Тоше со часови лежеше во олтарот на манастирот „Свето Преображение“, а негова желба беше поскоро завршување
Крушево во изминатите 40 дена е претворен во своевидeн македонски Ерусалим. Во едно ново духовно светилиште
БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА
КРУШЕВО - „Овде го наоѓам својот мир. Каде и да одам, знам дека по се', тука ќе завршам“. Oва се зборовите на Тоше. Ги изговори пред повеќе од една година. Таму некаде, високо, на Баба Планина, кај Крушево. Потпрен на ѕидовите на манастирот „Свето Преображение“, чие довр-шување остана како една од неостварените желби на момчето по кое сега тагува целиот Балкан. Кога по кобната смрт на Проески ја гледаме оваа негова порака, несвојствена за некого што имал само 25 години и чекорел кон светската слава, кој на ваков начин размислува за неизбежните моменти, едно станува јасно: со таква смиреност и предаденост кон Бога може да говори само вистински верник. А Тоше беше токму тоа. Верник со големо В. Всушност, сите карактеристики на Тоше заслужуваат да бидат напишани со големи букви. Човек со стакло чиста душа, велат неговите најблиски.
Владика Климент
Проески - образец во верата
„Од сето она што досега одблиску го видовме и доживеавме со благочестивото нажалено семејство Проески, ние како мајка Црква, им го предочуваме на своите верни чеда како вистински пример и образец во верата и побожноста.
Убеден дека денес, на 40. ден од неговото преминување од земјата кон небото, бесмртната личност на Тоше во радоста на ангелските сили им благодари на своите родители затоа што тие не само што телесно го родија, туку и духовно го воспитаа. А, го научија на најважното: како достоинствено и смерно да застане пред лицето на живиот Бог. Таму, пред престолот Божји, мил Тоше, спомни си за сите нас. Спомни си, онака како што ти тоа најдобро го правиш, со песна… убава македонска духовна песна”, вели г. Климент во изјавата за „Утрински весник”.
Затоа, не случајно, Крушево, највисокиот град на Балканот, во изминатите 40 дена е претворен во своевидeн македонски Ерусалим. Во едно ново духовно светилиште. Буквално ви го одземаат здивот зборовите на човекот што ги чува почивалиштата на Гумење кога ќе ви каже дека вечниот дом на Тоше еднакво го посетуваат и дење и ноќе. Навираат луѓе од цела Македонија, ама и од Словенија, Србија, Хрватска... На поклонение доаѓаат негови обожаватели, почитувачи, млади, стари, христијани, муслимани. Но, и луѓе со мака. Оставаат кадифени мечиња, златни предмети, стихови, пораки... Извесен Перак од Хрватска насликал портрет на нашата ѕвезда и на штафелај го оставил покрај неговиот вечен дом. Деновиве кога отидовме во градот на тагата и го посетивме домот на семејството Проески, Дора, сестрата на Тоше, онака, патем, скромно и ненаметливо, ни раскажа дека на почивалиштето на нејзиниот брат дошла и некоја жена. Им побарала фотографија на Тоше за да ја однесе дома, да помогне во излекувањето на нејзиното болно дете. Ова не е ни прв, ни последен пример, ама е силен знак дека луѓето препознаваат во Тоше нешто многу повеќе од поп-икона. Без малку чедо, син, човек Божји, кој овде имал своја мисија. Затоа дури сега зборовите на Тоше дека има „своја мисија да шири љубов меѓу луѓето“ го добиваат своето вистинско значење.
Сосема е извесно дека вечниот дом на Тоше, сепак, ќе остане на Гумење. Ако се почитува желбата на родителите, а во случајов таа треба да биде закон, во близината на градските гробишта ќе биде изградена спомен-црква во која веројатно ќе биде неговиот иден вечен дом. Не дека местото во алејата на великаните, каде што нашиот Тоше е спроти легендарниот Питу Гули, не е доволно достојно, но во услови кога манастирот „Свето Преображение“ е тешко достапно место, пред се' за најблиското семејство, а потоа и за сите добронамерници, црквата на Гумење ќе биде компромисно решение. Место од кое би бил задоволен и Тоше.
Изградбата на црквата, не значи дека семејството Проески ќе се откаже од завршувањето на манастирот. Тоа беше мисла водилка на Тоше, ама и дамнешна желба на крушевчани. Иницијативата за обнова на манастирот датира уште од 1987 година. Тогаш бил формиран и иницијативниот одбор во кој бил и таткото на Тоше, Никола Проески, но немањето пат било и се' уште е огромна пречка за завршување на манастирот. И за стасување до манастирот, подигнат „во небото до облаците“, во месноста Ручало, на околу 1.642 метра надморска височина. Поминувањето на тие фамозни 8 километри северно од Крушево деновиве и за нас останаа пуста желба. Тесниот и лизгав пат, во кој колата „потонува“ до каросеријата, едноставно не се минува. Таму се оди само кога денот е убав, а времето суво, велат крушевчани за ова култно место за нив, бидејќи на истата локација се пронајдени темели од храм кој датира од 11 век.
Крстот донесен од Ерусалим од прадедото Тоше го чувал како амајлија и бил секогаш со него
„Свето Преображение“ беше омилено место на Тоше. „Живееше со желбата манастирот да го види готов, со иконостас и фрескоживопис и со алфалтиран пат“, ни раскажа неговата сестра Дора. Во него влегуваше со огромна побожност, ги бакнуваше ѕидовите, знаеше и по еден час да лежи во олтарот, да се моли, вели. Во една пригода и самиот Тоше изјави: „Најголем проблем е непроодниот пат. Пределот е тешко достапен, со обичен автомобил тешко се стигнува, особено ако има дождови. Има уште многу да се работи внатре. Фреските, иконостасот, конаците за спиење... Горе нема ни вода, ни струја. Се работи на агрегати. Мајсторите мешаат на раце, не може машина да се пушти. Ама, татко ми е во право. Повторно, само со верба во Бога, ќе се заврши и тој проект... Од моментот кога татко ми стапна на тоа место и кога го постави првиот камен со свои раце, но и со моја помош, се случи пресвртница. Почнаа моите успеси, популарноста, финансиската стабилност и јас верувам дека е тоа Божјиот одговор на нашата верба во него. Вербата и среќата прават чуда...“
Речиси идентични размислувања слушнавме и од Дора, која покрај безмерната тага по Тоше, најде време да ги сподели сеќавањата и пред екипата на „Утрински весник“. Во семејниот дом, каде што во приземјето, далеку од јавноста, во една од собите тагуваат родителите Доминика и Никола. Премалени од болка, деновите ги минуваат во солзи и молитви за душата на своето чедо. Силно е чувството дека овде е епицентарот на големиот непребол, кој како концентрични кругови од Крушево ја зафати цела Македонија и се распространи низ Балканот. Неговите родители, како вистински христијани, го почитуваат крушевскиот обичај за 40-дневно ненапуштање на домот, освен за одење на гробишта.
Со намерниците комуницираат зетот Славе и ќерката Дора Ристески. Во горниот дел од куќата, во оној на Тоше, каде што се' е во знакот на прерано загинатиот миленик. Негови лични предмети, синтисајзерот... Онака како што било кога дента пред несреќата последен пат престојувал во домот. Само атмосферата ни одблиску не е иста. И тоа што покрај многуте фотографии на Тоше горат свеќи. Тагата буквално тежи, но во неа нема трагичен фатализам. Напротив, има едно огромно сведоштво за верата во живиот Бог, една посебна духовност, каква што во животот може да се сретне еднаш, два пати. „Не ја загубив верата во Бога. Напротив, таа сега е зголемена. Како Господ да го спаси од нешто пострашно што ќе му се случеше. Се молам и верувам дека ова е само физичка разделба“, ни објаснува Дора.
А Тоше, како голем верник, вели, со себе носел неколку крста. Но, еден секогаш бил со него. Внукот Кристијан ни го покажа омилениот крст на Тоше за кој Дора низ солзи раскажува дека бил во личниот багаж, кој им бил вратен по несреќата и, напоменува, дека нивниот прадедо го донел од Ерусалим. А токму Тоше летово имал можност да си ја оствари желбата и да го посети древниот град. Тивко ни кажува дека Тоше ги обиколил сите места низ кои некогаш минувал Христос. „На ѕидот на кој Христос се потпрел, вели, Тоше ја ставил својата рака и како да заборавил да ја тргне. Само тој плачел. Со многу набожност и емоции влегол и во реката Јордан, галејќи го омилениот крст“.
„Не можеше да се случи кога сме во кола и минуваме покрај патоказ за црква или манастир или, пак, крај место на кое некој настрадал, а Тоше да не го направи за него вообичаениот ритуал: ќе запреше, ќе го симнеше качкетот и очилата и ќе се прекрстеше“, со болка ни раскажа Андреј Николоски, прв братучед на Тоше. „Да, брат ми беше тој што беше единствен, се надоврзува Дора. Секогаш и на сите ни даваше сила. Беше шест години помал од мене, но секогаш го чувствував како Бог. Со децата беше дете, со возрасните - возрасен. Ми велеше: ’Со Бога напред и од ништо не плаши се‘. Сепак, при последното враќање по скопскиот концерт, како да ме пресекоа неговите зборови ’колку е убав животот, само да сака да потрае‘. Бев изненадена од тоа што го слушнав, го прашав зошто ми вели така. Ми одговори: ’Многу ни е убаво, цеце. Ни помогна Преображение. Види колку убави работи ни подари‘“.
Иако семејна слава на Проески е Свети Никола, празникот Преображение за нив, сепак, има огромно значење. Сега, сестрата и родителите во секој искажан збор бараат посебно значење, скриени пораки, претчувства... „Кога одевме на концертот во Скопје, во колата сите заедно, во еден глас ги пеевме песните на Тоше. Сега, со родителите се возиме накај гробиштата и во еден глас плачеме. Животот ни се смени од корен“, низ солзи ни раскажува Дора.
На разделба, нагласувајќи ја несебичната грижа на Тоше за сите на кои им е потребна, а за која не говорел ниту дома, таа го споменува и кучето Бас. Златниот ретривер во дворот, кој ја чувствува болката и тагата на семејството. „Ете, Тоше и него го згрижи, му нарача колиба. Обврската за домашното галениче е оставена на татко ми. Така му порача Тоше пред заминување“, се сеќава Дора.
Оставајќи ги најблиските на Тоше во голема болка која, сепак, чудесно прочистува и отвора нови димензии, непознати и тајни, спонтано навираат зборовите на свети Јован Златоуст. Неговите слова, колку и парадоксално да зазвучат за современиот човек, тие по посетата на семејството Проески откриваат нешто многу суштествено и егзистенцијално. Како сами да ни се наметнуваат зборовите на епископот кој им препорачува на своите верници дека ако сакаат да научат нешто повеќе и подлабоко за животот, да посетат куќа и дом не што слави, празнува и се весели, туку дом што жали и е обвиткан во тага. Ние бевме во таква куќа.
Оттаму до болка трогнува родителскиот проглас по повод денешниот помен за своето чедо во кој тие како вистински верници пред јавноста ја актуализираат мислата на многустрадалниот Јов: „Од Господа те добивме, на Господ те даруваме“. Се уверивме кој го родил, кој го одгледал, кој го воспитал и кој најмногу љубов вложил во нашата најголема ѕвезда, која секогаш вечно ќе сјае во нашите срца, нашата најсветла икона Тоше Проески. Нивната голема љубов и вера е посилна од смртта.
Утрински весник
Посети:{moshits}