиот великомаченик Пантелејмон и свети Климент Охридски Чудотворец, патронот на Македонската црква и оваа година на најторжествен начин се прослави во неговиот манастир на Плаошник во Охрид, каде што почиваат неговите свети мошти. Чествувањето започна на 8 август со празнична Вечерна богослужба со која чиноначалствуваше надлежниот Митрополит г. Тимотеј. Наредниот ден, утрото се служеше Утрена богослужба по која следеше и света архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на повеќемина свештенослужители. Огромен број верници дојдоа да се поклонат на моштите од свети Климент, а меѓу нив беше и Претседателот на Република Македонија, неговата екселенција г. Ѓорѓе Иванов. Кон верниот народ Владиката се обрати со празнично слово кое во целост ви го пренесуваме.
Извор: http://www.dke.org.mk/novosti/novost.asp?PodatociID=642