ПСАЛМ 83
Копнеж за светилиште
1 Колку се мили Твоите живеалишта, Господи Саваоте!
2 Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
3 И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи Саваоте, Царе мој и Боже мој!
4 Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат.
5 Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
6 Преминувајќи ја Сушната долина, тие ја претвораат во извори, и дожд ја покрива со вирови;
7 минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион.
8 Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов!
9 Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
10 Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку - илјада дни надвор. Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието.
11 Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
12 Господи Саваоте, блажен е оној човек, кој се надева во Тебе!
ПСАЛМ 84
Молба Господ пак да го благослови народот спрема кого порано бил милостив
1 Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јаков.
2 Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови,
3 го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој.
4 Поврати нѝ, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас.
5 Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегаш гневот Свој од род во род?
6 Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нѝ оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе?
7 Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение.
8 Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Тој ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
9 Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја.
10 Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат.
11 Верноста ќе изникне од земјата, а праведноста ќе се појави од небото;
12 Зашто Господ ќе даде добро и нашата земја ќе го даде својот плод;
13 праведноста ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои.
„Ќе му пеам на Господа се додека постојам. “
Од преполнетото срце на Давида и другите псалмописци, се изли копнежот на секое срце човечко да заедничари со Бога да испроси од Бога прошка за согрешенијата, изливајќи го низ благопријатната песна своето покајание пред престолот Божји и од Сесилниот Господ да побара заштита од злото кое постојано го притиска.
Секоја Богобојажлива душа колку повеќе ги чита светите псалми се повеќе во неа се буди радоста која произлегува од посетата на Божјата благодат и се влева во неа мир и сигурност од закрилата на цврстата закрила Божја.
Господ наш Исус Христос ги посочува и како пророштва за она што стана со Него а заради нашето спасение /лк.24.44/.Светите Апостоли пак ги препорачуваат на верните за усовршување во верата/Еф.5.19/. Великите отци наши /св.Атанасиј Велики , св.Григориј Ниски , св. Јован Златоуст .../со голема радост говорат за нивната душеполезност во своите беседи и одговори на верниците за поуките од псалмите, препорачуваќи ги на верните што повеќе да ги читаат. Светата Црква поделуваќи ги во таканаречени катизми ги распоредила во богослужбениот неделен циклус со цел да се прочита целиот псалтир за една седмица, а за време на Великиот пост и два пати. За жал денес катизмите честпати се прескокнуваат на богослужбите од причини да се постигне во време и другите обврски да можат да се завршат, а ако се земе во обзир и тоа што во многу храмови не се служзи секојдневно/ да не бидам погрешно сватен ова најчесто се случува од практична па и финансиска невозможност/за да не се маргинизира псалтирот и верните да не се исклучат од големите дарови кои произлегуваат од неговото читање се препорачува на верните покрај молитвеното правило во своите молитви да го практикуваат и читањето на псалмите со голема богобојазливост за да нацрпат од овој благодатен извор многу дарови за своја душевна полза - за мир, утешение, здравје и спасение .Амин!
о. Горан Тасески
ПСАЛМИ
Вовед
Псалмите се најдолгата книга во Светото Писмо. Тие се песни кои се пееле со музичка придружба, или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од Давид, но има и од други писатели, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон и потомците на Кора. Овие песни биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на израилскиот народ.
Името Псалми потекнува од насловот на оваа збирка песни во грчкиот превод на Стариот завет.
Сто и шеснаесет псалми содржат пред-текст кој дава податоци за потеклото, видот и музичката придружба на соодветниот псалм. Можат да се издвојат повеќе видови псалми, меѓу кои:
1. Химни, или славословија кои Го слават Господа. Такви псалми се: 8, 9, 32, 99, 102-104, 110, 112, 113, 116, 134, 135, 144-149.
2. Псалми во кои Господ е прикажан како Цар: 46, 92, 95-98.
3. Псалми за владетелите: 2, 17, 19, 20, 44, 71, 88, 100, 109, 143.
4. Сионски песни: 45, 47, 75, 86, 131.
5. Псалми за верата во Бога: 1, 36, 48, 72, 77, 111, 118, 126, 132.
6. Псалми испеани во неволји: 11, 43, 57, 59, 73, 78, 79, 82, 84, 89, 93, 105, 107, 122, 125, 136
7. Молитви упатени кон Бога, поради несреќи: 5-7, 12, 16, 21, 24, 25, 27, 30, 34, 37, 38, 40-42, 50, 53, 56, 58, 60, 62, 63, 68–70, 85, 87, 101, 108, 119, 129, 139-142.
8. Благодарствени псалми: 9-10, 29, 31, 33, 39, 91, 106, 115, 117.
Инаку и Исус пеел некои псалми, заедно со Неговите ученици (види Мр. 14,26).
Псалмите се цитирани повеќе од сто пати во новозаветните книги. Некои псалми содржат прототипови за Личноста на Исус Христос. На пример, псалмите 21 и 68 ги претскажуваат Христовите страдања, додека псалмите 15, 109 и 117 содржат елементи на Христовото воскресение и слава. Псалми во суштина се состои од пет книги и тоа: 1. Пс. 1-40, 2. Пс. 41-71, 3. Пс. 72-88, 4. Пс. 89-105 и 5. Пс. 106-151.
Извор: БИБЛИЈА
Друго:
Ново издание од Повардарската епархија (18.02.2010)
20 Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ќе ме оживееш, и пак ќе ме изведеш од земните длабочини.
21 Ќе ми го зголемиш достоинството и пак ќе ме утешиш.
22 И јас ќе ја славам на харфа Твојата верност, Боже мој; ќе Те воспевам на лира, Светецу Израилев!
23 Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
24 И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.